„Витро“ е филм за живоста и трансформацијата како суштински аспекти на човековото тело и природата, вели Филип Петковски

На проектот беа вклучени едни од најпроминентните и најталентираните македонски танчери, односно, примaбалерината Мими Поп Алексова, Адријана Данчевска и Дејан Битровски од Скопје танцовиот театар и актерката Матеа Јанковска.

Инспириран од македонски ритуали и легенди кои ја опфаќаат природата, краткот филм „Витро“ на Филип Петковски ги истражува живоста и трансформацијата како суштински аспекти кај движењето на човечкото тело и движење во природата. Филмот ќе биде премиерно прикажан вечерва во 20 часот, на сцената пред Домот на армијата во Скопје.

Танцот, културното наследство, режијата, фолкорот се областите што го интересираат Петковски, асистент на одделот за светска уметност, култура и танц на врвниот универзитет УКЛА во Калифорнија. Таму го заврши и својот докторат.

„Витро“ е продолжување на првиот проект „Вита“, кој беше своевиден почеток на трилогијата што ја работи Петковски.

 – Идејата за „Витро“ постои веќе некое време, односно откако ја спремив првата изложба насловена „Вита“, знаев дека сакам да направам трилогија и понатаму да се занимавам со слична тематика. Филмот е нов медиум со кој пробувам да се занимавам, а „Витро“ ќе ми биде втор таков обид. Во овој случај, се работи за screendance, односно танцов филм во кој истражувам концепти како живост (liveliness) и трансформација кои се врзуваат со човечките тела, но исто и со природата. Инспириран сум од старословенски ритуали и легенди за Русалките, божицата Весна и игрите под маски, врзани со иницијација и трансформација, односно истерување на злите сили олицетворени во темнината и зимата. Луѓето верувале дека при извршувањето на овие обреди иницираат некаква промена во природата, односно го провоцираат сонцето да се појави, да грее, и да ја раззелени природата од која зависат нивните животи. Во втората кореографија од филмот во која настапува примабалерината Мими Поп Алексова, го гледаме тоа будење и разживување. Понатаму, цел ми е да го проблематизирам концептот „кореографија“ кој најчесто се врзува со движење и оркестрација на човечкото тело. Конкретно, сакам да потенцирам дека слична оркестрација на движење постои и во природата, па од тука влечам и една паралела.

На проектот беа вклучени едни од најпроминентните и најталентираните македонски танчери, односно, примaбалерината Мими Поп Алексова, Адријана Данчевска и Дејан Битровски од Скопје танцовиот театар и актерката Матеа Јанковска.

– Впрочем, инспирација повторно да се бавам со танц, конкретно со современ танц, ми е Адријана Данчевска која со својот филм „Дома“ постави нови параметри на современо танцово изразување на филмско платно. Филмот е сниман на неколку локации, односно покрај Мавровското Езеро, на сливот на Вардар и Пчиња и во студио. „Витро“ премиерно ќе биде прикажан вечерва во 21 часот, пред платото на Домот на АРМ, во рамките на „Скопје танц фест“.

Филип Петковски (фото: Жарко Чулиќ)

Претходниот проект на Петковски, „Вита“ беше продукт на долги карантински часови меѓу четири ѕида.

– Изложбата беше отворена на почетокот на вториот бран на вирусот во октомври, па жал ми е дека многу луѓе немаа шанса да ја видат. Реакциите беа позитивни, а јас сум премногу задоволен и од критиките. За оние кои немаа шанса да ја видат, „Вита“ ќе е повторно изложена во Битола во август, за време на Илинденските денови, на отворањето на фестивалот за античка драма „Стоби“ во галеријата Ојоун во Берлин и на факултетот Сорбона во Париз во септември – додава тој.

Смета дека треба да се експериментира и да се реконтекстуализира културното наследство и да го приспособиме на денешните стандарди, културни политики и социјалните парадигми.

– Во државава, постои тенденција дека она што се смета за автентичен уметнички израз, особено во фолклорот, треба да остане непроменет, што мислам дека е сосема погрешен пристап. За нешто да живее, мора да се приспособува на контекстот во кој се прикажува. Треба да се потсетиме дека сè што е создадено во минатото настанало во рамки на одредени социјални и општествени норми, а конкретно фолклорот бил создаван во едно патријархално и сексистичко општество чии идеологии и норми денес не се прифатливи. Секако, тенка е линијата таа адаптација и реконтекстуализација да стане кич, така што мислам дека на овие теми треба да им се пристапува најпрво со многу знаење, внимание и почит кон непознатите автори-творци – вели Петковски.

 

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.

Сподели