Музејот на исламска уметност од Катар денеска ќе се обиде да постави рекорд во читање книга на најмногу светски јазици, а меѓу јазиците ќе биде и македонскиот. Ќе се чита „Малиот принц“ на Антоан де Сент Егзипери, книга преведена на повеќе од 505 јазици, а предизвикот ќе вклучува 56 јазици.
Настанот ќе можете да го следите во живо на „Фејсбук“ и ќе трае околу 2 часа, кога во холот на МИА повеќе од 150 учесници ќе се обидат да го постават рекордот. Секој читач ќе има свое жири кое ќе потврди дали учесникот прочитал точно и правилно.

Од генералната проба (фото: Qatar Museums)
На македонски јазик ќе чита Анета Перевска, која живее и работи во Катар во последните четири години. Вработена е како сениор маркетинг специјалист во маркетинг одделот на Музеите на Катар (Qatar Museums), државна организација која раководи со сите државни музеи во земјата. Нејзина поддршка како судија ќе биде Александра Пеневска, која е во Катар веќе 6 години и во моментов работи како регрутер во болницата „Ал Ахли“ во Доха.
Настанот ќе започне со читање на француски јазик, а ќе имате можност да слушнете како звучи книгата и на виетнамски, урду, гуџарати, малајал, ерменски, полски, фарси, арапски, јоруба, санскрит, турски, српски, босански, црногорски, таи, свахили, хинди, полски, германски, грчки, тагалог, малајалам, курдски, италијански, унгарски…
Обидот за поставување на Гинисовиот рекорд е дел од активностите поврзани со Светското првенство во фудбал во Катар, што ќе започне на 20 ноември.





