Во пресрет на денот на лицата со попреченост, во малата сала на Завод и музеј Битола е отворена изложбата „Музеј за сите – сликите можат да се допрат, сликите зборуваат“. Мултисензорната изложба е составена од 16 тактилни панели, а новина е употребата на NFC тагови, кои во комбинација со паметен телефон, им овозможуваат и на лицата кои не знаат да читаат Брајово писмо, да можат самостојно да ја посетат изложбата.
Оваа изложба е продолжување на проектот „Музеј за сите“, во кој преку примена на современи решенија, се подобрува пристапноста до музејските содржини. Досега се опфатени повеќе од 100 предмети од музејската поставка, кои со соодветен опис и квалитетни фотографии, се поставени на веб-страницата на музејот. На овој начин, овие предмети се постојано достапни за сите онлајн-посетители ширум светот, а во исто време преку употреба на QR кодови во музејската поставка, се збогатува приказната за секој музејски предмет.

Дополнително, за секој предмет се изработени и видеа на знаковен јазик наменети за лицата со оштетен слух и тактилни паноа за лицата со оштетен вид. Тактилното пано е составено од тактилна слика за музејски експонат од НУ Завод и музеј Битола, пропратена со опис на Брајово писмо. Описот клучен елемент за разбирање на тактилната слика од страна на слепите лица и голем проблем претставува непознавањето на Брајово писмо.
Проектот е поддржан од Министерство за култура, а раковидтел е д-р Ирена Ружин. Автор на концептот и на тактилните слики е м-р Јова Парговски. Текстовите и описите на предметите се на: Владо Ѓорески, Ефросинија Паревска, Јасмина Гулевска, Слободан Стојкоски. Во проектот се вклучени: м-р Катерина Шарковска- лиценциран интерпретатор на знаковен јазик, Андријана Шокларовска- текстови на Брајово писмо, д-р Силвана Петровска-Насух- наратор, Михаил Марковски- подготовка на аудио и видео материјали и монтажа, Александар Котевски-камера.





