Валентин Светозарев: Секојдневно се среќавам со „ореови лушпи”. Улогата на крал многу често успешно ја играм

Ако успеат сите наши креативни енергии да воскреснат во симбиозата на убавото, публиката на „Зимска приказна“ ја очекува несекојдневно пријатно доживување полно со песни, лесни заплети, убави магични простори и смеа  

Пишува: Љубица Ангелкова

Валентин Светозарев е уметник кој со своите сценографии ги претвора илузиите во соништа и реалност, а реалноста во раскошен свет на театарот повеќе децении, градејќи го визулениот простор на актерските, оперските и балетските дела. Изминатиот период работеше на реализација на еден голем мултимедијален спектакл кој деновиве се случува во Битола (29, 30 и 31 декември), на осумдневниот фестивал „Зимска приказна“, кој во градот веќе втора година создава настан со кој привлекува публика од регионот. Тоа е непосредниот повод за ова интервју.

Што го прави овој спектакл посебен, кој е всушност адаптација на приказната „Снежната кралица“ на Ханс Кристијан Андерсен?

– „Зимска приказна“ се стреми и сака како и секое вистинско уметничко дело да биде посебно доживување и остварување на една поголема група ентузијасти од разни генерации и професии споени во големата идеја наречена театар. Излегувањето од „црната театарска кутија“, филмсамбиент на една од фасадите на Офицерскиот дом, 3Д-мапингот, музиката компонирана специјално за овој проект, актери, аматери актери и членови на КУД „Илинден“, мирисите од новогодишните куќарки поставени околу сцената се само некои од посебностите на овој проект. Секако останатите нешта ќе ги доживеете присуствувајќи на нашите изведби на вечерва и утревечер.

Една од дефинициите на сценографијата е дека е таа архитектура во посебни услови. Вие сте по професија архитект. Како е да се создава сценографија на архитектонско здание како што е Офицерски дом во Битола?

– Мојот професор Владимир Ѓоргиевски ја дефинираше архитектурата како филозофија на просторот. Мојата пак омилена дефиниција на сценографијата е филозофија на времето и просторот. Токму овие два инструмента ќе пробам да ги разиграм врз зградата на Офицерскиот дом. Нивниот виолински клуч ќе биде светлото и сенките.

Сцената е една врска на полигон и има свои законитости-простор за игра, брзи промени хармонизирани со дејствието… Што да очекува публиката од овој мултимедијален перформанс?

– Мислам дека ако успеат сите наши креативни енергии да воскреснат во симбиозата на убавото, публиката ја очекува несекојдневно пријатно доживување полно со песни, лесни заплети, убави магични простори и смеа. Главна инспирација за ова, а и за сите останати претстави ми е играта, таа е специфична и уникатна за оваа и само за оваа претстава. Овој пат јас сум многу подиректно присутен во целосниот уметнички чин, па преку своите „слики“ и „простори“ и самиот си играм.

Кои се важни фактори кои влијаат првичната идеја во пракса да се модифицира и колку е дозволена слобода на уметничкиот израз на Вашата поетика и естетика?

– Се сметам себеси за доволно искусен уметник и сценограф, па си земам слобода да го парафразирам Шекспировиот „Хамлет“ – „Можете да ме затворите и во ореова лушпа, а јас пак да се чувствувам како крал на бескрајниот простор“. Секојдневно се среќавам со „ореови лушпи“ од различен карактер. Улогата на крал многу често успешно ја играм.

Конечниот изглед на сцената е сепак продукт на нешто што можеме да го наречеме преговарачки процес?

– Па не би го употребил тој израз. Сакам да верувам дека правам (дизајнирам) играчки, со кои едни големи деца (глумци) често пати се заигруваат. Само со таква верба (можеби и лажна) почнувам на ново и на ново во секој следен проект и така триесетина години.

Дали сакате да набљудувате како реагира публиката кога се случуваат промените во сцените или кога има сценски ефекти во проектите на кои работите?

– Секој од нас веројатно има свој начин на гледање и доживување на претстави. Кога гледам „свои“ претстави сум под благ стрес, затоа што јас го гледам и она што обичната публика не го гледа. Така што многу ретко погледнувам кон останатиот дел од публиката. Но обично на крајот за време на аплаузот мислам дека многу често можам точно да го почувствувам и препознаам колективното доживување.

Во овој проект користите 3D mapping, совршена техника за динамична виртуелна сценографија. Колку кај нас тоа досега имало примена?

– Нескромно ќе кажам дека во Македонија (а и пошироко) заедно со мојот голем пријател, починатиот режисер Владо Цветановски и брат ми Сашо Светозаров сме пионери на нешто што денес се вика видеомапинг. Некаде во 90-тите години направивме една претстава која се викаше „Евангелие по сенките“ по текст на Владо Цветановски и Владо Ѓоревски каде што за прв пат употребивме видеопроектор. Во тоа време (а и денес) чудо на техниката кое чинеше фантастични 15.000 долари. После неколоку години следуваше „Осмото светско чудо“ на Јордан Плевнеш, па „Ромео и Јулија“ со режисерот Пројковски за отворањето на „Охридско лето“ итн. Да зборувам колку во овие 30 години техниката се софистицира е излишно. Сега некои нови „клинци“ како мојот син Сергеј Светозарев – графички дизајнер и сценограф се моја десна рака при секое мапинг патување.

Работите доста и надвор од Македонија. Која е разликата да се биде сценограф тука и во развиениот свет?

– Театарот е како фудбалот. Не очекувајте по секоја цена дека „развиените“ земји имаат и таков театар. Тоа се разликува од земја до земја. Ние на Балканот имаме исклучително силен театар. Само што не секогаш и не секаде го вреднуваме и сме свесни за тоа. Тоа е можеби и најголемата разлика меѓу нашиот и светскиот театар.

Сподели