Македонија на исток се граничи со Албанија, Монт Еверест е висока 29.035 метри – МОН ќе бара одговорност за пропустите во новиот учебник

Недозволиви се вакви пропусти во време кога во Македонија се случуваат најкрупните образовни реформи досега, реагираше денеска Министерството за образование и наука по бројните реакции во јавноста на новиот учебник по Историја и општество за 5. одделение.

Во учебникот се провлекле низа недоследности, грешки и неточни информации – дека Македонија на исток се гранични со Албанија, највисока планина во светот е Монт Еверест со 29.035 метри надморска височина, а најниска точка е Мртво Море со 1.400 метри под морското ниво (во случајот, не се конвертирани мерките од стапки во метри). Авторки на учебниците се Анита Ангеловска и Гликерија Илиоска, а како рецензенти се потпишани Беса Хавзиу-Исмаили, Анета Соклевска и Виолета Шурбановска. Учебникот деновиве им беше предаден на учениците, бидејќи не беше готов на почетокот на школската година.

– Министерството за образование и наука и Педагошката служба започнаа процес за утврдување на причините за пропустите при одобрувањето и издавањето на учебникот по Историја и општество за 5. одделение, во кој се констатирани низа грешки и нелогичности, кои секако, не смееја да се дозволат – соопшти МОН.

Преку Националната комисија за учебници како највисоко тело во процесот на одобрување на учебници, МОН веќе побара информации за целиот процес на одобрување на конкретниот учебник. По добивањето на извештајот, министерот за образование и наука ќе даде конкретен предлог што панатаму да се преземе.

– Во време кога во Македонија се случуваат најкрупните образовни реформи досега, со интензивни инвестиции во унапредување на инфраструктурните услови, подигнување на мотивацијата на наставниот и стручниот кадар во училиштата и се изработуваат нови наставни програми и учебници, недозволиво е да се случуваат вакви пропусти. Сепак, учебниците се една од основите за квалитетен воспитно – образовен процес. Потребен е максимален ангажман и одговорност од сите чинители кои учествуваат во процесот за градење на поквалитетен образовен систем во интерес на сегашните и идните генерации, а со тоа и во интерес на државата – соопшти МОН.

Тие упатија апел до сите автори и рецензенти и од Бирото за развој на образование и членовите на Националната комисија за учебници, да ја подигнат личната одговорност и посветеност, затоа што во овие прилично комплексни процеси.

(В.И.И.)

Сподели