„Убавината на минливоста“ е насловот на изложбата од Викторија Попоска отворена во студиото „Приватен принт“ во Скопје. Изложбата е дел од поширокиот проект кој Попоска го работела со студиот изминатава година. Таа поставува просторна инсталација од реупотребена хартија, која го исполнува просторот на студиото како симбол за сето она што човекот го создава, натрупува и фрла назад во својата околина.
– Целокупниот проект „Убавината на минливоста – изјава за антидела“ се основа на преобмислување на личниот и професионалниот удел на уметникот во создавањето и натрупувањето дела и предмети во средината во која работи и живее. Попоска преку акции и привремени инсталации кои се резултат на нејзините активности на чистење, селектирање, реупотреба и разградување, ја осмислува и редефинира својата уметничка практика и задача како уметник во денешниот контекст. Оваа изложба е една таква акција на создавање привремено дело од реупотребена хартија од билтени отпечатени за спортска обложувалница – велат организаторите.
Изложбата ќе виде отворена до 17 декември, секој ден од 12 до 18 часот, освен во недела. Викторија Попоска (родена 1992 во Струга) не е само сликарка, туку се впушта себеси и публиката во еколошки уметнички проекти. Дипломирала сликарство на Факултетот за ликовни уметности во Скопје и е добитник на наградата за млад ликовен уметник на Националната галерија во 2020 година, по што ја поставува изложбата „Сеништа“ во објектот Мала станица, Скопје. Водена од идејата за уметниковата морална обврска да биде совесно човечко суштество, таа работи дела од отпадоци и реупотребени материјали, сметајќи дека уметноста не треба да создава дополнителен отпад. Нејзиниот процес на работа вклучува: акции на чистење, селекција на материјал и разградување на непотребниот материјал. Има направено неколку самостојни изложби во Струга и во Скопје, а учествувала и на повеќе групни изложби во државата и во странство.





