Слушајќи ги актерите на проби, сфатив дека во уметничка смисла, ме возбудуваат тие двојби што Скопје ги има, тие две страни од истата паричка: старата наспроти новата, автохтоната наспроти дојдената, онаа на Аеродром наспроти онаа на Карпош, „нашата“ наспроти „вашата“ – вели режисерот Милош Б.Андоновски
Тој е неуморлив режисер, кој го живее и работи за театарот во секоја негова пора на постоење. Театарски перформанси на независна сцена, целовечерни претстави во национални театри, работа со млади преку неговиот „Театар за сите“, едукација и надградување на знаењата наменети за наставници, ученици, Милош Б. Андоновски е пример како се сака и се создава театар. Негова последна провокација е темата „Скопјани“, претстава што токму денес на денот на ослободувањето на Скопје, ќе ја доживее својата премиера во 21 часот во „Јавна соба“ во Скопје. Првата реприза е закажана на 22 ноември во 20 часот, на истата сцена.
Станува збор за претстава инспирирана од расказите на Оливера Ќорвезироска, „Улиците што ги нема“, а ќе биде изведена како дел од придружната програма на фестивалот „Млад отворен театар.“ Со Андоновски разговараме за новата премиера, но и редица други активности во кои е вклучен периодов, а повторно се на тема театар.

Сцена од „Скопјани“
Како се роди „Скопјани“?
– Јас сум кумановец, не сум скопјанец. Отсекогаш сум бил активен, општествено и културно, а таа проактивност започна во Куманово, во моите средношколски денови. Поради природата на моите студии, требаше да се преселам во главниот град и секако, продолжив со сѐ што правев, само на друго место. Оттогаш, повеќе имам придонесено за Скопје, отколку за Куманово.
За Скопје не може да ме боли толку колку што ги боли скопјани, сепак, не е мојот град. Од друга страна пак, и Куманово веќе одамна не го чувствувам како свое. „Скопјани“ се роди токму во тој ‘меѓупростор’ и од потребата да го одредам сопствениот однос со градот во којшто живеам дванаесет години. Таа поделеност во мене се одрази и во актерската екипа на претставата којашто е мешана: тројца актери се од Скопје, тројца од други градови, а сите заедно зборуваат за главниот град и за својот однос кон него. Слушајќи ги на проби, сфатив дека во уметничка смисла, ме возбудуваат тие двојби што Скопје ги има, тие две страни од истата паричка: старата наспроти новата, автохтоната наспроти дојдената, онаа на Аеродром наспроти онаа на Карпош, „нашата“ наспроти „вашата“, впрочем како Македонија во мало.

Се решивте за драматизација на многу интересни современи раскази инспирирани од новото Скопје, на Ќорвезироска. Беше ли тешко да се претворат во драма?
– Морам да признам дека беше тешко, пред сѐ зашто процесот на приготвување на претставата беше специфичен од повеќе апскети. Спојувавме материјали од две различни природи: од документарна (актерските лични приказни и искуства од градот) и од книжевна природа (расказите на Оливера Ќорвезироска), а згора на тоа, на актерите им ја одзедов удобноста на „увежбување на претставата“ преку запишан текст. Ова е трета моја претстава којашто ја работам на овој начин и мислев дека пристапот ми е веќе познат, но, не се испостави така.
Отсуството на запишан текст во изведбата на актерите поттикнува еден хиперреализам, една природност, непосредност и можност за исклучителна близина со публиката. Од друга страна пак, воведувањето на расказите, поради самиот факт што се напишан/запишан текст, ја поништуваа токму таа природност, со која што јас сакам да си играм како режисер. Предизвикот беше во слевањето на шесте раскази што ги избравме со Ивана Нелковска, драматургот и драматизаторот на расказите, со приватниот материјал за којшто беше задолжена колешката Ева Камчевска и во изнаоѓање на начинот за обете материи да му се подадат на тој хиперреализам.

