Во киното „Мис Стон“ при Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп вечерва во 18 часот ќе се одржи промоција на книгата „Записи“ од Каролина Мицевска. Ова е втора книга од Мицевска, во која преку три целини се отсликани настани во Прилеп, но и луѓе што придoнеле за градот во изминатите 30 години. Делото ќе го промовира новинарката Елизабета Арсоска.
Според Мицевска, книгата е слика, мал исечок од она што го запишала низ годините.
– Поделена е во три целини – репортажи, интервјуа, други текстови, како потсетување за едно време, состојби, луѓе. Се работи за одбрани новинарски текстови, објавувани во изминатите 30 години во весниците Нова Македонија, Народен глас, Зенит… – вели Мицевска.

За Арсовска, „Записи“ е најмалиот заеднички содржател на тридецениската новинарска авантура на Мицевска која решила на едно место да ги собере своите најзначајни текстови.
– Текстовите жанровски се поделени на три целини од вкупно 60 наслови кои сепак носат ист печат, ист сензибилитет. Отскокнуваат од просечноста, го надраснуваат новинарскиот израз и се стремат кон повозвишеното. И во сите три дела е содржана убавината на пишаниот збор на Мицевска, нејзината страст кон патувањата и острото око коешто забележува детали, нејзината дарба да го извлече најактуелното и најинтересното од интервјуата – вели Арсоска.
Каролина Мицевска е дипломирана новинарка, магистерка по комуникациски менаџмент и односи со јавноста. Ова е нејзина втора книга, по „Односите со јавноста, социјалните медиуми и јавното мислење“.





