Кој ти тера, кој за нос ги влече македонските писатели да не се читаат меѓу себе

Пишува: Трајче Кацаров

Бев со намера во „кафеаната на писателите“ да најдам место каде на раат ќе го испијам пладневното кафе. Кога ја отворив вратата, пред очите ми излезе писателот седнат сам на средишната маса од салата. Ме погледна, а потоа веднаш го спушти погледот врз чинијата од која со вилушката потпомогната од ножот, ја драпаше мршата. Во мигот кога тој го спушти погледот, јас го кренав. Во намерата да најдам слободно место, го пуштив погледот да ја прелета салата. За не подолго време од тоа да речеш „бричка“, сфатив дека мојата осаменост треба да ја практикувам на друго место. Во потрага по „друго место“ одев во друштво со мислата која постојано ме враќаше на ненадејната средба со писателот.

Кутриот тој, не можеше да ја прочита мојата намера. Ниту сакав да го сретнам, ниту сакав да го поздравам, уште помалку да седнам на неговата маса. Не ја прочита мојата намера – да бидам сам додека го пијам моето пладневно кафе.

Друго место не најдов, но и не успеав да се ослободам натрапникот – мислата, што ме нагонуваше, газејќи го есенскиот тепих во градскиот парк, да ја барам генезата на проблемот. Што му беше на писателот, та, не можеше да ме прочита. Поточно што му беше на писателот, та, не можеше да ја прочита мојата појава на вратата на писателската кафеана?

Пред да го испеам стихот на Блаже Конески – „Убавино, ти ме заморуваш веќе“, „седнат во паркот на некоја клупа“, заклучив: Кутриот писател ù подлегнал на пандемијата која со години пустоши меѓу македеонските писатели-современици. Оболените не само што не ги читаат колегите по перо, оние кои го практикуваат македонскиот јазик во своите пишани искази, туку развиваат кон нив омраза и завист.

Нема друго, пандемијата ја убива нашата национална литература, односно, ги руши вредностите во неа. Не гледам дека скоро ќе заврши. Не гледам дека ќе се намали бројот на заразените.
***
Она што во светот е пракса, кај нас е инцидент. Аристотел го прочитал Платон, па изјавил „Мил ми е Платон, ама помила ми е вистината“. Така настанале некои разидувања во поглед на идејата и материјата. Гоци го знаел Голдони наизуст. Така настанале разидувања во поглед на изборот на јазикот за книжевна артикулација. Гогољ го читал Пушкин, па му се обратил да му помогне. Така настанал „Ревизор“. Мајаковски го читал Есенин, па напишал (парафразирам): „Да имаше повеќе мастило во „Аглентер“ во собата бр.5, Есенин немаше да ги пишува стиховите со својата крв“. Елиот го читал Паунд, па побарал помош од него. Така настанале генијалните дела на Елиот. Хесе го читал Томас Ман, овој, пак, го читал Хесе. Сартр го читал Ками и обратно. Така се појавиле разидувањата во философската мисла. Има и такви моменти во книжевноста, кога Платонов посакал да биде Хемигвеј, а овој, пак, Платонов.
***
Кај нас, ниту има, ниту, пак, некој ќе признае дека некогаш побарал помош од писател – современик. Можеби тоа е плод на „мафијашкото братство“. Се прегрнуваат, се тапкаат по рамењата, а всушност гледаат како еден на друг да си забијат нож во грбот. Некои ќе речат дека претерувам, дека не знам што пишувам. Ним би им порачал да најдат писател член на ВМРО, кој го сака писателот член на СДСМ и обратно.

Кога едните ќе се влезат во мелницата на пандемијата, не прават друго освен што развиваат завист кон здравите. Со сите сили се трудат да ги заразат. Во тоа и успеваат.

Фотографија: Пиксабеј

Сподели