Јас, според дефинициите, сè уште сум уметник во подем и не е лесно да си трета генерација Коџоман, вели уметникот, кој на 1 декември ќе има самостојна изложба во Art Hub Скопје
Пишува: Александра Јуруковска
Во 2013 година ја имав последната изложба, со дела од татко ми и од дедо ми. Тоа беше една идеја која тлееше подолго време, но кога требаше да ја направиме, не се чувствував подготвен. Сепак имав само една-две изложби зад себе, а требаше да се појавам со нивното реноме, го започнува своето кажување Вангел Коџоман или Коџоман Трети, кој деновиве, по пауза од речиси десет години, ја подготвува изложбата „Длабок парк“, која ќе биде отворена на 1 декември во 20 часот во Галеријата на „Арт Хаб“. Изложбата содржи дваесетина дела, работени во мал, среден и голем формат. Поставката е поделена во два циклуса, кој самиот автор ги карактеризира како фигуративен и апстрактен.
– Првиот дел е посветен на Градскиот парк во Скопје, кој многу го сакам од дете. Паркот како омилено место, најсигурното место уште од детството, во него има сè: природа, убавина, духовна, визуелна и слична. И овие дела ми се некако пофигуративни, попрецизни, сакам низ нив како процес да дојдам до целта или намерата на делото. Вториот дел е поапстрактен. Нешто како вселена, воздух, гранки, дури и да се препознаваат такви делови, оттрганти од поимот, не се предметот, објектот, туку се нешто поапстрактно. Нивното создавање го почувствував како ослободување на енергија. Работев во акрил на платно. Со маслото подолго време сме скарани, знам да му се вратам, затоа што има специфики, но маслените бои ми пречат и на здравјето, затоа сликарите денес сè почесто се определуваат за акрилот. Големиот формат ми е посебен предизвик, нешто како соочување со себеси – вели Коџоман.
Од каде дојд е испирацијата за новите дела?
– Основата на секоја инспирација е духовна, а ова во суштина е многу тешко прашање за секој уметник, не само за ликовните. Мислам дека животот е инспирацијата, учеството во него. Што повеќе од љубов? Каква и да е, добра, лоша, неискусна, убава – таа движи. Кога сакам да создадам нешто, сакам крајниот резултат да облагородува. Да се забележи дека поминало низ некаков духовен филтер и да поттикне некој друг. Така јас ги чувствувам и другите форми на уметност, додека читам книги, слушам музика, се чуствувам како да ми помагаат.

Што работевте изминатиот период?
– Кога ја работевме изложбата со татко ми во 2013 година јас му се спротиставував, но и тој мене, бидејќи ми кажа дека треба да ја искористиме шансата, која не знаевме дали ќе се повтори. Инаку, иницијатор на изложбата беше тогашниот директор на Младинскиот културен центар, Златко Стефковски. И добро е што ја направивме. Татко ми почина ненадејно следната 2014 година, така што неговата идеја беше визионерска.
Воопшто не зажалив за таа изложба. Дури откако почина татко ми, сфатив колку еден родител има авторитет врз детето. Татко ми имаше таков авторитет, но на еден културен и другарски начин. Потоа имав периоди на креативна криза, кога не работев, но сега сфаќам дека тоа не било залудно. Читав книги, пишував уметнички забелешки, создавав апстракни инспирации кои сега го наоѓаат патот. Сега имам наплив на енергија и инспирација. Ќе ја споменам и Шпанија како одредена пресвртица. Таму живеев неколку месеци и тоа е многу значаен дел за мене. Целиот престој таму како да требало да се случи. Бев во Мадрид, прекрасниот кралски град и во волшебната Барселона која е средиште на културна разноликост. Го посетив и Музејот „Прадо“ и ја видов светлата страна на творештвото на Гоја, која е малку подзаборавена или потценета. Видов светли бои, сцени од секојдневниот живот и слично. Уште многу работи ми останаа недовршени за Шпанија, но верувам ќе се вратам. Таквите подолги патувања се потребни затоа што ти ја враќаат енергијата, силата, љубовта кон себе, кон другите, па и кон татковината.

Колку да се биде Коџоман е помош, предизвик или товар?
– Сите нешта што ги наброивте сум ги почувствувал и во различен период ме надвладуваат. Со текот на времето се навикнав да живеам, да ги гледам како позитивно нешто. Товарот многу повеќе го чувствував на почетокот. Јас, според дефинициите, сè уште сум уметник во подем и не е лесно да си трета генерација Коџоман. Дедо ми Вангел, заедно со Личеноски, Мартиновски, Аврамовски, Пандилов е основач на нашата културна сцена, академик. Татко ми имаше извонредно успешна кариера. Од друга страна секогаш имав четки, платна, бои до мене и секако секогаш сум имал многу добрина и придобивки од нив, а и денес е така.
Колку во творечкиот дел, во инспирацијата и писмото имате нивно влијание, ги препознавате ли нивните ракописи во вашиот?
– Во пораните години почесто се случуваше да потсетувам на нив, посебно на стилот на татко ми. Но, тоа е нормално, дури и во светски рамки сега со интернетот тоа може да случи, па и да се споредат двајца уметници од две различни страни од светот, да потсетуваат еден на друг. Но со новите дела и циклуси мислам дека сум повеќе свој, а нивното дело се појавува како шумови.

Што за Вас значи да се биде уметник денес?
– Има вредности, но и премногу апстрактни нешта во нашето дигитално живеење, иако од друга страна тоа ни помага да си го претставиме нашето творештво. За сликарството сметам дека малку му е замаглен сјајот во однос на неколу децении порано, кога не постоеше т.н дигитална уметност. Порано ликовните уметници постојано биле ангажирани за изработка на плакати, реклами, воопшто рекламирањето на сите уметности. Сега во самата дигитална сфера има посебни отсеци – дизјанери, графички дизајнери, програмери, за мене и тие се уметници. Мислам дека сè уште постојат колекционери и почитувачи на уметноста кои го ценат сликарството. Според моите истражувања, најголем профит во акционерските дела сè уште се прави со продажба на сликарски дела. Сите зборуваат дека со појавата на технологијата класичното сликарство изумира, но овие податоци го зборуваат спротивното.
Каква е според вас домашната ликовна сцена?
– После пандемијата малку повеќе се активирав и мило ми е што заживуваат работите, тоа е добро. Ни гостуваат странски автори, изложби на познати светски уметници и слично, пример наскоро ја очекувам изложбата на Вазарели, а тоа значи дека сцената ни е жива.





