Откако одново почна да се негира македонскиот јазик, почна бесконечно набројување и повторување на неколкуте места каде што се изучува македонскиот јазик како доказ колку македонскиот јазик е застапен. Реалноста е поинаква, вели м-р Златко Панзов, лектор по македонски јазик на Институтот за славистика и балтичка филологија при Универзитетот ЕЛТЕ, Будимпешта

Колку Македонија како држава го поддржала Лекторатот по македонски јазик во Будимпешта?! Треба премногу да го напрегнам умот за да се сетам на некаква поддршка… Имаме најниски плати во образовниот систем во Македонија, а живееме во странски земји, предаваме и го негуваме македонски јазик, создаваме нови говорители и преведувачи, ја промовираме државата, вели м-р Златко Панзов, лектор по македонски јазик на Институтот за славистика и балтичка филологија при Универзитетот ЕЛТЕ, Будимпешта, докторанд на Докторската школа за книжевност при ЕЛТЕ. Од 2003 година се занимава со превод на книжевност од унгарски на македонски јазик.

М-р Златко Панзов

Досега сам или со Анамарија Цинеге-Панзова превеле околу 40 наслови од современата и класична унгарска книжевност. Панзов живее во Будимпешта, со извесни паузи, од 2008 година. Во Лекторатот почнал да работи во 2017 година. Со него разговараме за состојбата со лекторатите по македонски јазик, особено на тој во Будимпешта, за можностите, за лажните политички ветувања, за промоцијата на макеоднскиот јазик и култура во светот.

Лекторатот по македонски јазик во Будимпешта е отворен во учебната 1988/89 година. Како осцилира во овие 33 години?

– Точно така, Лекторатот е отворен во учебната 1988/89 година. Голема помош при изучувањето на македонскиот јазик во Будимпешта има дадено професорката Терез Наѓпал, професорка по бугарски јазик. Меѓу лекторите кои предавале на Лекторатот се вбројуваат: Димитар Пандев, Кита Бицевска, Ванчо Тушевски, Бранислава Драговиќ, Огнен Вангелов и голем број на студенти ја имаат посетувано наставата по македонски јазик. Дел од тие студенти се денешните ретки и единствени преведувачи од унгарски на македонски јазик. Анамарија Цинеге-Панзова е една од нив, која часовите по македонскиот јазик ги посетувала кај лекторката Бранислава Драговиќ.

Промоција на четворица млади македонски писатели

Освен преводите од унгарски на македонски јазик, таа e единствена која преведува литература од македонски на унгарски јазик (превела на унгарски дела од Лидија Димковска, Венко Андоновски, Гоце Смилевски, Ненад Јолдески, Фросина Пармаковска, Петар Андоновски, Давор Стојановски, Александар Прокопиев и др.). Лекторатот во изминатите 33 години има свои подеми и падови. Во 2017 година постоеше вистинска опасност да згасне, но успеавме да го зачуваме и се надевам дека со мојата работа успеав да ја зацврснам неговата позицијата и да го направам еден од најактивните македонски лекторати во моментов.

Колкав е интересот на Унгарците да го изучуваат македонскиот јазик?

– Во последниве години има зголемен интерес за изучување на македонскиот јазик. Но интересот зависи од видливоста на Лекторатот, од неговата промоција, застапеност и достапност до студентите (или други заинтересирани за јазикот). Освен активното учество на сите настани на Универзитетот ЕЛТЕ, за поголема промоција на македонскиот јазик, почнав да организирам сопствени настани. Почнав со промоции и гостувања на македонски писатели во Будимпешта, студентите имаа можност да ги запознаат Румена Бужаровска и Лидија Димковска, а потоа сфатив дека треба да се организира нешто поголемо, па така настана манифестацијата „Денови на македонска култура во Будимпешта“. Секако, и со редовна застапеност на социјалните мрежи на кои студентите можат да видат како се одржуваат часовите, да ги следат активностите во кои се вклучени нивните колеги, настаните што ги организираме, можностите што ги нудат Зимската и Летна школа за македонски јазик итн.

