Во моментов сум тотално опседнат со најцрната досега позната црна боја (неодамна откриена со помош на новите технологии) која го апсорбира светлосниот спектар на бои повеќе од 99%. Сликите создадени со оваа боја ја тераат публиката да ги открива сликите чекор по чекор додека им се приближува, правејќи ефект на изненадување, вели уметникот Јанкуловски
Мултимедијалниот уметник Мице Јанкуловски – Мицко денеска напладне ќе ја прими државната наградата „11 Октомври“, што ќе му биде врачена во Собранието на Македонија. Заедно со писателот Томислав Османли, поетесата Линдита Ахмети ќе ја добие највисоката државна награда, а истата посхтумно за заслуги ќе му биде доделена на проф. д-р Методи Чепреганов. Бројни меѓународни награди се впишани во неговата биографија. Јанкуловски минатата година одбележа 50 години творештво.
Ја добивате државната награда „11 Октомври“. Што за вас значи едно вакво признание на национално ниво?
– Секогаш сум верувал дека времето не се мери со часови, туку се мери со настани. Јас сум проживеал повеќе човечки животи во градење и создавање вредности, најпрвин како индивидуален порив, а потоа како придонес кон општеството. Човекот е социјално суштество и не е можно да се прават вредни индивидуални потфати, а тие да не се во исто време и колективна вредност. Единствената разлика е во тоа дали општеството каде поединецот дејствува ги препознава и вреднува неговите индивидуални постигнувања. Оваа награда претставува остварување на најголемата желба на секој поединец – да биде препознаен од својата заедница на највисоко ниво.

Оваа не е ваша прва награда воопшто. Важни меѓународни награди се во вашата биографија. Колку признанијата од Солун, Фиренца, Кипар…ви помогнаа низ годините и во вашата кариера? Отворија ли нови врати?
– Јас сум мултимедијален уметник кој се изразувал во својот професионален живот во многу различни медиуми, но постојано работејќи и истражувајќи во цртежот и сликарството. Најголема пресвртница за мене беше фокусирањето на црната боја, кога само со црна почнав да сликам големи платна со форми и растери кои создаваат бесконечни сензации. Тогаш, покрај боите, се ослободив и од четките, но што е уметноста ако не „… елиминирање на непотребното“? (Пикасо).
Световите што ги откривам во црната боја веднаш ги виде стручната јавност (секако и пошироката јавност) и резултат на тоа се бројните награди кои ги добив на престижни настани: наградата „Најдобар уметник“ на Биенале Ларнака 2021, наградата „Рембрант“– за извонредност во уметноста“ од САВУ (Светската асоцијација на визуелни уметности) во 2020, наградата „Ел Греко“ на Арт Тесалоники 2019, највисоката награда за животно остварување „Лоренцо Ил Мањифико“ на Фиренца Биенале 2019, Гран при на Меѓународното биенале за графики Варна, итн.
Добивањето на наградата „11 Октомври“ како највисоката државна награда е посебна чест и задоволство. А, наградите се како светилници – знаци кои покажуваат дека сте на вистинскиот пат. Не ме сфаќајте погрешно, тоа не значи дека ако немате светилници на патот, тоа не е вистинскиот пат! Сигурно би тргнал по истиот пат и, покрај сè, бидејќи тоа е мојот пат. Но, имате чувство на исполнетост и големо задоволство кога има светилници по патот…
Вие сте директор на „Остен“, култен бренд што датира од 1945 година. Како денес опстојува „Остен“?
– Со потполна одговорност тврдам дека уметноста е движечката сила, горивото, енергијата на човекот… и како и енергијата, таа (дури и во „најтешките“ времиња) не се губи, туку се видоизменува. Она што во моментов му се случува на светот – ни се случува и нам. Времето во кое живееме е „ноќен кошмар“ за организирање на настани од културата, но жилавоста на брендот „Остен“ продолжува и ние успешно се справуваме со предизвиците, будно ги следиме промените кои настануваат во уметноста, а кои се предизвикани од новитетите на дигиталното време и – се прилагодуваме. За волја на вистината, при реализирањето на овие предизвици наоѓаме и големо задоволство во откривање и воспоставување нови дигитални и виртуелни практики во начинот на пријавувањето на уметниците и карикатуристите, во начинот на промоцијата на нашите активности, а ја имаме и таа привилегија од прва рака да ги следиме промените кои новитетите ги носат и во уметноста.

