Во рамките на иницијативата збратимени градови, ансамблот „Никола Јонков Вапцаров“ лани настапи во Белград. Годинава Скопје и Белград одбележуваат една деценија од збратимувањето
Фолклорните ансамбли ги зачувуваат, негуваат, изучуваат, пренесуваат и презентираат фоклорните традиционални вредности на следните генерации. А една од најважните дејности на ансамблите се настапите на фестивалите во странство, вели Мартин Цветковски, раководител на Ансамблот „Никола Јонков Вапцаров“ од Скопје. Ансамблот има долгогодишна традиција. Основан е во 1978 година, со седиште во населбата Лисиче во Општина Аеродром. Со 44 години постоење и активна работа, добитници се на многу награди, признанија дома и во странство.
Во рамките на иницијативата збратимени градови, ансамблот лани настапи во Белград. Годинава Скопје и Белград одбележуваат една деценија од збратимувањето. Според Цветковски, Србија отсекогаш била една од нивните најомилените и најпријателски дестинации за културна соработка.

– Речиси на секои 2-3 години реализираме таму една фолклорна соработка. Лани во рамките на иницијативата збратимени градови бевме во Белград. За жал, поради пандемијата, препораките и ограничувањата настапивме во специфични услови. Можеби концертите не беа вообичаени – со огромен број публика во затворен простор, но сепак успешно се заврши проектот. Настапивме на отворен простор, со ограничен број гледачи и запазување на сите мерки и протоколи, но и во тоа имаше убавина. Алтернативните простори секогаш се предизвик и носат нешто ново. Сè помина одлично, професионално и достоинствено како што доликува на еден фолклорен ансамбл – вели Цветковски.
Пред и по пандемијата
Пред пандемијата, ансамблот броел 290 членови распределени во повеќе фолклорни групи, имале 15 музичари, 10 пејачи. Денес последиците се очигледни особено во делот на играорците каде има 180 члена.
– Бројката се намали, меѓутоа секојдневно работиме да се вратиме во првобитната состојба. Друштвото располага со сопствени простории и работи на база на членарина која е симболична, за разлика од останатите дејности и спортови – вели Цветковски.

Мартин Цветковски
Членовите се генерално од помладата генерација, распределени во 9 фолклорни групи според возраста и годините на активно занимавање со оваа дејност. Најмалите се на возраст од 5 до 8 години, а највозрасната гупа од 16 до 30 години.
– Ова се групи кои активно работат. Покрај нив имаме и ветеранска група која работи по потреба само за годишни концерти, манифестации и фестивали. Тоа обично трае еден-два месеца пред концертот, за разлика од останатите фолклорни групи кои работат секојдневно во текот на целата година, како и група за возрасни лица, кои на поголема возраст сакаат да се запознаат со македонскиот фолклор, ора, песни и традиција – вели Цветковски.
Одлична активност за психофизички развој на децата
Тие изведуваат различни кореографии во зависност од програмата за работа на Ансамблот, концертите, манифестациите и проектите. Според планиот за 2022/2023 година тие ќе изведуваат 15-20 кореографии од сите предели на Македонија.
– Секоја кореографија претставува сопствена приказна, убавина и специфичност. Но, за публиката отсекогаш најатрактивни се брзите и динамични кореографии – вели Цветковски.

Секој крај во Македонија има своја специфична облека – носија. Според Цвeтковски, добар дел од носиите на aнасамблот се оригинални, собрани од теренско истражување во соодветниот етнокореолошки предел. Некои се донирани од страна на локалното население, дел ги продаваат за симболична сума.
– Има и добар дел кои или не сакаат да ги продадат за одредена сума, па завршуваат на пазарот во странство за огромни суми – вели тој.

Според Цветковски, народните танци не се само кореографија, туку напорен тренинг, комплетен развој за еден млад човек од најрана возраст.
– Особено за најмалите, тренингот влијае на физичкиот развој, на мускулатурата, градбата, ставот и на сè за правилен развој на еден млад човек. Дополнително, влијае на моториката и на меморијата на децата. Затоа што детето додека игра брои колку чекори се преостанати да се изиграат, на кој момент каде да застане на фолклорната сцена, како да се постави итн. Сево ова влијае и на културниот и психички развој на еден млад човек. На фолклорните часови изучуваме и како децата да се однесуваат надвор од ансамблот, како да се однесуваат кога ќе се сретнат заедно со други играорци од други држави, кога ќе отидеме како гости во друга земја и многу други нешта – вели Цветковски.
Финансирањето – голем проблем
Финансирањето е една од најболните точки на секој фолклорен ансамбл кој по правило е сочинет од многу луѓе, а често патуваат на фестивали во странство. Цветковски објаснува дека егзистираат со симболична членарина која се движи од 300 до 600 денари.

– Ова е смешна сума за сето она што го добиваат нашите членови и колку се вложуваат нашите наставници. Доволно е само да ja споредите нашата месечна членарина со членарината на кој било друг спорт или активност. А фолклорните фестивали во странство претежно се на сопствен трошок. Некогаш спонзорства добиваме или од Градот Скопје или од Министерството за култура. Но и тогаш за целосна реализација на проект мораме остатокот да го надополниме од сопствени средства или од членовите. А настапите во странство се најзначајни – дециден е Цветковски.

Анасамблот се подготвува за последниот главен проект годинава – манифестацијата „Вапцарови денови“ која годинава се организира по 44. пат. Манифестацијата го одбележува ликот и делото на поетот Никола Вапцаров, патрон на Ансамблот која почнува на 7 декември – денот на раѓањето на поетот.
– На оваа манифестација правиме два целовечерни концерта со богата фолклорна и музичка програма, со целото членство за сите љубители на фолклорот – вели Цветковски.






