Имаме сличен менталитет и предизвици, Белград и Скопје ќе продолжат да соработуваат во дух на пријателството

Се надеваме дека наскоро ќе имаме нови видови соработка што ќе ги поврзат нашите блиски народи и ќе ги доведат во Белград македонските туристи, кои се меѓу нашите најбројни посетители – велат од Град Белград

Од размена на искуства во примерите на добра пракса, преку културни размени што доведуваат до подобро запознавање на жителите на двата града, до економска соработка и инфраструктурни проекти – ова се областите во кои Белград и Скопје си помагаат меѓусебно со децении. Годинава одбележуваме 10 години од официјалната соработка и титулата збратимени градови. Од кабинетот на Град Белград ни ги споделува позитивните искуства и активности што ја прават врската меѓу двата града силна.

Оваа година навршуваат 10 години од официјалната соработка и титулата збратимени градови – Белград и Скопје. Може ли да ги издвоиме позначајните настани и активности што ги имале двата града во овој период?

– Градоначалнциците на Белград и на Скопје во март 2012 година потпишаа договор за соработка помеѓу двата града. Тогаш беше истакнато дека Белград и Скопје имаат добра соработка, како и дека во тоа придонесуваат и луѓето кои традиционално имаат добри и блиски врски. Нашите два града се блиски, а нивните жители имаат сличен менталитет. Многу од проблемите што ги имаме ни се заеднички и затоа размената на искуства е од обострано значење. Во текот на годините се реализирани неколку значајни средби на градоначалниците на нашите два града.

Така, градоначалникот на Белград и претседателот на градското Собрание на Белград се сретнаа со градоначалникот на Скопје на Самитот на градоналачниците „16+1“, што се одржа во Белград во октомври во 2018 година. Темите за разговор беа зелен град, урбаниза, комунални дејности, а се разговараше и за соработка од областа на културата и земјоделството.

Челниците на Град Белград се договорија со градоначалникот на Скопје и за соработка за културна размена. Постојат низа настани што можат многу да ги поврзат нашите народи, а можат да се одржат во националните театри во двете престолнини. Двете страни се заинтересирани и за соработка во областа на земјоделството, каде со заеднички проекти и инвеститори од Белград би се пресретнале со инвеститори од Скопје, зашто развојот на приватниот сектор, новите работни места и вработувањето на граѓаните е нешто што првите луѓе на двата града инсистираат да го подобруваат.

На пленарна седница на Самитот, Скопје беше претставен на тема „Инвестициони проекти на градовите учесници и Народна Република Кина“, јавно-приватно партнерство како модел на финансирање проекти од јавно значење, креирање и значење на обединетите туристички понуди на Централна и Источна Европа, насочени кон кинескиот пазар.

Средба на двајцата градоначалници се случи и во април 2015 година во Белград, кога Белград беше домаќин на Самитот на градоначалници на главни градови на Централна и Југоисточна Европа, каде Белград ги собра на едно место претставниците на следните градови: Атина, Виена, Будимпешта, Букурешт, Љубљана, Подгорица, Сараево, Скопје, Софија, Тирана, Варшава, Загреб.

Сметате да треба да се збогати интензитетот на соработка, па што повеќе уметници од различни видови да настапуваат, а и да има повеќе заеднички културни програми?

– Културата нè спојува, а последен пример за размена на оваа област беше гостувањето на Филхармонијата на Северна Македонија на 14 октомври во Белград, под раководство на диригентот Габриел Бебешелеа. Ѕвезда на вечерта беше пијаностот Дино Имери, кој го изведе најпопуларното дело на Чајковски во b-mol.
Овој концерт се одржа како дел од соработката со Белградската филхармонија во рамките на регионалната соработка „Отворен Балкан“, како размена на полето на симфониската музика.

Организаторите на манифестацијата „Денови на македонската култура во Белград“, од година в година укажуваат на пријателски и нераскинливи врски меѓу двете земји. Деновите на македонската култура во Белград е најзначајната манифестација на македонската заедница во Србија, што ја организира здружениото „Македониум“ од Белград.

Манифестацијата „Допир на Македонија“ ги сублимира и ги претставува елементите на културата на Македонците, истакнувајќи ги вредностите на културното наследство на оваа заедница. Оваа година се одржува по 11. пат.

Во рамките на иницијативата „Отворен Балкан“, најголеми придвижувања се направени во трговијата – камионите од трите земји сега со зелениот коридор, без застанувања ја превезуваат стоката во друга земја, со поедноставни фитостандардни процедури. Поедноставно се движат и граѓаните – само со лична карта.

Колку е важно за еден град да има збратимени градови?

– Секоја година Град Белград потпишува договори за соработка со сè повеќе градови. Во моментов имаме околу 30 различни договори. Тоа подразбира соработка во областа на земјоделството, образованието, културата, спортот, заштитата на животната средина, туризмот и други области од обострано значење и интерес. Тоа се појдовна точка за конкретна соработка и размена на официјални и стручни делегации, а со самото тоа и размена на знаење и искуства на основа на кои градот и неговите служби се развиваат.

Во денешно време градовите преземаат улога на важни чинители во меѓународната соработка и придонесуваат за развој на односите помеѓу земјите и луѓето. Земајќи го предвид неспорното влијание на градовите и користа од потпишувањето и официјални потврди за заедничките добри односи помеѓу два града, придобивките се многубројни. Од размена на искуства во примерите на добра пракса, преку културни размени што доведуваат до подобро запознавање на жителите на двата града, до економска соработка и инфраструктурни проекти.

Луѓето се луѓе кога и сме во мака. Неретко Белград и Скопје си помагале во неволја.

– Град Белград во август 2016 година упати специјализирани возила и пумпи и тим луѓе во Македонија, во Скопје за да помогне во санирањето на последиците од поплавата што се случи тогаш во Македонија.
ЈКП „Белградски водовод и канализација“ го испрати своето најголемо возило за санирање на сливнички врски. ЈКП „Градска чистоќа“ испрати голема цистерна за црпење кал, а ЈП „Београдводе“ – две пумпи со голем капацитет, 2000 литри во минута, за празнење вода од затнати каналски мрежи, водоводни и канализациски системи и приватни куќи.

Белград сочувствуваше со народот на Македонија, со обѕир на тоа дека Србија такво невреме ја погоди во 2014 година кога братскиот народ од Македонија ни помогна да ја надминеме незапамтената катастрофа. Скопје тогаш ни испрати 10.000 вреќи за одбрана од поплавата. За жал, природните незгоди секогаш не дочекуваат неподготвени, но важно е во тие тешки моменти да си помагаме и да бидеме обединети.
Град Белград во јули 2013 година имаше свој претставник на церемонијата на одбележувањето на 50. Годишнината од големиот земјотрес во Скопје. Овој земјотрес беше еден од најсилните на просторот на бивша Југославија. На дело се виде голема солидарност на сите република и градови, па така и Белград помогна во обнова и развој.

Што следно се планира во вашата соработка со Скопје?

– Во наредниот период полека оживуваат активностите и плановите што ковид-пандемијата ги прекина на долго време. Се надеваме дека наскоро ќе имаме нови видови соработка што ќе ги поврзат нашите блиски народи и ќе ги доведат во Белград македонските туристи, кои се меѓу нашите најбројни посетители.

Фотографии: Јоланда Кораќ

Сподели