„Атлас“, алегоричнатa претстава за човекот кој го носи товарот на светот, беше инспирација за уметникот Никола Пијанманов да ја изработи истоимената скулптура што деновиве е поставена пред Домот на култура во Босилово. Изработена е од рециклирано железо, висока 4 метри, со основа од 80 сантиметри.
– Посветена е на оние кои се борат со тежината на празнината – вели Пијанманов.
Скулптурата е реализирана преку манифестацијата Босилово – Културно лето 2022. Пијанманов е роден во 1981 година во Струмица. Средно училиште завршил во средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“ во Скопје, а дипломирал на Факултетот за ликовни уметности на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во класата на професорот Рубенс Корубин во 2005 година. Реализира повеќе од 10 изложби, а учествувал на многу групни претставувања и ликовни колонии. Автор е на сценографии, плакати, држи предавања и работилници и активно учествува во културниот живот во Македонија.





