Најголемата вредност на ,,Мистерија Буфо” е необичната сплотена комбинација на комичност и емоции, во која приземната човечка душа се забавува, соочувајќи се со натчовечка сила на светоста, односно трансцендентните сакрум и профанум, прилично коректно доловени од режисерот, заедно со прилепскиот ансамбл
Пишува: Звонко Димоски
Misterо Buffo е најгласното дело на Дарио Фо (1928-2016), највлијателниот современ италијански писател-театарџија, добитник на Нобеловата награда за литература во 1997 година. „Мистерија Буфо“, според податоците на Италијанската авторска агенција, низ целиот свет реализирана е во над 5.000 различни изведби, со над 30 литераурни преводи, а кај нас речиси непозната.
Кратко речено, Мистеријата како драмскиот текст раскажува фрагменти од Светата историја на комичен начин, навраќајќи се на културните традиции на карневалот и лакрдијаштво, комбинирајќи средновековни приказни со политички и религиозни теми. Всушност, повеќето од делата на Дарио Фо се занимаваат со политички и социјални теми, критикувајќи ја најчесто црквата, но и политичките убиства, мафијата, корупцијата, политиканството или некои тековни конфликти. Тој е и еден од противниците на Силвио Берлускони, на чија критика посветен е еден од неговите последни текстови, Anomalo Bicefalo („Зачудувачи двомозговец“), во кој Берлускони и Путин се повредени во бомбашки напад, а лекарска грешка предизвикува парче од мозокот на Путин да се зашие во главата на Берлускони.

Мистеријата, напишана 1969 година, долги години била забранувана од Ватикан поради богохулење. Инспиративно и тематски, таа оживува библиски теми и апокрифни приказни во чудесно смешна и длабоко субверзивна сатира за моќта, народот и контролата. Дали Фо навистина е виновен за богохулење на Црквата, зборувајќи против Бога и неговите претставници на презирен, срамен или навредлив начин е прашање на повеќедецениска дискусија во уметничкиот и научниот дискурс. Доколку се заклучи дека Фо, сепак не е строг богохулник, тогаш тој секако сака да се додворува со границите на богохулството, кое го трансформира во цинично предавање/проповедање кога говори и самостојно настапува на сцена со „Комичните мистерии“, или во воведите изнесувани од дворските шутови во групните претстави на Мистериите.
Тие што не му биле/се наклонети на Фо, неговите Мистерии ги нарекуваат „имагинарно есперанто на сиромашните и незаштитените“. Но, несоборлив и фасцинантен е фактот дека речиси 40 милиони луѓе ширум светот го имаат гледано самиот Дарио Фо како го изведува ова брилијантно шоу над 30 години, кое вешто го прилагодил и за изведба на еден човек.

„Комичните мистерии“, наменети за соло-изведби, ја рекреираат непочитуваната виталност на популарниот средновековен театар. Ако зборот „мистерија“ означува, пред сè, „верска претстава“, тогаш „комична мистерија“, значи пред сè e гротескна претстава. Овие вторите, ги измислил народот и различни култури може да произведат различни верзии на Мистериите.
Во создавањето на атмосферата на сцените од кои е составена „Мистерија Буфо“, Фо се потпирал на две главни традиции од кои неисцрпно креативно се инспирирал, односно онаа на giullare, односно патувачки комичар, пејач, мимичар, кој во средниот век бил носител на скриената/премолчената (субверзивната) култура и онаа на големите кловнови на Commedia dell’Arte со нивната употреба на маски, дијалекти и грамелот, односно звучна имитација на јазикот, најчесто користен во сатирата, во чија суштина лежи уметноста на импровизацијата.
Патувачките театри на територијата на Македонија стануваат популарни во 30-те години, и најчесто гостувале во кафеани, летни бавчи, градски и селски празници. Помеѓу најпознатите од тој период се групите на Димче Трајковски-Скопјанчето, театарот на М. Бановиќ и театарската група „Боем“, на актерот Петре Прличко. Освен шеги, лакрдии и лесни комедии, во својот репертоар имале и претстави со национален карактер, а изведбите биле прилично едноставни. Претходно слични изведби, за подигнување на војничкиот дух и расположение, на линиите на Македонскиот фронт биле формирани т.н. војнички патувачки трупи, какви што биле Војничкиот театар „Тоша Јовановиќ“ или Театарот на Вардарската дивизија. Ова го споменувам за да опишам дека традиција на патувачки театри кои силно се инспирирале од усниот народен фолклор и ритуалноста, постоела и на нашата територија и дека токму од неа, подоцна настануваат професионалните, односно националните театри, и да покажам дека современите театарџии, поставувајќи на сцената дела како ова на Фо, или слични, можат да посегнат и по таа искуствена естетика.