Од промоцијата на „Мојот маж“ од Румена Бужаровска (во средина)

Се трудам редовно и што повеќе Лекторатот да биде застапен и вклучен во најразлични активности. Во изминатиов период наставата по македонски јазик ја следат 25-30 студенти во семестар. Со почетокот на пандемијата имав извесни стравувања во однос на континуитетот и зголемувањето на бројот на студенти, но минатиот семестар ме демантираше – 35 студенти ги следеа предметите по македонски јазик на онлајн платформите што ги користевме на нашиот универзитет.

Каква е поддршката на Македонија како држава на лекторатите?

– Со доаѓањето на проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска на чело на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура се подобри комуникацијата на лекторатите со Меѓународниот семинар, а и меѓусебно, се реализираа многу иницијативи и идеи, добивме нови учебници, поддршка во нашата работа, за првпат се организираше Зимска школа итн.

Охридска летна школа 2021 година

Во однос на поддршката на Македонија како држава? Навистина треба премногу да го напрегнам умот за да се сетам на некаква поддршка… Но, еве, вака ќе одговорам: најниски плати во образовниот систем во Македонија како „поддршка“. А живееме во странски земји, предаваме и го негуваме македонски јазик, создаваме нови говорители и преведувачи, ја промовираме државата. Оставам читателите сами да си извлечат заклучок.

Со одбележувањето на 100 години од раѓањето на Блаже Конески во целата измината година како да се зголеми и активноста на лекторатите…

– Сосема е точен впечатокот. Речиси на сите лекторати се организираа настани за одбележување на јубилејот, Зимската и Летната школа организирани од Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура беа посветени на одбележувањето на 100 години од раѓањето на Блаже Конески. На Лекторатот во Будимпешта јубилејот го одбележавме со издавање на зборник од научни текстови „За македонскиот јазик“ од Конески.

Од промоцијата на „За македонскиот јазик“ од Блаже Конески

Изборот на текстови беше преведен на унгарски јазик и излезе во престижната едиција „Opera Slavica Budapestinensia“ на Катедрата за славистика при универзитетот ЕЛТЕ. Зборникот имаше своја промоција во рамките на „Денови на македонска култура во Будимпешта“ на Институтот за славистика и балтичка филологија и го промовираше д-р Звонко Танески професор на универзитетот „Јан Коменски“ од Братислава.

Лекторатите се своевидни дипломатски претставништва на културата на една земја. Што ви е неопходно за Лекторатот по македонски јазик во Будимпешта да функционира задоволително?

– Најдобар пример за тоа дека лекторатите се своевидни дипломатски претставништва е начинот како сето тоа е организирано во Унгарија. Лекторатите се под Министерството за надворешни работи на Унгарија, лекторите се добро платени, а имаат и посебен фонд за организирање на културни настани. Во земјите каде што се испратени унгарските лектори соработуваат со нивните амбасади, дури може да се каже дека се дел од нив. Се напушти системот на ограничен мандат на лекторите, најдобрите се задржуваат на неодредено време, или се испраќаат на други места каде што нивните лекторати не функционираат онака како што треба. Како помош на лекторите државата испраќа и апсолвенти кои им помагаат на лекторите во наставата и одржуваат настава по унгарски јазик за унгарската дијаспора или останатите заинтересирани, а истовремено стекнуваат искуства што подоцна ќе можат да ги применуваат.

