Идејата е од пред две години, на проектот му претходеше радио-драма според расказите на Бужаровска на „Клуб радио“ во 2021 година, вели Златко Панзов
Театарската претстава „Мојот маж“ (A Férjem) според истоимената збирка раскази на познатата македонска писателка Румена Бужаровска, во четвртокот премиерно беше прикажана во Будимпешта. Поради огромниот интерес на 9 декември беше реализирана уште една изведба. Премиерата предизвикала огромен медиумски интерес, а збирката раскази од Бужаровска годинава доживеа и второ издание на унгарски јазик.
Идејата за заедничкиот унгарско-македонски уметнички проект „Мојот маж“ е на актерките Естела Левко, Жужана Сагер и Златко Панзов, лектор по македонски јазик на универзитетот ЕЛТЕ, кој и им ја предложил збирката раскази „Мојот маж“ од Румена Бужаровска. Така актерките го создале својот прв заеднички меѓународен проект што преставува спој на театар и визуелни уметност.

Златко Панзов
– Идејата е од пред две години, на проектот му претходеше радио-драма според расказите на Бужаровска на „Клуб радио“ во 2021 година, а на 10 ноември годинава се одржа и вечер насловена Storytelling, концепт што за првпат се реализира во Унгарија, сличен на веќе добро познатиот концепт „Пич прич“ во Македонија – вели Панзов.
Актерките велат дека Бужаровска преставува свеж, балкански женски глас. Нејзините раскази прецизно ја претставуваат променливата посткомунистичка, патријархална стварност на регионот, кој се карактеризира со присутност на родни стереотипи што често ги стигматизираат жените. Сценската адаптација на „Мојот маж“ е во режија на Андреа Пас, а визуелниот дел го осмислила наградуваната уметница Андреа Фајгерне Дудаш.

Естела Левко
Естела Левко e професионална актерка. Се стекнала со диплома на European Theater Arts на Rose Bruford College of Theatre and Performance во Лондон, а студирала и на Институтот за кинематографија Герасимов во Москва. Од 2008 година соработувала со неколку познати европски театарски групи. Работела во полскиот авангарден театар OPT Gardzienice, и била дел од продукцијата на италијанскиот режисер Пипо Делбоно: Хенри V од Шекспир, потоа соработувала со меѓународно признаените Compnie Philippe Genty од Франција, словенечката театарска трупа ViaNegativa и театарот Гергеј Цики од Темишвар (Романија). Работела како актерка во повеќе државни и независни театри во Унгарија: театарот „Барка“, „Трафо“ и „Театар РС9“ сите во Будимпешта. Се појавува во унгарски ТВ серии и меѓународни филмови селектирани од неколку престижни фестивали ширум светот.

Постер на „Мојот маж“ на унгарски
Водела работилници за физички театар во Унгарија, Словачка, Полска, Јапонија, Италија и САД. Покрај професионалната театарска кариера магистрирала културна антропологија на Универзитетот ЕЛТЕ во Будимпешта. Во 2016 г. врши теренско истражување во Иран. Нејзиното истражување се фокусира на политичките аспекти на современиот ирански театар и танц. Делови од нејзиното истражување се објавени на унгарски јазик. Во моментов живее и работи во Будимпешта. Една е од основачките е на Hungary L!ve International Art Fondation, уметничка платформа за меѓународна соработка и промовирање на унгарската современа уметност во меѓународни рамки.
Жужана Сагер се школувала во HB Studio и William Esper Studio, Њујорк, САД. Била дел од 13th str. Repertory Theater, театарот Гергеј Цики од Темишвар и Budapesti Kamara Színház. Одиграла повеќе од триесет театарски улоги и е добитник на најзначајните театарски награди во Унгарија. Била дел од многу унгарски и меѓународни ТВ и филмски проекти, игра улоги во неколку американски серии кои се прикажуваат на Netflix и HBO.

Жужана Сагер
Андреа Пас, режисерка на претставата „Мојот маж“ вели:
– Еднаквост. Многу зборуваме, слушаме за тој концепт, на него се темелат многу кампањи, компаниите го ставаат на своите логоа како слоган, како услов за просветлен, модерен однос, но дали сме свесни што значи да се постои биде рамноправен партнер во една врска? И дали навистина го сакаме тоа? Всушност, малкумина се оние што можат да кажат дека си го живеат својот живот во вистинско партнерство со својот партнер – вели таа.
Во претставата сопруги, љубовници, мајки, вдовици ги разоткриваат сопствените судбини, понекогаш трагично, понекогаш со иронија и хумор. Низ сопствените приказни тие жени имаат можност да се покажат себеси, своето опкружување, своите стравови, тајни, желби, како и општествените норми што ги дефинираат нивните животи.
– Возбудлив и единствен аспект на текстот е дека прикажаните жени не се свети и беспрекорни суштества. Туку напротив! Несигурни се, дрски, свирепи, прељубници, ситничари; често негативци во сопствените приказни. Тие жени (како и нивните мажи) се жртви на скаменетите општествени механизми – се вели во најавата за претставата.





