Шаховската федерација на Македонија деновиве најави дека шахот од септември ќе биде на листата на изборни предмети во основните училишта во Македонија за децата од 1. и 2. одделение. Најавата следуваше откако Бирото за развој на образованието ја одoбрило нивната програма за шах во школи и од септември ќе биде на листата на изборни предмети.
На прашањето како ќе се избира новиот предмет, со колку часа ќе биде застапен и кој ќе предава, од Министерството за образование и наука за Умно.мк објаснуваат дека во согласност со новата концепција за основно образование, основните училишта треба да понудат по 12 изборни предмети на годишно ниво и тоа врз основа на анкета што ќе ја спроведуваат со учениците и со нивните родители.
– Тие предмети нема да бидат наметнати, туку по желба и во согласност со интересот на учениците. Доколку во едно училиште учениците изразат интерес за изучување на одреден понуден предмет и има соодветен кадар за реализација, тогаш училиштето може да го воведе и да им овозможи на учениците стекнување на знаења од областа за која покажале интерес – велат од МОН.
Од шаховската федерација напоменуваат дека изучувањето на шахот има многу придобивки: ги подобрува концентрацијата и меморијата, математичките вештини и читањето, логичкиот начин на размислување, креативноста и критичкото размислување. Помага при градењето на аналитички начин на размислување и пристап кон решавање на проблемите и подобрување на вештините за решавање на проблеми. Стимулира подеднаква работа и развој на двете мозочни хемисфери и создава работна навика.
Насловна фотографија: Pixabay





