По долга борба со ракот на дебелото црево, вчера на 82-годишна возраст почина легендата на бразилскиот фудбал Пеле, во болница во јужниот дел на градот Сао Паоло. Бразил се збогува со легендарниот фудбалер Едсон Арантес до Насименто Пеле, а е прогласена седумдневна жалост во сојузната држава Сао Паоло, додека џиновскиот споменик на Исус над Рио де Жанеиро свети во зелената и жолтата боја на националното знаме. Пеле трипати го освојуваше Светското првенство со Бразил.
Во својата последна порака пред смртта која ја дочека јавноста се обрати на Килијан Мбапе, кој го собори рекордот на Пеле за најмногу голови на светските првенства во конкуренција на играчи под 24 години.
– Ти благодарам Мбапе. Среќен сум што на ова светско првенство собори уште еден од моите рекорди“ – порача Пеле.
Од клубот „Сантос“ сооштија:
„Сантос длабоко жали за смртта на најдобриот фудбалер на сите времиња, човекот кој на светот му го донесе името Алвинегро Прајано (бело-црниот од плажата). Нашиот најголем идол кој го овековечи дресот со број 10 и го претвори во дело на уметност“, се вели во соопштението.
Едсон Арантес до Насименто Пеле е единствениот фудбалер во историјата кој освоил три Светски првенства (во 1958, 1962, 1970 година). Во текот на кариерата за Бразил одигра 92 натпревари и постигна 77 гола. Пеле го држеше рекордот по постигнати голови за националниот тим до неодамнешното Светско првенство во Катар, каде Нејмар го повтори достигнувањето.
Во 2000 година, ФИФА ги прогласи Пеле и Диего Марадона за најдобри фудбалери на 20 век.
Фотографија: Јутјуб





