„Кога татковината станува чедо, а вистината – борба!“ – нова книга колумни и есеи на Васко Шутаров

Нова збирка колумни и есеи со наслов „Кога татковината станува чедо, а вистината – борба!“ (два-три лафа за поновите македонцки работи) на политикологот, дипломат и проф. д-р Васко Шутаров е објавена во издание на „Макавеј“ од Скопје. Рецензентот и промотор на ова издание, Елка Јачева Улчар, препорачувајќи ги колумните на Шутаров, во предговорот кон оваа книга истакна дека за неа „најважна и обединувачка нишка со Васко е патриотизмот, оној што таа го нарекува здрав патриотизам, фундиран на: знаењето и сакањето на својата култура, историја, јазик, од една страна, но и врз самопочитта која ако ја немаш, не може да продуцира почит спрема другиот; […] оној патриотизам што најдобро го имаше дефинирано Кенеди пред повеќе од шест децении: не прашувај што ќе ти даде тебе Татковината, пред да се прашаш што ќе ѝ дадеш ти на Татковината!

Книгата е делумно спонзорирана од Општина Гевгелија и ќе може да се купи во книжарниците „Или-Или“, „Култура“ и „Антолог“ во центарот на Скопје и на порталот kupikniga.mk.

Васко Шутаров (1964) дипломирал на Факултетот за политички науки во Белград, на насоката по дипломатија. Магистрирал во областа правни науки и применета дипломатија на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и докторирал во областа политички науки на истиот универзитет. Неговиот научен интерес ги опфаќа областите политички науки (со посебен интерес за меѓународните политички односи), меѓународни културни односи, јавна, културна и дигитална дипломатија.

Во својата професионална кариера, бил советник во Советот на Општина Гевгелија (2000-2006 година), пратеник во Собранието на Република Македонија (2006-2011 година) а бил и претседател на Комисијата за култура во Собранието на Република Македонија (2009-2011 година). Во периодот од 2009 до 2011 година претседавал со Комисијата за надворешна политика на Собранието на Република Македонија.
Од 2011 до 2017 година бил министер-советник во Македонската амбасада во Софија, Република Бугарија, и директор на Македонскиот културно- информативен Центар во Софија. Автор е на бројни научни трудови и на книгите: „Јавна и културна дипломатија“ (Панили, 2014); „Публична и културна дипломатия “ (Изида, София, 2016); „Културна дипломатија на СФРЈ и културните дипломатии на државите наследнички“ („Софија“, Богданци, 2019), „Со зрно сол. И парче локум“ (2021 година)
Редовно објавува колумни за порталот „Република”.

-Јас сум еден од оние што се убедени дека преку културата можат да се објаснат и најтешко објаснивите политички појави и процеси, и обратно! А како доктор на политички науки и како човек што едно време се занимавал со жива политичка пракса, уште толку сум убеден дека нема добри политички практики без добри културни политики и практики, како ни добри и успешни политичари без политичка култура во меѓусебната комуникација, без уважување и почит спрема културата, воопшто. Со други зборови и со сосем мали исклучоци, нема големи политички фигури во политичките енциклопедии кои оставиле силна трага во политичката историја, а кои биле „скарани со културата“ и на кои културата им била туѓа – вели Шутаров.

Тој додава дека редовните читатели на неговите колумни му биле инспирација и мотив да ги издаде и во книга.

-Нема повисока убавина од таа љубов и нема временска одредница во која таа љубов може да се затвори и да се зароби. Љубовта кон Татковината никогаш не може да биде демоде! И насловот, како и поднасловот на книгата во себе ги содржат токму тие посланија, како кон сегашните, така посебно кон генерациите што доаѓаат по нас! Ако веќе морам да се одлучам само за најважните, тоа би биле: повикот за наше обединување преку секогаш актуелната љубов кон своето парче земја, кое мора да се негува и сака како свое чедо; вистината за себе и својата Татковина, која мора да се раскажува колку што се може посмело, како најубава можна приказна – за конечно и да стане убава и нормална приказна за нас во освојувањата на срцата и умовите на народите и државите секаде низ светот. И секако, пораката или посланието кон сите што сакаат да ги освојат нашите македонски срца и умови – тоа можат да го постигнат само оние, кои во меѓувреме најмалку ни грешеа и најмалку си поигруваа со нашето достоинство! – вели Шутаров.

 

Сподели