Интеркултурна вечер 2021 година

За да може Лекторатот по македонски јазик во Будимпешта да функционира задоволително, а тоа се однесува и на останатите лекторати, прво треба да се подобри нашата финансиска состојба, ужасно слабо сме платени и се соочуваме со основни егзистенцијални проблеми во земјите каде што работиме. Не добиваме дополнителни средства за решавање на нашето станбено прашање, потребни ни се стручни книги, збогатување на библиотеките по лекторатите, материјални средства, решавање на проблемите со двојното оданочување итн. Потребна е стратегија за функционирање на лекторатите и иницијативи за развој на македонистиката од матичната земја. Не можеме да очекуваме некој друг да се грижи за нашите лекторати.

Иако секоја политичка гарнитура ветува отворања на нови лекторати по македонски јазик во светот, најчесто сè завршува тука, на изговорените реченици. Зошто е важно матичната земја (институција) да ги поддржува лекторатите?

– Во изминативе години слушнавме многу зборови, но не видовме ништо на дело. Проблемот е во тоа што политичките гарнитури не можат да ја разберат и сфатат важноста на лекторатите, односно колку е важно македонскиот јазик да се изучува и да биде застапен по универзитетските центри по светот. Откако одново почна да се негира македонскиот јазик, односно стана пречка за интеграција во ЕУ, како да настана извесно бунило, па се почна со бесконечно набројување и повторување на неколкуте места каде што се изучува македонскиот јазик како доказ колку македонскиот јазик е застапен. Реалноста е поинаква, тоа е премалку! Едноставно премалку! Многупати сум кажал и постојано повторувам доколку вашиот јазик не се изучува на некој универзитет во светот, тој не постои таму. Тамошните студенти нема да знаат за него, нема да знаат ништо за нашата страна од приказната и секако дека ќе ја изучуваат и ќе ја прифаќаат страната на оние кои го негираат нашиот јазик. Нема да се создаваат нови говорители, нема да има преведувачи. Многу е едноставно!

Онлајн-настава во Лекторатот по македонски јазик во Будимпешта

Затоа потребна е стратегија, будење од прагматичниот ограничен паланечки менталитет и согледување на пошироката слика. Додека ние зборуваме за отворање на лекторати, се случуваат процеси и нови организациски структурирања на универзитетите по светот, додека ние се освестиме дека треба да отвораме лекторати, лекторатот како концепт веќе станува неодржлив. Се случуваат кризи, сведоци сме на пандемија, се намалуваат буџетите на самите универзитети, се укинуваат насоки и студии кои не се од интерес на универзитетите и самите држави во кои функционираат истите. Како пример ќе го посочам она што се случува во Институтот за славистика и балтичка филологија во чиишто рамки функционира Лекторатот по македонски јазик.

Настава (2021)

На институтот како лекторати функционираат само македонскиот и белорускиот. Во изминатите десет години сите останати успеале да преминат во јазични групи, односно да го подигнат нивото на изучување, односно студирање на јазикот. Во нашиот случај никој не покажал интерес за такво нешто, ниту пак имало никаква иницијатива. Во мојот случај, поради моето реноме како преведувач и поради огромната поддршка од проф. д-р Иштван Лукач, шеф на Катедрата по славистика, започнат е процес на подигнување на нивото на студии и отворање на нова страница на македонистиката во Унгарија. Времињата се непредвидливи, но оптимист сум.

Како другите земји ги поддржуваат своите лекторати?

– Веќе спомнав како функционираат унгарските лекторати. Поголемиот дел од лекторите, не само на институтот каде што работам, се целосно финансирани од матичните земји, добиваат голема финансиска помош, а тоа им овозможува можности за учество во многу активности, учество по конференции и научни собири.

Тркалезна за превод на унгарски и македонски јазик

Се нудат стипендии за едногодишни престои во земјите со цел на побрзо и подобро усовршување на јазикот што се изучува, бесплатни учебници, се финансираат иницијативи на студентите итн. Сепак и покрај очајната ситуација, фрустрираноста од незаинтересираноста на нашата држава, можеби „наивно“ ќе звучи, но верувам во каузата – некој мора да го работи ова што го работиме и мора да се издржат сите искушенија.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.