За време на процесот, постојано комунициравме со Оливера, „ваква ќе биде претставата, расказите вака ќе течат, онака ќе течат“, таа постојано ни велеше дека замислата е наша и дека е во ред како и да одлучиме и морам да напоменам дека токму таа слобода што ни ја даде, го направи овој процес исклучително важен за целата екипа. Нејзините раскази отвораат различни светови и можностите се неисцрпни, па така, формата на претставата ја одредивме според расказот „Булевар Маркс и Енгелс“. Како носечки расказ, тој ги држи личните приказни и останатите раскази во кохерентна целина.
Во Вашите проекти често им давате простор на нови актерски имиња. Каков беше случајот овојпат и каков процес имавте?
– Процесот беше таков каков што секој режисер би посакал. Многу зборувавме на пробите, можеби не изгледало така, но во суштина секогаш беа концентрирани, ефективни и исклучително забавни. Поврзаноста и енергијата меѓу актерите, којашто се воспостави уште на првата проба, е клучна за претставата, зашто претставата се темели на таа атмосфера што се поставува на почетокот и се одржува до крајот на изведбата, кога нештата ќе скршнат во поинаков правец.
Со сите актери сум работел во некаква форма, освен со Виктор Велевски, ова е наша прва соработка заедно и не можете, а да не уживате кога работите со актер со кадифен глас. Со Ангела Стојановска, соработуваме веќе четврти пат по ред, а истовремено сме дел од најмалку осум вибер-групи за други соработки или проекти. Нина Елзесер втор пат игра во моја претстава и втор пат е човекот што ми ја отвора вратата кон светот на претставата, ќе разбере таа. Режирајќи го Христијан Поп-Симонов дипломирав, а преку „Скопјани“ повторно се среќаваме по седум години, во неговиот центар: пробите. Јанка Лефкова, исто така, втор пат игра во моја, во наша претстава и ѝ се восхитувам на колегијалноста и односот со помладите колеги. Приказната со Филип Христовски е посебна, зашто пред шест години го запознав на часови кај мене. Филип е сега дипломец на Факултетот за драмски уметности и можам да замислам каков актер ќе биде! Многу ги ценам и почитувам сите. Секако, тука се и мојата костимографка Ирина Тошева и асистентка-костимографка Ива Ивановска, како и Мартин Манев – сценограф и Симона Димковска – асистентка сценографка коишто придонесоа за топлината на претставата.

Од неодамна сте дел и од тимот на МТФ „Војдан Чернодрински“. Меѓу другото, ќе организирате работилници за ученици и наставници. Може да ни откриете повеќе за тоа?
– Да се биде учесник на МТФ „Војдан Чернодрински“, нашиот најголем и најзначаен театарски фестивал за домашна продукција, е големо задоволство. Но, да се биде дел од организацискиот тим на фестивалот е особена чест, истовремено и одговорност. Новата директорка на фестивалот, проф. д-р Ана Стојаноска, не само што е човек, којшто работи според високи стандарди и со кристално јасна визија за „Чернодрински“, туку е и моја професорка од Факултетот за драмски уметности. На нејзиниот повик да станам дел од тимот, но и да ја водам едукативната програма на фестивалот одговорив без двоумење.
Едукативната програмата на МТФ „Чернодрински“ започнува месецов, на 19 ноември. Еднаш месечно, во наредните седум месеци, ќе се среќавам со наставници и ученици од две основни и две средни училишта од Прилеп. Во репетиционата сала на прилепскиот театар ќе работиме заедно на истражување и проучување на театарската уметност и неговите сфери: актерството, режијата, драмското пишување, сценографијата, костимографијата, критиката…
Месечниве работилници ќе бидат тематски одредени и поврзани со драмата „Вејка на ветрот“ од Коле Чашуле, којшто, воедно, е и автор во фокус на ова 57-мо издание на фестивалот. Важно е да напоменам дека, во мое отсуство, работата нема да престане: неколку актери од прилепскиот ансамбл ќе продолжат да се среќаваат и да работат со учесниците, еднаш неделно, сѐ до почетокот на фестивалот во јуни.
Овој концепт и воведувањето на едукативната програма, не само што го прават фестивалот поотворен од кога било, туку нудат и ретка можност за меѓугенерациско учење: наставници, ученици и актери на различна возраст заедно да работат и да учат едни од други. Целта на оваа едукативна програма во рамките на МТФ „Чернодрински“ е само првиот чекор кон она што сите нѐ чека по завршувањето на фестивалот – генерирањето нови публики и нови очи, коишто повторно и повторно ќе му се враќаат на гледањето театар.

Пролетта излезе од печат вашиот Прирачник за наставници по драмска уметност. Имате ли сознанија дали веќе си наоѓа примена?
– Често добивам пораки од колегите од гимназиите ширум земјата. Одзивот е позитивен, прирачникот им користи и се служат со него, но сепак оставам да помине една година за јас да им се обратам и да поразговарам со нив за промените што најверојатно ќе забележат кај своите ученици.
Она што особено ме радува е фактот што прирачникот официјално беше одобрен од Министерството за образование и наука, со решение од министерот и сега, формално, може да се користи од наставниците по предметот Драмска уметност во средните училишта. Втората работа којашто ме радува е што тиражот на македонски јазик целосно се потроши и веќе разгледувам начини за објавување на второ.
Што следува по „Скопјани“?
– Со „Скопјани“ ја затворам оваа театарска година и секако, ќе си дадам мал одмор по премиерата, тоа нема да биде ништо особено: прошетки низ градот, книги, филмови… Во меѓувреме, ќе продолжам со работата на „Чернодрински“. За наредната година сѐ уште е рано да зборувам, но имам неколку претстави кои навистина сакам да ми се случат и сакам да ги режирам.