Режисерот Андреј Цветановски и Прилепскиот ансамбл се потрудиле презентираните догми, кои раскажани се на јазикот на комедијата, да не изгубат многу од својата мистичност, запазувајќи ја притоа доминантната раскажувачка парадигма на иронија и злобност кај Фо. Мистериите на Цветановски донесуваат на сцената постановка во која тешко е да се најде било каква замерка на целиот ансамбл од гледна точка на актерство, но сепак самата сценска реализација која, да, точно е дека е претежно гротескна, но не и наизменично доволно цинична, има сцени во кои гледачите може да се најдат во недоумица, на пример дали Смртта како лик намерно не е страшна, или пак, намерно е сведена на креација од цртан филм или Дизниева бајка. Исто така, недостасува очекуваниот контрапункт, бидејќи брзо станува јасно дека контекстот на пораките извлечен од Мистериите на Фо, ќе подлежи на авторска реинтерпретација и рефокусирање.
Ако патувачките забавувачи ги соочувале официјалните црковни евангелија со приказни од усната и фолклорната/народна традиција на религиозни приказни, тогаш Цветановски приредува популаризаторски прераскажувања на евангелијата во „Масакрот на невините“, „Воскреснувањето на Лазар“, „Чудото на свадбата во Кана“, „Марија под крстот“ и други. Тој се потрудил да ги оптовари овие приказни со физичка комедија и сатира, токму на начинот на кој шутовите го прикажувале Исус и приказните од Библијата. Овој потфат, актерски реализиран е многу добро, посебно во фантастичните, визуелно многу убедливи групни сцени, од страна на Наташа Ачански, Илија Волчески, Димитар Ѓорѓиевски, Ангела Наумоска (комично многу убедлива во Мистеријата за слепиот и сакатиот), Марија Спиркоска-Илијески (прекрасна во масакрот на невините бебиња), Александар Тодески (одличен како омразениот папа Бонифациј Осми), Михајло Миленкоски и Димитар Црцороски (фантастична гротескна влезна гробно-чудесна сцена).

