По повод Светскиот ден на науката за мир и развој – 10 Ноември, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје денеска ги додели наградите за најдобри научници за врвни резултати во 2021 година.
Наградени научници се:
д-р Рената Ќуштеревска од ПМФ од областа на природно-математичките науки
д-р Петре Ламески од ФИНКИ од областа техничко-технолошките науки,
д-р Игор Спироски, вонреден професор на Медицинскиот факултет од областа на медицинските науки,
д-р Виолета Цветковска од Економскиот факултет од областа на општествените науки
д-р Лидија Тантуровска од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ од областа на хуманистичките науки.
м-р Дарија Андовска, редовен професор на Факултетот за музичка уметност е проглсена за најдобар уметник за 2021 година.

УКИМ додели и плакети за посебен придонес во развојот на научно-истражувачката дејност на Универзитетот, постигнати исклучителни достигнувања во кариерата и меѓународно призната извонредност, како значаен придонес во унапредувањето и развојот на Универзитетот.
Плакета за посебен придонес добија:
проф. д-р Трајче Стафилов, редовен професор на ПМФ;
проф. д-р Марјан Гушев, редовен професор на ФИНКИ,
проф. д-р Лидија Гавриловска, редовен професор во пензија од ФЕИТ;
академик проф. д-р Љупчо Коцарев, редовен професор во пензија на ФИНКИ,
проф. д-р Гоце Спасовски, редовен професор на Медицинскиот факултет;
проф. д-р Иван Грозданов, редовен професор во пензија на ПМФ и
академик проф. д-р Леонид Грчев, редовен професор во пензија на ФЕИТ.
Тие се наградени како истакнати научници со најголем број референтни публикации кои придонесуваат за афирмација и интернационализација на УКИМ.
Заклучно со 2021 година само пет научници од Скопскиот универзитет се јавуваат со над 800 трудови индексирани во базите на Web of Science во услови кога УКИМ со околу 2000 лица академски кадар има вкупно околу 5600 трудови. Затоа Ректоратот оваа година донел одлука да им се искаже признание – плакета на најистакнати научници на Универзитетот за нивните научни достигнувања во кариерата. Светскиот ден на науката за мир и развој – 10 Ноември е прогласен на генералната конференција на УНЕСКО во 2001 година.

Ректорот на УКИМ Никола Јанкуловски во обраќањето рече дека тој е востановен за да ја нагласи важната улога на науката во општеството и потребата да се ангажира пошироката јавност во дебатите за новите научни прашања.
Со поблиско поврзување на науката со општеството, Светскиот ден на науката за мир и развој има цел да обезбеди граѓаните да бидат информирани за развојот на науката, рече Јанкуловски на настанот, кој по две пандемиски години, беше организиран со физичко присуство во Ректоратот на УКИМ. Јанкуловски посочи и дека одбележувањето на годинашниот Светски ден почна на 8 јули во рамки на Меѓународната година на основните науки за одржлив развој и дека основните науки се од витално значење за напредокот во медицината, индустријата, земјоделството, водните ресурси, енергетското планирање, животната средина, комуникациите и културата.





