Двата града годинава одбележуваат 40 години од збратимувањето, но со Герасимовска разговараме и за нејзиниот пат како пијанистка, предизвиците да се освојат светските музички сцени
По Скопје, Нирнберг е мојот втор дом, град со голема историја, град во кој се негува култура, музиката, пријателството. Нирнберг изобилува со прекрасни паркови за прошетки, богати музеи и зданија кои сведочат за неговата историска важност, има и голем број концертни сали и се разбира – многубројни љубители на класичната музика, вели нашата пијанистка Огненка Герасимовска, професорка во Музичко-балетскиот училишен центар „Илија Николовски-Луј“ во Скопје. Дипломирала и магистрирала во Скопје, а докторирала во Нирнберг. Сето свое стакнато искуство денес се труди да им го пренесе на младите пијанисти. Повод за интервјуто со Герасимовска е јубилејот од 40 години збратимени градови што годинава го одбележуваат Скопје и Нирнберг, но и нејзиот пат како пијанистка, предизвиците да се освојат светските музички сцени.

Раскажете ни за Вашите почетоци во музиката. Кога знаевте дека пијаното ќе биде Вашата животна професија?
– Музиката е дел од мене уште од најрана возраст, по кажувањата на моите родители – уште пред да почнам да зборувам, сум пеела и видно сум реагирала на различни видови музика, што ги навело уште од пет години да го посетувам музичкото училиште. На почетокот музиката беше еден вид игра за мене, но како растев пијаното стана неразделен дел од моето секојдневие.
Дипломиравте и магистриравте на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на проф. Борис Романов. Колку наобразбата е важна за еден уметник?
– Имав среќа магијата на пијаното да ја учам од брилијантни професори, како од тие со кои работев низ моето школување, но и од многубројните професори од кои учев на многуте семинари и летни школи кои ги посетував. Првите две години во музичкото училиште, кога бев многу мала, во тајните на пијаното ме воведе проф. Даница Шуплевска-Костиќ која на едноставен и игрив начин успеа да го задржи мојот интерес кон инструментот. Продолжив да учам кај проф. Рита Трпчева-Поповиќ кај која го завршив основното и средното образование. Можам да кажам дека таа, како мој најдолгогодишен професор во годините кога се создава еден млад музичар, со огромна посветеност успеа да ми ги постави темелите на целата моја понатамошна професионална работа.

Професорот Романов кај кого дипломирав и магистрирав ми отвори нови хоризонти во музиката. Со неговото големо знаење и висока професионалност, поставувајќи високи стандарди на студентите од неговата класа, уште повеќе навлегов во тајните на пијаното. За крај на моето формално образование, докторските студии ги завршив под менторство на реномираниот проф. Волфганг Манц. Улогата на професорот Манц во мојот професионален живот тешко би можела да ја опишам во еден краток текст. Неговата големина како личност, непосредниот пристап кон студентите, желбата и умешноста несебично да го сподели огромното знаење, начинот на кој се грижи за своите студенти во креирањето на нивната кариера постави највисоки стандарди за мене како пијанист, но и како професор по пијано.

Фото: Pixabay
Како се случи да работите со проф. Манц во Нирнберг? И како оваа соработка влијаеше на Вас како пијанистка?
– За време на моите магистерски студии учествував на пијано натпреварот „Карл Дрехслер“ во Нирнберг каде ја освоив третата награда. Професорот Волфганг Манц беше дел од организацијата на натпреварот како одговорен за натпреварувачите, па така имав можност да се запознаам со него. На натпреварот учествуваа и негови студенти, при што можев да го увидам неговиот начин на работа, кој многу ми се допадна. Кога аплицирав за докторските студии на факултетот во Скопје, за моја огромна среќа, професорот без двоумење ја прифати молба да биде мој ментор. Така започна еден интересен период од мојот живот. Иако помина подолг временски период од кога беше мој официјален ментор, професорот Манц сè уште помага во градењето на мојата кариера, а често и ме советува околу работата со моите ученици.
Често патувавте во Нирнберг, град збратимен со Скопје. Како го доживеавте овој град, по што е посебен, што најмногу Ви се допадна?
– Првите две години од моите докторски студии секој месец патував за Нирнберг за часовите по пијано. По Скопје, Нирнеберг е мојот втор дом, град со голема историја, град во кој се негува култура, музиката, пријателството. Нирнберг изобилува со прекрасни паркови за прошетки, богати музеи и зданија кои сведочат за неговата историска важност. Нирберг има и голем број концертни сали, и се разбира многубројни љубители на класичната музика. Во Нирнберг особено внимание се посветува на збратимените градови, а наша среќа е што ја имаме госпоѓа Стефани Вимер како одговорна за релацијата помеѓу Нирнберг и Скопје со која изградив убаво пријателство.

Во 2014 година изведовте хуманитерен концерт во Нирнберг. Кој ја поттикна оваа соработка, што изведовте на концертот, што Ви остана најмногу во сеќавање од овој настап?
– При една од моите многубројни средби со Стефани Вимер, дојдовме на идеја да организираме донаторски концерт каде ќе изведам дела од композиторот Јоханес Брамс. При организацијата помогна и професорот Манц, и за мошне кратко време имавме совршено организиран концерт каде многубројната публика несебично донираше средства во неколку кутии поставени во салата. Средствата ги подаривме на домот за деца без родители „11 октомври“.

Кои се Вашите моментални предизвици, каде настапувате? Доволна ли е македонската сцена за еден уметник, кои се најголемите предизвици за настапи во странство?
– По двегодишното затишје кои се рефлектираше врз сите културни настани насекаде во светот, 2022 година беше убаво враќање за мене. Настапив како солист со Македонската филхармонија, имав неколку солистички рецитали во Македонија, Германија и Турција, и како завршница на концертната сезона, настапив како солист со Истанбулскиот гудачки оркестар во историската концертна сала „Гранд Пера“ во Истанбул. Класичната музика, пијанизмот, впрочем како и сите други уметности, се планетарни. Нашата професија тешко може да се ограничи на еден простор или една сцена. Огромна е потребата за претставување надвор од нашите граници, што не е така лесно остварлива цел. Македонската култура е една од најмладите во Европа, и светот, што значи – не е афирмирана. Иако наши музичари на најголемите сцени стојат рамо до рамо со врвните светски имиња во класичната музика, ќе помине поголем временски период за да ја докажеме нашата вредност и да се стекнеме со поголем углед и препознатливост пред светската публика. Македонија изобилува со раскошни таленти, и како професор во средното музичко училиште во Скопје горда сум на можноста да создавам млади пијанисти кои ќе ги освојат концертните сали ширум светот и со кои ќе се гордееме.

Настап со Филхармонијата






