„Џонсон Мети“ донираше платина и паладиум на Институтот за хемија

Компанијата донира и 23.000 евра со кои ќе се модернизира лабораторијата на Институтот при Природно-математичкиот факултет во Скопје

Со грант од 23.000 евра ќе се модернизира лабораторијата на Институтот за Хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје. Тоа ќе им помогне на студентите да ги градат своите кариери по хемија и хемиско инженерество, а учениците од основните и средните училишта ќе спроведуваат експерименти и ќе се подготвуваат за натпревари по природни науки.

Донацијата е на компанијата „Џонсон Мети Македонија“. Директорот, Боријан Борозанов вели дека е воодушевен од неодамнешните достигнувања и медалите што ги освоија средношколците на Меѓународната олимпијада по хемија на која учествуваа натпреварувачи од 83 земји.
– Развивањето на млади таленти останува наш главен приоритет. Алумните што се придружуваат денес се вистинско сведоштво за резултатите што може да ги постигне нашето партнерство вели Борозанов.

Компанијата донираше примероци од PGM (соли на благородни метали) на Сојузот на хемичари и технолози на Македонија (СХТМ) за да придонесе во нивната колекција на оригинални хемиски елементи. Професорите д-р Зоран Здравковски, актуелен претстедател на СХТМ и д-р Методија Најдоски од Институтот за хемија се сложуваат дека збирката е единствена според својот концепт.
– Значителен дел од изложените примероци, според можностите, имаат локално, македонско потекло. Оваа уникатност на збирката се совпаѓа со една од нејзините едукативни цели. Нашата заложба е секој изложен примерок од хемиски елемент да има своја приказна која има локално, но и глобално значење. Направимвме интернет страница во која што секој примерок е претставен двојазично со физичко-хемиски податоци и информации за потеклото. Збирката хемиски елементи се развива околу 9 месеци и наскоро ќе го добие својот релативно конечен изглед – објаснуваат професорите.

Според нив, прилогот од примероци платина и паладиум од „Џонсон Мети“ многу значајни за збирката.
– Придонесот на оваа компанија е огромен на патот на примената на платината како благороден, хемиски елемент којшто, рака под рака, со паладиумот како катализатори играат огромна улога за заштита на животната средина и кон една „позелена“ Земја – велат професорите.

Лидија Евтимовска, супервизор на производна линија и алумни студент од Институтот за хемија вели дека можноста да биде практикант во „Џонсон Мети“ ѝ овозможила да се вработи во компанијата по димпломирањето, како инженер за поддршка на процеси.
– Додека уживав да бидам инженер, секогаш наоѓав огромно задоволство во мотивирање и водење на луѓето кон нивните лични и професионални цели. Позициите на кои продолжив да работам, почнувајќи од 2016 година, беа лидерски улоги. Во моментот водам голем инженерски тим во производство, кој што обезбедува техничка поддршка на процесите на одделенијата Washcoat и Production. Мојот тим е фокусиран кон решавање проблеми, контрола и оптимизација на процесите – вели Евтимовска.

Сподели