Сите тие подоцна се јавуваат и како соло-изведувачи во центарот на претставата, претворајќи се во талкачи низ земјата носејќи најнови вести, најавувајќи чуда и исмевајќи ги одговорните за целата неправда и погрешното владеење од кои страда обичниот народ. Во прологот, Фо објаснува како шутот е едноставно селанец кому му ја одзеле земјата, кој ја видел неговата сопруга силувана од земјопоседникот и ги гледал неговите деца како умираат. Конечно, кога сака да се обеси, го запира човек во парталава облека кој се идентификува како Исус и го потсетува на неговите обврски да ги информира и едуцира своите соселани, овозможувајќи му да раскажува приказни што ќе ја измачуваат доминантната класа. И чудата почнуваа да се редат, фокусирајќи се на прашањата за поседување земјиште, експлоатацијата на необразованите, класните разлики, алчната религија, сопственото достоинство и зависноста од господарот итн.
Цветановски и драматургот Митоска–Ѓорѓиевска во оваа сценска адаптација успешно го оживуваат овој агитатор, овој бунтовник, овој кажувач на вистината во време кога тие се најпотребни – значи постојано, а посебно сега! Но, за жал, истиот го направиле да се повлекува пред реалното соочување со народот и најмоќните, зашто „главата ќе лета“. И на крајот од претставата, рефокусирањето токму тоа и го приредува, односно на сите главата им е на бесилка. Доколку пораката, поврзана со тоа што ни се случува денес како заедница и општество, е дека не секогаш смееме да кажеме што мислиме, дека не секогаш ни е дозволено јавно да ги навредиме поважните/поголемите, односно дека треба да се научиме да премолчуваме, е сокриениот, споменат претходно како изоставен контрапункт, чинам дека истиот, наместо да ја поткрене на делување и активност, повеќе ја разочарува и обескуражува публиката, и како гледач, и како човек.
Недогматско (и културолошко-туристички) гледано, можеме да кажеме дека „Мистерија Буфо“ и Дарио Фо потекнуваат од традиција во која Бог ги сака луѓето и со симпатија гледа на она што им причинува задоволство. За разлика од Богот кај нас, кој сака да се моли, да се прашува, да му се извинува и да се трпи пред неговите очи. Контрастот, но не поразот, меѓу таа тамошната, да ја наречеме, ритуализирана среќна религија и тукашната измачувачка, мислам дека е контрапунктот кој ѝ недостасуваше на претставата, а сметам дека таквиот зафат можеби би оставил голем впечаток на гледачот, и уште повеќе би соодветствувала со одбраната музичка илустрација на вештиот (овој пат активно присутен на сцената) Томе Темелкоски, Димитар Ѓорѓиевски и ВИС „Војдан Чернодрински“. Иако, мене лично како гледач (ова е многу субјективно гледиште) ми засметаа музичките интермеца кои потсетуваа на Леонард Коен, или пак Балашевиќ.
Митоска-Ѓеорѓиевска ја извршува драматизацијата (и преводот) доследно и суптилно, трудејќи се да запази, односно да го прилагоди изворниот текст со некои ритмички обрасци и културни регистри на нашиот јазик, употребувајќи напати дијалектни зборови, регионализми и културолошки вдомени метафори, иако текстот и начинот на којшто пишува Фо, несомнено остава многу поголем простор за споменатово. Понатаму, за разлика од одличните, современо прилагодени костими на Марта Дојчиновска, сценографијата на Сергеј Светозарев, потпрена на многупати видената веќе саргија-естетика, остава многу млак впечаток, посебно возвишението/платформата/коцката во која музицира Темелкоски, која не врши буквално никаква функција. Исклучок е можеби Мистеријата поврзано со свадбата во Кана.

Кај Мистериите нема никаков сомнеж дека тие се виртуозен предизвик за секој актер, кој треба да е врвен сценски раскажувач за да доближи мотиви од колективниот имагинарниот во којшто властите и црквата се сведуваат на сомничаво постоење, а востановената моќ, во развојот се превртува наопаку. И тука, а посебно размислувајќи за реализација на комичните мистерии како соло-акт, како што тоа го правеше триесетина години самиот Фо, како и тековните фантастичните соло-изведби на Панос Влахос (САД, 2016) и Џулијан Спунер (Англија, 2018), умешноста на сериозно ноншалантно комедијанство и злобна шармантност, според виденото, најуверливо ја поседува, и покажува Димитар Ѓеорѓиевски.
Резимирајќи, најголемата вредност на претставата, која поради својата гледливост и едноставна комичност, несомнено подолго ќе остане на репертоарот на театарот, е одржуваната необичната сплотена комбинација на комичност и емоции, во која приземната човечка душа се забавува, соочувајќи се со натчовечка сила на светоста, односно трансцендентните сакрум и профанум, прилично коректно доловени од Цветановски, заедно со Прилепскиот ансамбл.





