Куратор на Европскиот павилјон во кој како претставници од Македонија се селектирани нашите автори, е Франческа Маурици од Италија
Македонските уметници Пандора Апостолоска-Саздовска и академскиот скулптор Сашо Саздовски учествуваат на 19. Азиско уметничко биенале во Бангладеш кое од денеска до 7 јануари 2023 ќе се одржи во Дака. Организатори на големата манифестација се Националната галерија под покровителство на Министерството за култура и Националната академија за ликовни и изведувачки уметности во Дака. Куратор на Европскиот павилјон во кој како претставници од Македонија се селектирани нашите автори, е Франческа Маурици од Италија.
Ова е најпрестижното и најдолго меѓународно уметничко биенале во Азија. Насловот на ова издание на биеналето е „Еден свет, една природа“ поврзана со главната тема на настанот – „Дом и поместување“. Целта на манифестацијата е да ги отвори прашањата на повеќе теми како комплексноста на глобализираниот свет, брзиот развој на комуникациската технологија што го прави светот потесен, актуелните еколошки кризи, потребата од одржлив развој и заштита на животната средина како витални прашања во современата ера.

Пандора Апостолоска-Саздовска
– Соочени со новите реалности, уметниците ширум Азија и Европа се повеќе ги прилагодуваат своите стратегии на глобалната предност за новите и мешаните медиуми додека работат во рамките на традициите каде што се гледа дека уметничките изрази ја рефлектираат меѓусебната поврзаност на уметноста, општеството и околината. Тие создаваат дела кои не само што се општествено ангажирани, туку се и вградени во дикцијата на актуелната дигитална ера. Бангладеш отсекогаш ги охрабрувал уметниците да ги истражуваат своите социјални реалности, културни и естетски вредности и истории, а во исто време да се вклучат во современите културни и технолошки трендови надвор од нејзините граници – велат организаторите.
При изборот на темата, 19. Азиско уметничко биенале соучествува со жртвите на принудното раселување насекаде во светот и ќе се заложи да застане покрај нив за оние што се уште се живи да не станат заборавени и без дом. Годинава фокусот е на комплексноста на глобализираниот свет каде што, од една страна, економијата и другите класи на мигранти го воспоставуваат своето присуство во различни културни предели, а од друга присилното раселување искоренува цели заедници од нивните земјишта и ги засадува на далечни места.

Сашо Саздовски
– Додека концептот на дом и пријатност отсекогаш бил стабилен означувач на социјалната состојба, преместувањето го дестабилизира и принудува ново разбирање на термините како што се неподобност и етничко чистење. Како реагира уметникот кога домот за многумина станува далечен спомен или постојан потсетник на траумата што треба да се живее одново и одново? Какви емоции предизвикува егзилот? Како егзилот и раселувањето влијаат на човечката креативност? – пишува во највата на манифестацијата.
Пандора Апостолоска-Саздовска е визуелен уметник, активист и истражувач. Во 2004 година дипломирала на Академијата за ликовни уметности, отсек сликарство со реставрација и конзервација под менторство на проф. Душан Перчинков и проф. Танас Луловски. Нејзината уметничката практика е насочена кон меѓучовечките односи истражувајќи ги аспектите на војната и насилството како политички и социолошки феномен.

Destruction-1, дело од Апостолоска-Саздовска
Во нејзината богата творечка кариера има реализирано изложби во музеи, галерии и центри за современа уметност, вклучувајќи го музејот за современа уметност во Македонија, националниот музеј во Индија, музејот на Марк Ротко во Латвија, национален музеј во Кина, центарот за современа уметност во Абу Даби, Фондацијата Хејдар Алиев во Азербеџан, Универзитетот за уметност и дизајн во Аман, Јордан и Универзитетот во Шаржа, Обединетите Арапски Емирати, Центарот за современа уметност во Нормандија, Уметничка фондација Ал Алшамах во, Катар, уметничко биенале во Малезија и други. За нејзината работа таа е наградена од Европскиот град на културата UMEA во 2014 година во Париз, Франција, меѓу другите признанија, грантови и студиски престои. Нејзините дела се наоѓаат во престижни јавни и приватни колекции, вклучувајќи владини институции, амбасади, музеи и галерии. Во 2017 година беше визитинг професор по современа уметност на Универзитетот за уметност и дизајн во Шаржа, Обединети Арапски Емирати.

Differences-1, дело од Саздовски
Сашо Саздовски е скулптор и истражувач. Во 2000 година дипломирал на Академијата за ликовни уметности, на Катедрата за скулптура и графички дизајн каде 2002 година магистрира под менторство на проф. Драган Поповски – Дада. Уметничката практика на Саздовски е научно истражувачка. Во своите истажувања тој е фокусиран на прашањата за бесконечноста како одраз на нашето ограничено постоење во времето и просторот. Тој досега има изложувано во музеи и галерии за современа уметност, вклучувајќи го центарот за современа уметност во Абу Даби ОАЕ, уметничкиот центар Марк Ротко во Латвија, фондацијата Хејдар Алиев Баку, Азербејџан, националниот музеј во Индија, Центар за современа уметност MECA Алмерија Шпанија, 58 Biennale di Venezia во Centro Culturale Don Orione Artigianelli во Италија, 14 Biennale di Venezia di Architettura Palacio Albrizi во Италија и други места. Најзначаен сегмент во неговата креативна кариера е реализацијата на монументални скулптури на јавен простор. Сашо Саздовски досега има реализирано над 20 јавни скулптури во Аргентина, Оман, Катар, Азербејџан, Словенија ОАЕ, Турција, Косово, Босна, Србија, Црна Гора, Латвија, Русија, Италија, Австрија, Германија, Данска, Чешка, Португалија и Македонија. Тој е професор по ликовна уметност во „Раде Јовчевски Корчагин“ во Скопје.