Во ноември ќе учествувате на Арт Тесалоники, а во декември – во Њујорк. Откријте ни повеќе за настаните и со што ќе учествувате.
– Да, „Остен“ веќе традиционално учествува на Арт Тесалоники уште од неговите почетоци (годинава се одржува 6. издание) и оваа година ќе се претстави со музејскиот проект „Соништа и реалности – четири приказни за бегството“, изложба на 4 албуми од Илја и Емилија Кабакови од колекцијата на Остен Музејот на цртеж.
Јас исто секоја година на Арт Тесалоники се претставувам со импозантно дела од мојата најнова продукција, а оваа година ќе го претставиме новото видео за моето творештво со црна боја. Тамошната публика веќе добро ме познава и однапред се радувам на сите убави моменти со нашите соработници пријатели и од Грција и оние кои ќе дојдат од регионот, па и пошироко и на сите следни проекти кои ќе произлезат. Арт Тесалоники сигурно станува извонредно успешен и влијателен регионален и меѓународен настан од областа на уметноста.
Во Њујорк, приказната е поинаква. Таму ќе се претставам со мојот најнов проект „Пофалба на црното – најцрната црна“. Можеби однадвор изгледа ограничувачки сликањето со црна боја, во смисла– што може уште да се направи, црната ги впива сите бои, тоа е крајот, границата. Но, за мене љубопитноста е став и истражувањето ми е начин на живот, па, јас наоѓам сè поинтересни работи за црното, и тоа станува приказна без крај. Во моментов сум тотално опседнат со најцрната досега позната црна боја (неодамна откриена со помош на новите технологии, нанотехнологијата) која го апсорбира светлосниот спектар на бои повеќе од 99%. Сликите создадени со оваа боја ја тераат публиката да ги открива сликите чекор по чекор додека им се приближува, правејќи ефект на изненадување при откривање на богатата содржина во сликите кои на прв поглед изгледаат како црни квадрати или правоаголници. А јас? Сето ова е исклучително мотивирачко за мене како сликар и како што минува времето се ослободувам од другите активности и целосно се посветувам на сликарството.
Наскоро следи организацијата на ОСТЕН Биеналето на цртеж Скопје 2022. Во овие тешки времиња, особено за културата, со какви предизвици се соочувате при организирањето на вака големи настани?
– Од октомври 2022 до март 2023 ни претстои официјалната програма на ОСТЕН Биеналето на цртеж Скопје 2022 во галерија „Остен“ на која ќе ги претставиме забележаните учесници на Биеналето со дела (од нашата збирка) од уметници кои биле наградени со некоја од најголемите награди на Биеналето (Гран при за животно остварување или наградата „Светско културно наследство“). Програмата на Биеналето е исклучително интересна за пошироката јавност, зашто покрај уметниците во подем од меѓународната сцена ќе бидат изложени едни од најголемите имиња на историјата на уметност, како: Пикасо, Вазарели, Миро, Дали, Кристо, Пјер Сулаж, Марина Абрамовиќ…

А, завршниот настан, официјалните изложби на наградените и селектираните уметници од Остен Биеналето на цртеж Скопје 2022 и на нагрдените и селектираните карикатуристи од 54. Светска галерија на карикатури Скопје 2022, како и чинот на доделување на награди, ќе биде на 22 февруари 2023 во Националната галерија – Чифте амам. Како што гледате, и покрај сè, плановите на ОСТЕН се многу возбудливи – како што е и времето пред нас! Знаеме дека е полесно да се формира нешто ново отколку да се одржуваат високо поставените стандарди на вака долгогодишен бренд – но ние сакаме предизвици!





