Илија Даов, јога инструктор: Здравјето на младите никогаш не било полошо

„Приближување на јогата до младите луѓе“ e темата на која јога инструкторот Илија Даов од Струмица ќе се претстави на Европскиот јога конгрес што од 18 до 20 ноември се одржува во Бад Мајнберг, Германија. Даов, кој е основач на „Јога Сурја-Сонце“, ќе одржи и 90-минутна работилница. Даов повеќе од две децении е посветен на јогата.

На Eвропскиот јога конгрес учесниците ќе можат да ја искусат јогата со практичари и учители од цела Европа, а како учесници се најавуваат мајстори за јога, тренери по јога, автори на книги од над 20 земји кои ќе го споделуваат своето знаење и искуство. Пред сè, тие ќе даваат перспективи за тоа како можете да ја обликувате иднината со јога. „Во овие времиња да визуелизираме мирна, светло исполнета и радосна иднина. Да ја доживееме врската и хармонијата, да ја живееме – и да црпиме сила од неа“ – е мотото на настанот.

Илија Даов почнал да се занимава и да вежба јога во 1999 година. Пред 12 години станал јога инструктор по Хата Јога Прадипика под заштита на учителот Павлос Хасанагас, а потоа следувале многу семинари. Во Ришикеш, Индија под водство на Здружение за хималајска јога завршил Аштанга Јога и Вињаса Флоу, исто така и со Ајурведскиот центар за масажа го поминал третманот Панчкарма, стил Керала. Учителите кои се споменуваат во неговата практика се: Химаншу Џоши, Ајај Дасмана, Парвен Сунил Шарма, Јашпал Раутела, Рам Неги…

Што го наведе Даов да се занимава со темата на јогата и младите?

– Од моето долгогодишно искуство како јога инструктор најмалубројна е групата од 15 – 30 год. Во оваа возраст најмногу време поминуваме во учење, стекнување на одредена стручност, забава и сè друго што се прави на таа возраст, но – статистички гледано нивната здравствена состојба никогаш не била полоша отколку што е денес. Интеракцијата со технологијата, урбанизираното живеење, училишните притисоци, консумирањето несоодветна храна и пијалаци, недоволното спиење и неправилен одмор и други фактори, создадоа историски најниски стапки досега на физичка активност кај младите. Последиците од физичките неактивности се манифестираат на различни нивоа и во различни форми. Изразена е појавата на лошо држење на телото, деформитети на рбетот, кифози, сколиози и слично – вели Даов.

При извршени систематски прегледи на ученици во средни училишта и студенти во Македонија во 2019 година е утвредено дека лошото држење на телото кај студентите е застапено кај 14,6% од вкупно прегледаните, кај средношколци од четврта година 18 , кај средношколци од прва година 21 %.

Деформитети на рбетниот столб и градниот кош:
• кај студентите се 6,8 %
• кај средношколците од четврта година се 22 %,
• кај средношколците од прва година 24,9 %,

Кога ги споредуваме податоците забележуваме дека имаме зголемување на процентот на лошото држење на телото и деформитети на рбетниот столб и градниот кош. Кај најмладата популација е најголем процентот. вели тој.
Логична е претпоставката дека бројките ќе се зголемуваат, здравствената состојба ќе се усложнува со поразителни показатели, особено поради зголемувањето на дигитализацијата во сите сегменти на живеењето.

Како да се привлечат повеќе луѓе да навлезат во тајните на јогата? На почетокот е потребна љубопитност за да прочитате од интернет за јогата, а на редовните часови поодделно за секоја вежба (асана) ги осознаваме придобивките од практикувањето, вели Даов.

– Човекот е создаден за физичка активност, тоа е кодирано во нашата ДНК. Во сите мои интервјуа или јавни настапи нагласувам дека го поддржувам секој облик на физичка активност, но научно е докажано дека јогата е најкомпатибилна за зачувување и одржување на здравјето на луѓето. Во овој момент најважно од сè е да се запознаат родителите што имаат деца помеѓу 5 и 25 години, но исто така и градоначалниците, директорите на школите, министерствата за здравство и човечки ресурси, а можеби најмногу треба да се загрижи бизнис-заедницата. На досегашните проблеми со преголема употреба на пестициди, хербициди, детергенти, конзерванси и емулгатори, се надоврзуваат интернетот и ефектите од пандемијата. Статистиката покажува загрижувачки податоци за возрастите 15, 18 и 20 години: деформитети на рбетот, асоцијализација, гојазност, недоволно спиење, несоодветна храна и пијалаци и тн. Поради сите овие влијанија, продуктивноста на анкетираните после 5, 10 или 20 години (во нивната најголема сила), ќе биде многу намалена. Јогата би помогнала и тогаш кога веќе постои одредена дијагноза, но е многу покорисна кога ја практикувате превентивно – објаснува Даов.

На прашањето каков е интересот за јога во Македонија, Даов вели дека вели дека има неколку инструктори со меѓународни сертификати, но засега е единствен со две предавања со стручни теми на симпозиуми организирани од Европската јога федерација.

– Учествував со практични вежби каде организатор беше светската јогиска асоцијација и учеството токму во Германија – на темата јогата и младите. На овие меѓународни претставувања ми даваат признанија и ме охрабруваат да продолжам да работам во оваа насока.

Кај младата популација пандемијата го забрза користењето на интернетот во редовната настава, секојдневието стана незамисливо без помош од дигиталните алатки на часовите.

Речиси 99 % од младите во Македонија на возраст од 15 до 24 години го користат интернетот 3 до 8 часа секој ден, а во поразвиените земји ситуацијата е можеби и полоша. Зависноста од интернет е состојба кога една личност ги употребува дигиталните алатки како доминантна животна активност, со што придонесува за изолација во однос на останатите општествени форми.

Ефектите од употребата на дигиталните технологии постојано се истражуваат бидејќи се работи за релативно нов феномен во историјата на човештвото и сѐ уште има многу непознати, од тоа како влијаат врз нашата психологија и однесување, па сè до можните последици врз нашето здравје на физичко и емоционално, бихевиорално ниво.

Сподели