Во рамките на кампањата „Читаме современи македонски автори“ на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“, вечерва во 19 часот ќе се организира разговор со Жарко Кујунџиски. Тој е автор на романот „Сфинга на гневот“, која библиотеката ја прогласи за книга на месецот. Кујунџиски ќе разговара со литературната критичарка Александра Јуруковска.
Романот „Сфинга на гневот“ е на границите меѓу мистеријата и книжевниот трилер. Досега има две изданија и е македонски претставник за меѓународната книжевна награда „Балканика“ за 2021 година.

„Разговор со …“ е дел од големата кампања „Читаме современи македонски автори“ која има за цел да ги доближи делата на нашите современици до читатели. Читањето на домашните автори значи поддршка за нивното творештво, за македонското издаваштво и за македонскиот јазик.
Жарко Кујунџиски е македонски романсиер, есеист, драмски автор, поет, преведувач, филмски критичар. Дипломирал во 2003 година, а подоцна и магистрирал на Катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Автор е на 11 книги. Негови дела се преведени на англиски, српски, хрватски, словенечки, полски, германски, турски, бугарски, италијански, украински и на албански јазик. Застапен е во повеќе антологии на македонската проза и поезија. Неговиот расказ „Кога се губат очилата“ е дел од реномираната антологија The Best European Fiction 2013.
Добитник е на голем број книжевни награди, член е на Друштвото на писатели на Македонија и на македонскиот ПЕН-центар.





