Американската филмска ѕвезда Џон Малкович на големо најави дека во Македонија ќе се градат филмски студија кои во почит кон богатата култура и историја на Македонија би се викале Stonebridge Studios. Но, и покрај амбициозната најава, проектот е сè уште на разгледување во Владата и нема добиено одобрение за инвестиција. Оттаму не откриваат никакви детали, ниту до каде е разгледувањето на проектот.

Џон Малкович
– Технолошки парк Скопје е проект кој во моментов е во процедура за утврдување на статус на стратешки инвестиционен проект за кои течат роковите за постапување согласно Законот. Процедурата и условите за добивање статус на стратешка инвестиција е иста за сите добиени барања за стратешки инвестиции – брифираат од Владата.
Актерот Џон Малкович, кој деновиве беше во посета на Србија, каде имаше настап со своја претстава, за ТВ21 изјави дека е „возбуден што работи со колеги професионалци Доналд Ворен Мофет и Мет Дилон, со кои заедно работат да создадат филмско, музичко и медиумско студио од холивудски калибар, прво вакво на цел Балканот“.

Мет Дилон
Малкович, кој и самиот има српско потекло, посочува дека овој проект му е особено важен.
– Силно верувам дека тоа ќе биде значаен за самата држава и регионот. Со нетрпение очекувам да го посетам Скопје многу брзо, веднаш штом проектот ќе биде одобрен од Владата. Возбудени сме што ќе почнеме да работиме и да создаваме не само холивудски филмови во Македонија, туку и да помогнеме на секој можен начин да се засилат веќе растечките балкански филмски, музички и уметнички заедници – изјави за ТВ21, холивудскиот актер.
Актерот и режисер Д.В Мофет во 2019 година гостуваше во Драмскиот театар во Скопје, каде ја постави претставата „Несоодветно за на работа“, што имаше своја премиера на фестивалот „Охридско лето“.

Д.В. Мофет





