Книгата на забавен начин ги поттикнува децата (и животните!) да учествуваат во најразлични собирања и прослави по секакви поводи
Со римување, микрофони и креативна игра со штурчето Свирче, богомолката Богдана и дабарот Дрварко – создадени од вештите рачиња на децата, завчербеше промовирана новата сликовница „Поклони се и почни“ од авторот Владимир Лукаш и илустраторот Љубиша Камењаров, издание на „Либи“ кое е дел од „Арс ламина – публикации“.
Уредничката Оливера Ќорвезироска истакна дека „Поклони се и почни“ е симболичен поттик за секое дете да го земе микрофонот на своите желби в раце и да ја почне забавата на детството по сопствена мера.

– Книгата на забавен начин ги поттикнува децата (и животните!) да учествуваат во најразлични собирања и прослави по секакви поводи – „раѓањето на десетмилијардитото ливче во шумата“, во конкретниов случај. И кога знаат и кога не знаат да пеат, да играат, да пишуваат песни и да римуваат, децата треба да се собираат како и животните од сликовницата (штурчето Свирче, богомолката Богдана, бумбарот Јакоб, дабарот Дрварко и црвеношиестиот валаби), бидејќи шансите да го научат она што го сакаат се многу поголеми кога околу нив има повеќемина што можат да помогнат. Или барем само да слушаат – рече Ќорвезироска.
Лукаш истакна дека римата како „форма“ на творење му е многу природна за изразување. Истовремено, таа им е многу блиска и на децата, со неа сè е полесно и поразбирливо за нив. Според него, римата и ритамот, особено во формативните години кога сите фактори за интересност работат деноноќно, навистина многу придонесуваат за полесно сознавање на светот сосе сите негови чуда и врагови.

– Претходната книга „Ши, ѕифри, копчи“ е песнарка, а „Поклони се и почни“ е приказна за еден песнар… Сè е едноставно и ништо не е едноставно кога се пишува за деца: крокодилите на патот немаат помеки заби, само посмешни… „Поклони се и почни“ им порачува на децата никогаш да не престанат да се радуваат! Животот не е само полесен кога радоста трчка горе-долу низ целото битие на детето (а и на возрасниот) туку е дури и невозможен без неа. Радоста е љубопитна, храбра, неуморна и заедно со љубовта ја создаваат најконструктивната сила во вселената – рече Лукаш.
Тој и вајарот Љубиша Камењаров другаруваат одамна и отсекогаш се надополнувале во животот. – Ликовите од приказната ги замислував токму како што ги нацрта тој… А и да сум ги замислувал поинаку, сите претходни слики ми исчезнаа од главата како неинтересна вест. Не се поклопија цртежите на Љубиша со мојата визија, туку ни се поклопија визиите и си создадовме една – заедничка – вели Лукаш.

Камењаров истакна дека соработката со Лукаш на оваа сликовница им е прва од ваков вид, а потекнува од нивното другарство, слично на тоа во книгата, непосредно и забавно.
– Како и секогаш кога читам нешто напишано од Лукаш, во секоја реченица среќавам пријатно изненадување, а потоа застанувам зачудено… Кај му текна ова?! Така и во „Поклони се и почни“, откако ќе се изначудев за сцените, продолжував со цртањето. А, кога не можев да се изначудам, ќе му се јавев и прашував: Како тоа куфер со рими, од џеб да се вади? А, ликовите веќе имаа живот и глас во стиховите, само добија лик и тело, за да шетаат низ приказната, да скокаат насмеани на шумската забава и да уживаат покрај реката на дабарот и езерото на јастогот. Па, со оглед на фактот што децата од најмала возраст имаат голем уметнички потенцијал, единствениот предизвик за нас (децата од поголема возраст) беше само да се потсетиме на детската радост, која ни е позната и својствена, и да ги пренесеме убавите чувства и искуства од разликите во годините – рече Камењаров и им порача на сите мали читатели:

„Драги деца, големи и мали, и сите вие што во книги наоѓате приказни разни, побарајте го другарството, она што со добра намера ги зближува луѓето… а во оваа наша книга, дури и животните.“
Фото: „Арс ламина“





