„Филмски песни“ се роди од гледање филмски сцени по многу пати. Влегуваш во сцената, ги разгледуваш сите агли, ја поврзуваш музиката со камерата, идејата со емоцијата, обликуваш мислење за суштината на виденото и кажаното и на крај бојата излегува на хартија – вели Дејан Трајкоски
По точно десет години од објавувањето на својот прв роман „Вистина. Љубов. (рашомонијада“), авторот Дејан Трајкоски вечерва ќе ја промовира својата прва книга поезија „Филмски песни“ во издание на „Бата прес“ од Скопје. Инспириран од сцени од култни филмови, Трајкоски направи интересен спој на филмот и поезијата. За песните ќе зборува писателот Гоце Смилевски, а свој шмек на промоцијата ќе дадат и Пијан Славеј и Гоце Јованоски.
Дејан Трајкоски (1977) е роден во Прилеп. Дипломирал филозофија на Филозофскиот факултет во Скопје. Идеен автор и директор на Фестивалот „ПРО-ЗА Балкан“, што годинава го одбележа своето десетто издание. Работел како новинар, селектор на филмски фестивал, уредник, издавач на својата „Прозарт Медиа“. Трајкоски бил член на Интернационалната федерација на филмски критичари ФИПРЕСЦИ, а е актуелен член на Друштвото на писателите на Македонија и на ПЕН.

Вечерва ја промовирате Вашата прва книга песни. По два особено успешни романи, ќе и се покажете на публиката и во друго светло. Како се роди „Филмски песни“?
-„Филмски песни“ се роди од гледање филмски сцени по многу пати. Влегуваш во сцената, ги разгледуваш сите агли, ја поврзуваш музиката со камерата, идејата со емоцијата, обликуваш мислење за суштината на виденото и кажаното, и на крај бојата излегува на хартија. На овој свет може да се промислуваат многу работи кои што сме ги виделе повеќе пати, а всушност не сме ги виделе. На пример, вчера на слава кај другари ја слушавме и го гледавме видеото од песната Karma Police од „Рејдиохед“. Нешто што сме го гледале многу пати. Но, јас никогаш не сум се прашал – што е смислата на тој спот. Зошто човекот бега од автомобилот? Во случајов одговорот можеби е лесен, но токму од таквите размисли се раѓаат песните од „Филмски песни“.
Во претходната книга, „Неверство“, главната идеја и желба ми беше да напишам проза во која што ќе внесам многу поезија. После сето тоа, веројатно логично беше да почнам да пишувам и поезија.

Вашето творештво е речиси секогаш синергија помеѓу филмот и литературата. „Филмски песни“ го потврдува тоа. Која уметност Вас ви е повеќе на срце како читател и како извор на инспирација?
– Како извор на инспирација – секако повеќе филмот. Некако гледам поврзаност помеѓу рецензиите кои што ги пишував во текот на десетте години работа како новинар и овие песни. Процесот е многу сличен. Се работи за анализа на едно дело. Само што за песните се копа подлабоко и од повеќе агли. Ако ја земеме за пример една од најпознатите фотографии на светот, Tank Man, прашањето кој е непознатиот Кинез кој во 1989 година ги запре тенковите Т 59 на плоштадот Тјенанмен, не е толку инспиративно. Ниту анализата на Тјенанменскиот масакр. Туку, на пример, што имало во очите на човекот во првиот тенк кога се сретнал со погледот на непознатиот Tank Man?

Вашите романи во последниот период добиваат нова публика на нови јазици. „Неверство“ неодамна беше објавен на германски јазик. Тежок ли е патот до новите читатели надвор од мајчиниот јазик?
– Сите патишта се и тешки и лесни. Писателите од земји со мали јазици како да треба да бидат попаметни и поталентирани од другите, за да успеат. Книгата е уметност, но и бизнис и тоа скап бизнис. Во „Пред зајдисонце“ Џеси ù вели на Селин дека има многу луѓе кои што не уште го прочитале „Моби Дик“, на пример, па зошто да ја читаат неговата книга? Но, ете, на некој начин книгите го наоѓаат патот надвор од државата.
„Неверство“ досега е објавен на англиски, германски, арапски, бугарски, ерменски, српски и албански јазик. Доживеа и уште едно македонско издание, благодарение на издавачката куќа „Бата прес“ и Филип Баткоски. Во Србија доби одлични рецензии, претставување на Саемот на книга во Белград, па во Српското книжевно друштво во просториите на легендарната „Француска 7“, на фестивалот „Просефест“ во Нови Сад. Во Ерменија се подготвува второто издание, а деновиве книгата се претставува во Минхен, Германија…
Со Вашата издавачка куќа „Прозарт медиа“ учествувавте на последното издание на Саемот на книгата во Франкфурт и тоа на посебна покана како дел од програма. Какво искуство беше оваа презентација, успеавме ли да создадете нови соработки?
– Саемот на книгата во Франкфурт им помага и на издавачи од помали или помалку развиени земји. „Прозарт медиа“ беше поканета заедно со уште 20 издавачи од целиот свет – од Индонезија и Индија до Хаити и Куба и имав можност за создавање многу контакти. Во издаваштвото, како и во многу други полиња, личните контакти се непроценливи и токму тоа е намерата на програмата и на Саемот – преку контакти да придонесат до поголема професионалност, видливост и вмрежување на издавачите. Тоа е дел од патот потребен за патување на книгите надвор од дома, често и пресуден за видливоста на едно дело.





