Македонија и оваа година ја нема на Шангајската листа на најдобрите 1000 универзитети во светот. Ниеден наш универзитет никако да им се придружи на универзитетите од регионот кои од година в година напредуваат се повеќе на оваа листа. Националниот и каподистриски универзитет во Атина се наоѓа од 300 до 400 место, со што е највисоко рангиран од земјите во регионот. Универзитетот во Белград, Универзитетот во Љубљана и Универзитетот во Загреб се рангирани од 400 до 500 место, а Универзитетот во Нови Сад е од 900 до 1.000 место. Грција има четири универзитети на листата до 1000 место. Турција има дури 11 универзитети во првите 1000, а Истанбулскиот најдобро котира (401-500).
Недоволното инвестирање во науката и невложување во високото образование резултира со се послаби резултати на нашите универзитети, велат универзитетските професори. Државата нема и желба да ја подобри ситуацијата, се жалат тие.

Највисоко рангирани на најновата листа се американските универзитети. 20-та година по ред „Харвард“ го држи првото место. „Стенфорд“ е на второто место, а Институтот за технологија во Масачусетс (МИТ) е на третото место. „Кембриџ“ е на четврто, а „Оксфорд“ на седмо место.
Од континентална Европа, највисоко се позиционираше универзитетот Париз-Сакле, на 16 место, а на 20-то е Електро-техничкиот факултет во Цирих. Меѓу азиските универзитети, најдобрата позиција ја држи Универзитетот во Токио (24).
Триесет и девет универзитети од САД се во првите сто, додека Кина има девет, Германија четири, а меѓу стоте најдобри се и универзитети од Франција, Шведска, Данска, Швајцарија Израел, Јапонија, Австралија, Канада…
-Иако Шангајската листа е неформална, престижно е да ве има неа, зашто ги опфаќа критериумите: алумни добитници на Нобелове награде и Филдсови медали, број на високоцитирани наставници/истраживачи во рамките на одредени научни области, број на научни труфдови објавени во списанијата Science и Nature, Science Citation Index и Social Science Citation Index и друго – објавија од Белградскиот универзитет, кој прв пат се најде меѓу првите 500 рангирани уште пред 10 години.
Ова рангирање се прави од 2003 година, а го прави Shanghai Ranking Consultancy.
Фотографија: Јутјуб принтскрин





