Во Париз се сретнав со активистки за родова еднаквост со кои допрва можеме да соработуваме

Ретко која од федерациите кај нас има експертиза како да креира родово-сензитивни средини во делот на тренинг, пристап до спортски активности или родово-одговорен буџет за поддршка на спортот во женска категорија – вели Митевска

Најевидентен родов јаз е токму во спортскиот сектор, дури над 95 отсто од раководителите во националните спортски федерации се мажи. Тоа најмногу се должи на нетранспарентниот и затворен процес на регрутирање кој автоматски ги исклучува жените до лидерски позиции и секако стигмата дека спортот е домен првенствено резервиран за мажите – вели Силвија Митевска, голема поборничка за женските права во спортот и за поголема промоција на жените во спортот. Неодамна на покана на француската амбасада во земјава, Митевска беше наша претставничка на програма за лидерки. Што можеме да примениме од европското искуство и дали се помрднуваат работите кај нас во однос на жените и спортот, разговараме со Митевска, која е претседател на здружението Sport Social Solutions.

Како борец за правата на жените во спортот бевте дел од програмата што ја организираше француската амбасада за лидерки во Париз. Може ли да ни доближите од што се состоеше програмата и какви личности запознавте?

– Бев номинирана од француската амбасада во Скопје да бидам претставничка на Македонија на програмата за лидерки. Главна тема на програмата беше феминистичката надворешна политика на Франција и нивните заложби на стратешко ниво со цел унапредување на родовата еднаквост во сите сегменти на општеството. Родовата еднаквост е приоритет на Министерството за Европа и надворешни работи на Франција особено остварувањето на еднаков пристап на мажите и жените за пазар на трудот, еднаква плата како и нула толеранција за насилство, дискриминација и родово-базирано насилство.

За време на еднонеделниот престој имавме можност да се видиме со претставници од релевантното министерство, односно со амбасадорките за човекови права, за родова еднаквост, за спортска дипломатија, Државната секретарка при МНР за Европа, а во рамки на посетата на парламентот имавме средба со парламентарци од кои особено бев воодушевена.

Кои средби во рамките на оваа програма Ви оставија посебен впечаток?

– Оваа програма е навистина многу добро структурирана и она што најмногу ми се допадна е можноста да разговараме и размениме искуство со државници, но и со активистки од невладиниот сектор. Сите состаноци беа крајно продуктивни и сите говорници/чки беа подготвени за дискусијата и прашањата што произлегуваа од наша страна. Сепак, она што можам да издвојам како посебно е состанокот со министерката за родова еднаквост со која детаљно разговаравме што тие преземаат за превенција и заштита од родово-базирано насилство, состанокот со Алис Барбе, директорка на Академијата за идни лидерки кои инвестираат во зајакнување и вклучување на активисти/ки во политичкиот естаблишмент со цел поголемо влијание и импакт на национално ниво, како и средбата со парламентарецот и заменик на делегацијата за женски права и еднаквост кој ме воодушеви со неговата амбициозност и проактивност во борбата за еднаквост.

Ретки се приликите да разговарате со маж кој има искрени намери и убедувања дека итно се потребни суштински промени и креирање еднакви можности за жените и мажите во сите области.
Исто така, она што многу ми остави особен впечаток беше извонредната подготвеност и посветеност на останатите учеснички во програмата кои беа кандидирани и избрани од другите држави. Станува збор за неверојатно успешни и афирмирани жени и феминистки, а секоја од нив работи на унапредување на правата на жените во својот контекст. Покрај соработката со француските партнери, инспирирана од нив, започнуваме и меѓусебна соработка, првенствено со мојата драга пријателка Зана Хоџа од Косово која го организира најдолгогодишниот феминистички фестивал во овој регион.

Како наученото би го примениле кај нас?

– Учеството во оваа програма беше исклучително корисно, првенствено зашто имав пристап до висок профил на државници и активистки со кои имам можност да градам партнерство и соработка во иднина. Во рамки на програмата остварив состаноци и со Олимпискиот комитет на Франција, како и со невладини организации кои работат во областа на родова еднаквост во спортот и веќе се родија идеи и иницијативи за имплементација на добри практики од Франција. Особено интересно беше да чујам околу функционирањето на т.н. Aкадемија за родова еднаквост во спортот која организира модули и обука за интегрирање на родовата перспектива во спортските политики на националните спортски федерации.

Сметам дека оваа активност е потребна кај нас, зашто ретко која од федерациите има експертиза како да креираат родово-сензитивни средини во делот на тренинг, пристап до спортски активности или родово-одговорен буџет за поддршка на спортот во женска категорија.

Летово бевте дел и од програма во САД, за жени во спортот. Какво е чувството кога можете да сте меѓу врвни лидери кои ги прават политиките и даваат поддршка за развој на спортот, посебно кај жените?

