На филмскиот сектор му треба подобра соработка со локалната самоуправа

Филмскиот сектор има потреба од подобра соработка со единиците на локалната самоуправа, беше еден од заклучоците на првиот дводневен форум „Дејствувај на локално ниво“ што се одржа во рамките на „Битфест“. Форумот го организираше „Балкан синема ситис“ во соработка со Општина Битола и Културно-информативниот центар од Битола. Учесниците истакнаа дека филмскиот сектор мора да ги споделува проблемите, но и да се покренуваат иницијативи како Форумот за да се изнајдат решенија на локално и на централно ниво. Придобивките може да бидат големи, но за да создадат позитивни влијанија потребна е поддршка и акции од локалните власти и на централно ниво.

На отворањето на Форумот се обрати претседателот на „Балкан синема ситис“, Кирил Ѓозев.
– Првиот интернационален форум е замислен како вид инкубациски центар кој освен знаење и сознанија за темите кои ќе бидат опфатени, преку дијалог ќе поттикнат идеи за градење на една визија за развој на силен локален филмски, културен и креативен сектор и за создавање и градење на т.н „пријателска филмска и аудиовизуелна околина на локално ниво“ која позитивно може да влијае како на заедницата, така и на локалната економија и економскиот раст на долг период – рече Ѓозев.

Форумот за иницирање на практики на локално ниво: Одржливо Еко-филмско производство и диструбиција го отвори градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски.

– Кога зборуваме за одржливост во оваа област, мора пред себе да го имаме значењето на филмската индустрија за развојот на туризмот, културната промоција и финансискиот бенефит за речиси сите други сектори кои функционираат во градот. Сепак, во процесот на создавање нови придобивки, не смееме да ја заборавиме грижата за објектите и животната средина, зошто само на тој начин, секогаш ќе бидеме чекор понапред кон подобрувањето на условите за напредок – рече Коњановски.

На Форумот учествуваа и Борче Димитровски,  градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчевски, претседателот на Советот на Општина Велес, Зоран Љутков и советникот за култура од Општина Охрид, Илија Пиперковски. Тие дискутираа за можностите и придобивките кои општините можат да ги имаат доколку се вклучат со свои активности во развој на филмскиот сектор во целина. Разговараа за можни активности во филмскиот сектор и нивното влијание врз локалната заедница и економија. Беа детектирани и одредени проблеми кои заради непостоење на сознанија, внатрешни процедури, инфраструктура и ресурси некогаш негативно влијаат врз соработката со овој сектор и можностите за поддршка на истиот.

На Форумот учествуваа и Даниела Станковска-Плачковска, од Агенцијата за филм, Мими Ѓоргоска-Илиевска, од Управата за заштита на културното наследство и Менче Хаџи-Коста Милевски од Центарот за култура во Битола. Имаше и професионалци од филмскиот сектор. Продуцентите Огнен Антов од Македонија и Николај Мутафчиев од Бугарија преку студија на случај говореа за применети еко пристапи и акции во процесот на производство на своите филмови, опфаќајќи ги и предизвиците и потребите од централните и од локалните власти. Иницијативата „Балкан синема ситис“ ја почна продуцентот Димитар Николов-Таки.

Сподели