Книжевен превод – голема загатка што треба креативно да се реши

Работењето на книжевни преводи е особено важно за младите преведувачи. Без разлика дали се работи за некој класичен или нов роман, преведувачите ќе имаат шанса да се запознаат со многу нови светови, начини на пишување и слично, вели наградената Марија Николовска

Марија Николовска ја доби наградата за најдобар млад преведувач „Вавилон“ за превод на делото „Жена на небото и бурите“ од Вилфрид Н’Сондесо од француски на македонски јазик. Наградата ѝ ја врачи шефот на Делегацијата на Европската Унија во земјава, Дејвид Гир, на 26 септември, Европскиот ден на јазиците. Станува збор за признание што на младите до 26 години им овзоможува да го доживеат преводот во неговата суштинска форма, вели Николовска.

– Наградата „Вавилон“ е од големо значење за мене, како и за преведувачката фела. Оваа година за прв пат учествував на конкурсот и многу сум задоволна од постигнатиот успех – вели таа.
Оваа награда се доделува од 2013 година, а целта е промоција на младите преведувачи и поттикнување на квалитетот во преведувањето на книжевни дела.

Николовска на овој конкурс учествуваше со делото „Жена на небото и бурите“. Го избрала токму ова дело зна Вилфрид Н’Сонде, „зашто го става своето перо во служба на денешните актуелни теми како почитување на природата, хармонија меѓу луѓето и живите суштества, но исто така и инспиративни теми како врската, споделувањето и преносот меѓу народите, како и комуникацијата помеѓу видливите и невидливите светови“.

Таа вели дека преводот, особено книжевниот, е една многу благородна професија.
– Сметам дека работењето на книжевни преводи е од особена важност за младите преведувачи. Без разлика дали се работи за некој класичен или нов роман, преведувачите ќе имаат шанса да се запознаат со многу нови светови, начини на пишување, изразување и слично. Освен тоа, ќе се соочат и со доста препреки, но тоа не би требало да ги обесхрабри – напротив, преводот на едно дело може да се сфати како една голема загатка којашто треба да се реши на креативен начин – вели таа.

Николовска работи како професорка по француски јазик. Таа се уште немала многу шанси за да преведува книжевни дела, но како страствена читателка, најкомплексните преводи што ги имала сретнато досега, се оние на дела од Марсел Пруст и Гистав Флобер.
– И секако, да не го заборавиме преводот на поезија, којшто според мене е еден од најкомплексните видови на уметност.

Марија во моментов ги привршува нејзините студии од втор циклус и работи на кус превод на книга, за која се надева дека публиката ќе може да ја најде на следниот саем на книгата во Скопје.

Фотографии: Стефан Тодоровски

Сподели