„Нетфликс“ имаат високи, ригорозни стандарди за преводот и не се согласија ние да го направиме. Инсистираат преводот да помине низ нивните филтри, па тие ангажираат преведувачи и лектори, коректури, рече Слаѓан Пенев, селектор на главната натпреварувачка програма
„Раката на Господ“ на режисерот Паоло Сорентино задутре нема го отвори 43. Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола. „Нетфликс“, одговорен за дистрибуција на филмот не дозволиле фестивалот да го направи преводот и незивесно е дали сè ќе биде готово до петок. Наместо „Раката на Господ“, фестивалот ќе биде отворен со францускиот „Мајка и син“ во режија Леонор Сераије, а директорка на фотографија е Елен Лувар.

– „Нетфликс“ имаат високи, ригорозни стандарди за преводот и не се согласија ние да го направиме. Инсистираат преводот да помине низ нивните филтри, па тие ангажираат преведувачи и лектори, коректури. Нè ставија во мала неизвесност дали ќе успеат да о обезбедат преводот до почетокот на фестивалот. Го поместивме за наредниот ден, кога мастерклас ќе одрши директорката на фотографија на „Раката на Господ“ – објасни на денешната прес-конференција Слаѓан Пенев, селектор на главната натпреварувачка програма.
Директорот на фестивалот Симеон Мони Дамевски најави дека на фестивалот ќе бидат прикажани повеќе од 60 филма, ќе има три жирија со реномирани професионлаци кои ќе одлучуваат за селектираните филмови во долгометражната, краткометражната и во студентската програма. Жирито за долгометражната програмата го сочинуваат: Жан Мари Дрожу, Самир Љума, Мелиса Созен, Маја Богојевиќ и Јелена Станковиќ. Во селекцијата на студентската програма за најдобар филм ќе одлучуваат: Срѓан Ковачевиќ, Митко Панов и Фејми Даут.

Симеон Мони Дамевски
– На отворањето задутре доаѓа Ентони Дод Ментл, добитник на „Златна камера 300“ за животно дело, добитник на Оскар, на БАФТА и на многу други награди. На крајот на фестивалот ни доаѓа една од легендите на кинематографијата, Џон Метисон – рече Дамевски.
Пенев најави 14 филма во главната натпреварувачка програма, покрај „Раката на Господ“ и „Мајка и син“.
– Ова ќе биде петти филм на Лувар кој се прикажува во главната програма на „Браќа Манаки“. За „Невидливиот живот на Евридика Гузмао“ во режија на Карим Ајнуз во 2019 година таа ја доби „Златната камера 300“. Лувар е една од најпознатите кинематограферки на денешницата, со импресивна филмографија од околу сто наслови, меѓу кои и филмови режирани од Агнес Варда, Алис Рорвахер, Вим Вендерс, Клер Дени, Меги Гиленхал и други – рече Пенев.

Слаѓан Пенев
Кумјана Новаковa, селекторка на документарната програма најави 9 филмски остварувања од Европа, Јужна Америка, Блискиот Исток и од нашиот регион.
– Филмовите ги обединуваат актуелни социјални, еколошки, економски, политички и културни теми. Заедничко за сите е што преку специфичниот филмски израз кинематограферите исклучително креативно успеваат да ни го отворат светот на доку-фикцијата и хибридните доку-фиктивни форми – рече Новакова.
Во жирито за оваа програма членуваат: Јасмин Башиќ, Белит Саг и Фејми Даут. Програмата почнува со „Музеј на револуцијата“ на Срѓан Кеца, автор и кинематографер кој доаѓа од Србија, а кој последните 5 години предава документарен филм на филмската школа во „Стенфорд“.
– Сите проекции од документарната програма се во историското кино „Манаки“, а се надеваме дека програмата ќе биде инспирација и повод за уште поинспиративни разговори и нови програмски иницијативи – рече Новакова.

Кумјана Новакова
Во студентската програма селектирани се филмови од Факултетот за драмски уметности од Скопје, Државниот Универзитет во Тетово, Академијата од Љубљана, Универзитетот „Хасан Приштина“ од Косово, од Универзитетот во Солун, Академијата од Загреб, Чешката академија за филм, Унивезритетот за телевизија и филм во Минхен, потоа Лондон филм скул, академија од Мадрид, од Виена, од Украина, Полска и Турција. Селекторот Ѓорги Пулевски ги претстави филмовите и изрази задоволство што годинава има голем интерес за оваа програма кој има тенденција да се проширува низ годините.
Тоше Ивановски се осврна на Офф програмата која е придружен дел на фестивалот. Тој рече дека концептот е мошне атрактивен, со секојдневни изложби, колекционери кои ја раскажуваат филмската приказна на градот, живи слики, концерти на филмска музика…
– Особено сме горди што ја имаме за прв пат изложбата на Наум Карабатак, кој учел кај Манаки. Оваа изложба е наше историско наследство. Го презентираме живото културно наследство со Манаки, со ѓто се гордееме сите битолчани. Би ја издвоил и изложбата на Државниот архив во Битола со која се одбележува 140 години од раѓањето на Милтон Манаки. Таа има сериозно културолошко значење не само за градот, туку и пошироко – рече Ивановски.





