Ангела Димеска го сними краткиот игран филм „Кутии“ во Скопје

На неколку локации низ Скопје изминатиот период се снимаше новиот краток игран филм на младата режисерка и сценаристка, Ангела Димеска. Во реализацијата на овој нов македонски краток игран филм е вклучена екипа која брои повеќе автори и филмски професионалци. Во филмот главен лик е Даниела Ивановска, заедно со Билјана Јовановска, Филип Трајковиќ и Жаклина Стефковска. Кинематографер е Дејан Димески, костимографер на филмот е Емилија Ивановска Атанасовска, сценограф е Влатко Зафирковски, монтажер е Владимир Митревски, а продуцент – Огнен Антов.

Краткиот игран филм „Кутии“ е во продукција на „Контраст филм“, во соработка со „Дрим Фектори Македонија“, а доби финансиска поддршка и од Агенцијата за филм. „Кутии“ ја следи приказната на Лидија (Даниела Ивановска), жена која сакајќи да го подобри егзистенцијалниот статус на своето семејство и здравствената состојба на својата ќерка, станува дел од нелегалниот бизнис со дрога на нејзината пријателка Марија (Билјана Јовановска).

Ангела Димеска е режисерка од младата генерација македонски режисери, чиј опус вклучува неколку кратки играни филмови и телевизиски проекти. Нејзиниот дебитантски краток игран филм „Перики“ е прикажуван и наградуван на десетина престижни филмски фестивали.

Сподели