Ликовниот уметник Страхил Петровски е единствениот претставник од Македонија на 59. Ликовна колонија „Сиќево“ што се одржува кај Ниш. Ова е најстарата ликовна колонија на Балканот. Во инспиративната природа на селото Сиќево до 10 септември ликовни дела ќе создаваат осуммина ликовни уметници. Покрај Петровски, на колонијата учествуваат и Љиљана Шуњевариќ, Милорад Младеновиќ, Страхил Петровски, Зоран Вељковиќ, Лидија Антанасијевиќ, Александер Павиќевиќ, Драго Симиќ и Цветка Хојник.
– Атмосферата е одлична – вели Петровски.
Уметниците творат на слободна тема. Според директорката на Галеријата за современа уметност во Ниш, Емилија Ќоќиќ-Билиќ природата на Сиќево само по себе е исклучителна инспирација за уметниците.

Страхил Петровски
– Имаме уметник од Македонија, по долги години и уметница од Словенија, домашни автори од кои двајца имаат потекло од Србија, но работат во Лондон. Тенденција е колонијата да биде меѓународна. Сите се одлични уметници. Тешко беше изминатите години, успеавме да одржиме континуитет онлајн, но драго ми е што се враќаме во форма. Ова е најстарата колонија на Балканот – вели Ќоќиќ-Билиќ.
Страхил Петровски е роден во 1974 година во Куманово. Дипломирал сликарство во 1997 година на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во 2000 година завршил постдипломски студии на истиот факултет. Реализирал 15 самостојни изложби во Скопје, Куманово, Охрид, Тетово, Виена, Париз, Белград, Њујорк, а учествувал на 75 групни претставувања. Добитник е на многубројни награди, од кои најзначајни се: Откупна награда НУБ „Св. Климент Охридски“, ДЛУМ – Цртеж за во 1998 и 2022 година, Зимски салон на ДЛУМ, 11 Ноемвриска награда на град Куманово во областа на современата ликовна уметност и други. Работел како соработник демонстратор по предметот Сликарска технологија и сликарски техники на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, а од 2002 до 2010 година е соработник-конзерватор во лабораторијата за конзервација и реставрација на икони преи Националниот конзерваторски центар. Член се ДЛУМ, ИКОМОС и ИКОМ. Вработен е како консултант конзерватор-реставратор во Националниот концерзваторски центар и како вонреден професор по предмети за фотографија и мултимедија на Факултетот за арт и дизајн при Европскиот универзитет во Скопје.

Ова е 59. издание на „Сиќево“ – прва југословенска ликовна колонија чиј основач е познатата српска сликарка Надежда Петровиќ. Како најстара колонија на Балканот за прв пат се одржала во 1905 година. Обновена е во 1964 година и оттогаш се одржува континуирано секоја година. Благодарение на оваа манифестација е формирана збирка на уметнички дела која по своите историски, уметнички и естетски карактеристики се вбројува меѓу највредните колекции во Србија.





