Да ги научите и почитувате правилата е прашање на внатрешна дисциплина, однос кон уметноста, професионализам и чесност, пред сè чесност, кон колеги, соработници, фондови, пред себе и пред уметноста за која живеете, вели Лабина Митевска
Пишува: Сребра Ѓорѓијевска, наш специјален известувач од Венеција
Македонија и нашата кинематографија денеска празнуваат. По повеќе од две децении, мнозински македонски филм е во конкуренција за награда на престижниот фестивал од А категорија во Венеција. „Најсреќниот човек на светот“ во режија на Теона Митевска, која сценариото го напиша заедно со Елма Татарагиќ, денеска 14.15 часот во сала Darsena ќе биде промовиран во програмата „Хоризонти“. Продуцентка на филмот е Лабина Митевска, која дефинитивно е една од најуспешните продуценти во историјата на македонскиот независен филм. „Најсреќниот човек на светот“ е копродукција помеѓу шест држави. Деновиве во Венеција Митевска го обединува целиот свој тим составен од професионалци од Македонија, Словенија, Хрватска, Белгија, Босна и Херцеговина и Данска.

Новиот филм ја однесе Македонија повторно во Венеција на големиот фестивал. Какво е чувството?
– Како и секогаш – фантастично! Да се биде присутен на еден од најпрестижните и најстар фестивал во светот е голема радост! Но, она што за мене е незаменливо е задоволството што го добиваш кога си направил добро дело, бидејќи селекцијата на еден од трите најголеми фестивали е најголемо признание за квалитетот на филмот. Венеција, Кан или Берлин гледаат огромен, несфатливо голем број на филмови во фаза на селекција и нема човек од филмската фела кој не посакува да биде на еден од овие три фестивали. И самиот факт дека селекторите ни се јавија веднаш по гледањето на филмот и веднаш ни понудија покана за премиера беше знак едка сме на добар пат. Добивме уште три покани од големи фестивали, но за жал, поради распоред кој најмногу одговара за дистрибуција на филмот, според нашиот продажен агент, моравме да одбиеме две. Ги прифатиме токму Венеција и Торонто.

Вие покажавте дека со добро спакувани филмски проекти, соодветни партнери, и пред се, добар филм, може да се стигне до странски фондови и до публика. Се гордеете ли со успесите?
– Гордоста и задоволството од сработеното не треба да се мешаат. Горделивоста е мана и тоа сериозна. Со вас може да се гордеат други кои се идентификуваат со вас или со вашата уметност, а лично човек може и треба да е задоволен од тоа доколку некому му овозможил да се гордее со вас, тој да е задоволен од искуството и емоциите кои ги разбудиле во него вашето дело, вашата порака, вашите идеи, вашиот протест, да се возбуди од вашата уметност која ја создавате. Тогаш е природно да сте задоволен доколку други се гордеат со вас како создател на уметност која нешто некому значи. Многу сум задоволна што уште од првиот филм на Теона не престанаа да стигаат награди и признанија, а веќе со вториот да започне да се шири и дофатот и опсегот на дистрибуција на филмовите кои ги правиме. Полека, но сигурно стигнавме до врвна светска филмска продажна куќа – францускиот „Пирамид“ и полека, но сигурно светот е отворен за филмовите на Теона. Кога велам светот, мислам на киносалите и тоа е најголемо задоволство.
The happiest man in the world (2022) Movie from North Macedonia Film Agency on Vimeo.
Развојот на еден филм е долготраен проект и доколку овозможите да се поминат сите фази според потребите, тогаш имате шанси да развиете добар филм. Брзањето и импровизациите бараат изнудени и несоодветни решенија. Авторите се често нетрпеливи и понесени од внатрешниот авторски нагон веќе утре би започнале нов проект после последниот ден снимање. Добра продукција значи добро производство, а за да произведете добро, треба да ги почитувате природните правила. Е сега, да ги научите и почитувате правилата е прашање на внатрешна дисциплина, однос кон уметноста, професионализам и чесност, пред сè чесност, кон колеги, соработници, фондови, пред себе и пред уметноста за која живеете.
Ако се навратите назад, од времето на „Пред дождот“, па сите филмови во ваша продукција, беше ли тешко да се стигне до овде?
– Кога нешто ќе остварите, завршите, помалку е важно дали било лесно или тешко. Отсекогаш сакав да се бавам со продукција и накусо кажано, глумата ме воведе, сестра ми ме поведе и брат ми постојано ми беше од најголема помош. После Манчевски и Винтерботом ми се отворија филмските врати како глумица, па со Теона почнав со мојата вистинска филмска љубов, продукцијата, а брат ми со својата креативност и авторски и технички влог беше најсигурниот партнер во сите наши проекти. Лесно не ни било, треба уште да се оди, таман работа да сме изоделе сè што треба.

Во филмската и секоја друга уметност репутацијата тешко се гради, а лесно се руши. Досега не сме направиле ништо што би го попречило или забавило патот нагоре. Создава мала горчливост фактот дека почитта и восхитот од тоа што го работите е многу поголема надвор отколку дома, ама тоа е прашање на развиеност на нашата културна средина, јавна сфера и на жалост, политички влијанија кои се мешаат со професионалност и уметност што не би смеело да е случај во ниедна нормална земја. Неформалните врски и влијанија, клановските и партиските поделби не смеат да се присутни во уметноста ако сакаме да оставиме простор за вистинскиот квалитет да избие на површина.
Но, ние само со цврста и непоколеблива увереност во тоа што го создаваме сме стигнале до тука и мислам дека со својата уметност изградивме доволно силни основи за да продолжиме понатаму. Би сакала да ми е полесно, отколку потешко, но одиме понатаму.
Се подобруваме ли како земја во однос на продукциските перформанси и човечки кадри?
– Да, се разбира дека се подобруваме, се снима повеќе, подобро, излегуваат нови интересни генерации, имаме Агенција за филм која функционира доста добро. Но, се разбира дека може подобро и треба подобро, но исто така треба и време.

На кој проект сте фокусирана?
– Мора да одговорам во множина – проекти. Во моментов сум преокупирана со „Најсреќниот човек на светот“, неговото излегување и успешно промовирање. Потоа, го привршуваме развојот на новиот филм на Теона Митевска – „Мајка“. Во убава фаза на развој е и новиот филм на Дина Дума „Скејтањето не е за девојчиња“. Започнувам со снимање на две фантастични стоп-анимации, една краткометражна во Скопје на Вук Митевски и една долгометражна во Чешка. Истовремено, привршуваат подготовките и на 19 септември започнувам со снимање на белгиско-француски жанровски филм во Грција, развивам две серии, така што имам работа преку глава. Но, не се жалам. Ја работам најкреативната и најдобрата работа на светот.





