Културни хоризонти од неолитот, бронзеното доба, раната антика открија археолозите на истражувањата на Ѓоновичко Кале, Гостиварско. Најприсутни се движни и недвижни археолошки остатоци од доцната антика и средниот век, велат од Конзерваторскиот центар во Гостивар.
– Ѓоновичкото Кале е тврдина која егзистирала во раната антика. Во овој период веројaтно е подигната мала тврдина која подоцна, во текот на доцната антика и средниот век е трансформирана во поголемо утврдување – велат археолозите.

Со истражувањата раководеше д-р Роберт Петковски кој заедно со Филип Аџиески и Буњамин Џемаили се преставници од Археолошкиот музеј од Скопје. Од Конзерваторскиот центар стручниот тим го сочинуваат: Даниел Ѓорѓевски, конзерватор за археолошко наследство, Илбер Зулфичари, конзерватор за камена и дрвена пластика, Арјан Руфати, конзерватор за ѕидно сликарство, Садат Бекири, конзерватор за статика, Џезаир Реџепи, конзерватор за мозаик и Цветко Новакоски.
Локалитетот се наоѓа во близина на селото Горна Ѓоновица, Гостиварско. Истражувањата се финансирани од годишната програма на Министерството за култура, а ги спроведе Конзерваторскиот центар од Гостивар во соработка со Археолошкиот музеј на Северна Македонија.





