Анди Исмаили почнал самоуко да учи на „Јутјуб“, на 14 години е двократен светски шампион во модерен балет

Имам поддршка од некои другари и пријатели, но за жал, има и такви што не ме разбираат и ми прават булинг – признава Анди, кој сонува во декември по трет пат да стане сопственик на златната статуетка за најдобар во модерен балет во светот

Има 14 години и кога почнувал пред неколку години да навлегува во тајните на модерниот балет следејќи ѕвезди на „Јутјуб“, не ни сонувал дека еден ден и тој ќе може да игра на голема сцена. Гостиварчанецот Анди Исмаили е двократен светски шампион во модерен балет, а годинава во декември посакува и трет пат да ја има златната статуетка.

: Фото: Dancegraphy by Tomasz Ginter

Анди беше дел од изложбата Future of Europe, што ја организира Europe House од Скопје, како дел од проектот „Европски младински цели“. Неговиот портрет изработен од Зоран Кардула и работите во кои верува се истакнати на пано во East Gate Скопје.

– Почнувајќи од името современ танц, сакав нешто ново, нешто друго, нешто поразлично од тоа што прават другите. Почнав на „Јутјуб“ да ги следам познатите модерни балетани и тоа ми изгледаше многу интересно. Така добив желба и јас да почнам да вежбам. Додека вежбав секој ден по дома, почнав да се вљубувам во оваа уметност уште повеќе – вели деветтодделенецот во ОУ „Гоце Делчев“.

Анди заедно со евроамбасадорот Дејвид Гир во East Gate Mall (фото: Europe House Скопје)

Родителите го увиделе талентот и го поддржале Анди и тој почнал да танцува во iDance Studio. Анди вели дека им е многу благодарен за целиот труд и енергија што го вложуваат во него.

– Ја користам оваа прилика да ги поздравам моите тренери Вуки Незири и Сарита Селмани.

Фото: Dancegraphy by Tomasz Ginter

Кога во 2018 година прв пат учествувал на светско превенство во Полска, го освоил петтото место. Веќе наредните две години стана светски шампион. Не му е секогаш едноставно, затоа што кај нас малку машки се во светот на современиот танц. Но вели дека денес не му е важно колку медали има на број, туку каков впечаток ќе остави кај публиката, како ќе се претстави.

Анди по природа е перфекционист и не се откажува дури нешто не го направи тој да биде задоволен.
– Кога танцувам се чувствувам најмногу јас. Сакам мојот сон да стане реалност, сакам и во иднина да се занимавам со танц, но никогаш не се знае – вели тој.

Од европските младински цели тој најмногу се залага во нашето општество да се обезбеди полова еднаквост и родово-сензитивни пристапи во сите области од животот на една млада личност.

Фото: Dancegraphy by Tomasz Ginter

– Морам да напоменам дека за мене е многу важна поддршка од моите родители и што секогаш знаат да се жртвуваат за мене. Имам поддршка од некои другари и пријатели, но за жал, има и такви што не ме разбираат и ми прават булинг – признава Анди.

Неговиот татко Фатон Исмаили ни објаснува дека тие многу вложуваат во неговиот развој. Анди работи со големиот кореограф Јан Равник, кој, меѓу другото, ги прави и кореографиите на Бритни Спирс, Бруно Марс, Мараја Кери и други ѕвезди. Сето тоа чини многу, за што семејството на Анди се труди да се снаоѓа. Анди годинава доби мала помош и од Министерството за култура.

Фото: Dancegraphy by Tomasz Ginter

Сонува некогаш да игра на филм во Холивуд, каде би можел да танцува.

Насловна фотографија: Dancegraphy by Tomasz Ginter 

Сподели