-Летово од Стејт Департмент бев поканета да учествував во прославувањето на десетгодишнината на Спортската и менторска програма (Global Sports Mentoring Program) во која учествував и во 2016та година. Поканата ми беше исклучително драга зашто на симболичен начин преставуваше плод на моите долгогодишни заложби за унапредување на правата на жените во спортот кај нас. Поминавме две недели на престижниот универзитет за претприемништво во Бостон, а потоа во Вашингтон ДС бевме дел од прославата на 50 години од федералниот закон за граѓански права (Title IX), согласно кој, жените во САД добија еднакви права и финансиска поддршка во сите сфери на општеството, вклучувајќи и еднаков пристап на девојки до спортски активности. Настанот беше организиран од Стејт Департментот и имавме можност да се запознаеме со првата дама на САД, Џил Бајден, како и со тенис легендата Били Џин Кинг. Особено драго ми беше што на настанот присуствуваше и тогашната амбасадорка на САД во Скопје, Кејт Брнз.

Имаме ли придвижување во Македонија по прашањето на поголема свесност за спортот кај девојчињата/девојките и негов развој? Се бориме ли успешно со стереотипите?

– Имаме придвижување, но сепак не е доволно. Ветувавме дека ќе сториме повеќе, но тоа беа декларативни заложби, а во практика не се гледа голем напредок. Уште кога бев во кабинетот на премиерот како советничка за спорт бев гласноговорничка дека ни се потребни итни и храбри промени не само во делот на родовата еднаквост, туку во целиот спортски систем, а особено во делот на спортските политики. Заостануваме зад европските практики во примена на политики кои се однесуваат на безбеден спорт, заштита на деца и малолетници во спортот (safeguarding), како и обезбедување на родово еднаков пристап до финансиски ресурси и менаџмент во спортскиот сектор. Да потсетам дека најевидентен родов јаз е токму во спортскиот сектор, дури над 95% од раководителите во националните спортски федерации се мажи. Тоа најмногу се должи на нетранспарентниот и затворен процес на регрутирање кој автоматски ги исклучува жените до лидерски позиции и секако стигмата дека спортот е домен првенствено резервиран за мажите.

На што сте фокусирана периодов?

– Заедно со комисијата за родова еднаквост при Олимпискиот комитет во која членуваат извонредни и исклучителни жени од спортскиот сектор интезивно работиме на подобрување на спортските политики при Олимпискиот комитет. Наскоро со поддршка на УН Вомен канцеларијата во Скопје ќе се организира и обука предводена од експертка од ЕУ, а се однесува на интегрирање на родова перспектива во спортските политики.
Инаку, во рамки на Еразмус спорт програмата која ја менаџирам во Олимпискиот комитет, во рамки на три проекти работиме на оваа тема и наскоро ќе развиеме акциски план за родова еднаквост на ОК, кој понатаму ќе може да биде пресликан и од националните спортски федерации. Понатаму, за неколку месеци ќе имаме и податоци од истражувањето кое се однесува на идентификација на бариери со кои најмногу се соочуваат жените при пристап до лидерски позиции, како и развој на едукативна програма за надминување на овие бариери. Проектите траат две години и се финансирани од Европската комисија, а партнери ни се организации од Португалија, Италија, Капо Верде, Франција, Бугарија и Полска.

Постојат интересни иницијативи што ги реализирам на повеќе платформи. Особено сум горда што можам да го предводам здружението Sport Social Solutions кое обединува голем број докажани спортисти и спортистки од нашата држава. Оваа недела во Македонија ќе нè посети мојата драга пријателка Дијана Бонер од Бразил која е експертка по ненасилна комуникација и која ќе предводи обуки за спортисти и тренери на оваа тема. Обуката е во рамки на партнерството со Спортско-менторската програма, поддржана од Центарот за спорт, мир и општество и Стејт Департментот на САД, а имплементирана од Sport Social Solutions. Понатаму, со тимот при Sport Social Solutions ја подготвуваме и програмата за промоција на олимписки вредности во рамки на училишта, како и зајакнување на девојки преку спорт, предводена од наши олимпијци.

Меѓу останатите иницијативи е и подготовката за претстојната конференција за спортска дипломатија во Лондон на која сум поканета да презентирам за досегашното искуство во развој на спортската дипломатија во Македонија. Веќе подолго време истражувам и креирам политики на оваа тема и ми претставува огромно задоволство што ме повикаа да бидам дел од глобалната консултантска организација за спортска дипломатија Sports Diplomacy Alliance. Има уште многу други нови иницијативи, и се надевам дека заедно со мојот тим во следниот период сите успешно ќе ги реализираме.

Сподели