Промоцијата на новиот роман на Андоновски, „Папокот на светлината“ ќе се одржи вечерва во 19 часот во киното „Милениум“ во Скопје
Пишува: Наташа Атанасова
Секој добар роман е во суштина автобиографски, што значи дека мора да понуди пресметка со себеси. Себеси се предизвикувате на двобој, нема некој друг, лош, нема некој кој е виновен за вашата судбина, вели писателот Венко Андоновски во интервјуто за блогот Блен.мк. Повод е неговиот нов роман „Папокот на светлината“ чија промоција ќе се одржи вечерва во 19 часот во киното „Милениум“ во Скопје. Книгата ќе ја промовираат Винка Саздова и Игор Џамбазов. Иако насловот можеби наведува дека романот е продолжение на „Папокот на светот“, врвниот роман на Андоновски од пред 22 години, сепак, станува збор за поврзаност на многу поспецифичен начин, која вреди да се открие со и за своја душа.
„Папокот на светлината“ го најавивте уште на почетокот на пандемијата. Денес гледаме дека тоа што тогаш се чинеше како груба скица, всушност, е многу јасен концепт до кој верно сте се држеле. Како и што работевте на романот во овој период?
– Работев само на едно нешто: самопознание. Мислам дека секој добар роман е во суштина автобиографски (иако тоа не мора да се види жанровски), што значи дека мора да понуди пресметка со себеси. Себеси се предизвикувате на двобој, нема некој друг, лош, нема некој кој е виновен за вашата судбина. Свесен сум дека автобиографизмот како пристап кон романот денес не е во мода. Повеќето писатели денес пишуваат за нешто што не го ни виделе ни искусиле: за војни во кои не учествувале, за правата на лицата со инаква родова ориентација, а често самите писатели не ѝ припаѓаат на таа ориентација. Да пишувате за нешто што не сте го искусиле, тоа гарантира обично бестселер, зашто тие теми се во мода, ама јас не сум од тие автори: јас верувам во исповедна книжевност, верувам дека сепак човек треба да се познава прво најдобро себеси. Кога пишувате бестселер, а пишувате за нешто што не ви е познато, доволно е да кажете дека клоцата боли, затоа што тоа го знаете теоретски, од други книги. Сосема друго е кога пишувате исповед за една клоца која самите сте ја искусиле. Првото е теорија на клоцата, второто е сеќавање на една клоца. А сеќавањето е чувство, не слика.

Така што, во овој роман се занимавав со злото, прво во себе. Сакав да го изгонам. Не верувам дека сум успеал, зашто суетата е почеток и крај, и почетен вирус и метастаза на сите зла. Но, барем пробав. Но, бидејќи човекот е социјално суштество, романот стана и расправа за злото во светот. Како што запишав и во романот, злото еволуираше од средновековните претстави кои се негова прва материјализација. Средновековието беше невино и го замисли злото како човек со опашка и рогови, ама модерното доба го претвори него во релација, структура – идеологија, партија, тоталитарна држава. Тоа зло на крајот повторно се отелотворуваше во еден лик, ликот на Диктаторот. Најнакрај, по еден Хитлер или Сталин, во постмодерната доба, злото стана раствор, инфузија: тоа влезе во сите клетки и капилари на општествените дискурзивни практики. И сега не го гледаме, затоа што е насекаде.
А медиумите се иглите на таа инфузија. Секој што е медиумски поврзан во мрежа (а денес секој човек е медиум, доволно му е само да има мобилен телефон со просечни перформанси за да биде медиум и да пишува статуси), пренесува (најчесто!) зло. И што е најтрагично: не сме ни свесни дека сме зли. Тоа е како човек да е болен, а да не знае дека е болен. Колку што мене ми е познато, човек од грип чувствува дека има грип; ама човек умоболен не знае дека е умоболен. Излегува дека денес злото трајно склучи брак со умоболноста и слабоумноста. Слабоумноста денес раководи со светот, за жал.
Прочитајте го целото интервју на Блен.мк





