„Снежана на крајот умира“ – топла едноставност

Умешното, со леснотија водено дејство има доволно издржани реплики кои не дозволуваат ниту за момент запаѓање во баналност. Напротив, и во сериозните ситуации успеваат да измамат насмевки, впрочем како што тоа го прави и животот кога мора да се продолжи понатаму.

Пишува: Тони Цифровски, Македонско радио

Одамна едно македонско целовечерно играно остварување со урбан предзнак не успеало својата приказна да ја раскаже на начин на кој публиката на излегување од киносалата има порив да сподели прегратка. Без оглед дали со саканата личност, пријателите, родителите, па дури и случајните минувачи. Сценаристичко-режисерскиот првенец на Кристијан Ристески „Снежана на крајот умира” тоа го постигнува со невидена леснотија. По телевизиското и краткото играно искуство, нему му требаше (не)вообичаено долг неколкугодишен период за да се избори, да го реализира и финализира својот дебитантски филм. За среќа, чекањето се исплати.

„Снежана…” низ раскажувачката моќ на една мува, ни ги испреплетува приказните за вредноста на другарството, важноста на даденото ветување и искрената, чиниш од никаде појавена љубов. Умешното, со леснотија водено дејство има доволно издржани реплики кои не дозволуваат ниту за момент запаѓање во баналност. Напротив, и во сериозните ситуации успеваат да измамат насмевки, впрочем како што тоа го прави и животот кога мора да се продолжи понатаму.

Кастингот на Мони Дамевски (и самиот епизодист на екранот) е исто така полн погодок. Верица Недеска во насловниот лик е изморена жена која се грижи за синот на починатата другарка кој е зависник од дрога. Него особено инспирирано го толкува Валентин Тино Костадиновски кој успева да биде сосема различен од „барањата” на сцената на неговиот матичен театар „Комедија“. Тројцата другари „од деца” со игрива леснотија ги доловуваат Дениз Абдула, Ивица Димитријевиќ и Сашко Коцев. Несомнено дека нивната уиграност ќе биде особено омилена кај домашната публика. Најнежната приказна ја донесуваат искусната Наташа Петровиќ во која камерата едноставно не може да не биде вљубена и пријатното изненадување, дебитантот Давид Јанакиев. Меѓу епизодистите се и: Александар Микиќ, Катерина Коцевска, Илија Волчески, прерано починатиот Љупчо Тодоровски-Упа, Владо Јовановски…

Дневно-ноќното раскажување е поделено низ објективот на двајца кинематографери, нашиот докажан Димо Попов и Севдије Кастрати, потписничкa на камерата за речиси сите позначајни косовски филмски остварувања во последниве години.

Сценографијата на Сашо Блажевски успешно ја надополнува социјалната атмосфера низ секоја од приказните, како и од моментите на комедија на апсурдот како нејзин контраст. Во тоа од помош му се и костимите на Емилија Ивановска Атанасовска. Освен препознатливи музички рефрени кои носат носталгија кон едно време, тука е и авторската музика на Александар Пејовски и Ставрос Мадрид.

Со „Снежана на крајот умира” македонската кинематографија доби пријатно и гледливо филмско четиво, кое со соодветна медиумска поддршка, може да забележи и солидно комерцијално исплатливо доживување на домашните киноблагајни. Едноставно, не го пропуштајте!

Сподели