Ана Велкоска, виолончелистка: Сонува за Филхармонијата во Париз, штеди за да живее во Рим

Голем е предизвикот да се биде родител на талентирано дете во држава која нема стратегија како да ги поттикне и поддржи овие таленти, велат родителите на Ана

Уште кога имала 3 години, кога виолончелото било поголемо од неа таа се вљубила во овој инструмент. Паралелно со оваа љубов ја делела и страста за балетот, но вистинската љубов останала, а балетот денес е повеќе хоби. Ана Велкоска има 12 години и од идниот месец ќе биде 7. одделение во училиштето „Љубен Лапе“ во скопската населба Аеродром. Паралелно, во „Илија Николовски-Луј“ ќе биде 6. одделение, во класата на професорката Маре Видевска. Таа е еден од „Идолите на Халки“.

Ана Велкоска

Талентот за музика Ана го наследила од таткова страна, каде сите свират по некој инструмент. Со татко ѝ кој свири гитара понекогаш си прават свирки дома, а имаат и верна публика.
– Мајка ми и папагалот… и двете риби – низ смеа вели Ана.

Таа изведува дела од различни композитори, но омилени ѝ се Соната: Ромберг, прв став и „Лебед“ од Сен-Санс. Омилени композитори ѝ се Бах и Моцарт. Настапувала на многу државни и меѓународни натпревари во Македонија и во странство. Последната награда ја добила на државниот натпревар „Илија Николовски-Луј“ каде освоила прво место.
– На последниот натпревар по Полихимнија настапив најдобро, бидејќи материјалот многу убаво го отсвирив и освоив прво место – вели Ана.

Сепак, таа има друга омилена награда – на онлајн-натпреварот „Опус артист – Париз“ (MusicCompetitionOnline 2021 – Opus Artis Paris – Vanves – France).
– Омилена ми е меѓународната награда што ја освоив лани во Париз. И таа ми е прво место – вели Ана.

Пандемијата во изминатите две години се одрази и на младите таленти. Сите вежбале во домашни услови, тешко оделе часовите онлајн, постојано нешто кочело или се замрзнувало. Мајката на Ана, Сања Ивановска-Велкоска раскажува како снимала додека свири некоја нумера, па материјалот ќе ѝ го испратела на професорката, па таа ќе им са јавела да им каже каде и што да поправат. Така изгледале часовите по виолончело на почетокот на 2020 година, а сите натпревари биле откажани.

Сепак, онлајн-натпреварите донеле и една добра страна – шанса децата да се претстават пред врвни музичари, членови на комисиите на меѓународните натпревари и да си направат споредба со врсници од целиот свет.
– Натпреварите во живо не се лесно достапни, ниту евтини – објаснува Ивановска-Велкоска.

Поддршката и финансиите се пресудни развој и надградба на секој талент. Сања и Владимир Велкоски велат дека голем е предизвикот да се биде родител на талентирано дете во држава која нема стратегија како да ги поттикне и поддржи овие таленти, но решени се да вложат сè што имаат во нејзиниот развој.

Иако е млада, Ана штеди бидејќи има големи соништа.
– Штедам за две работи: за да си купам виолончело кога ќе пораснам и стан во Рим. Овој град е преубав има прекрасни места за посетување – вели таа.

Иако сака да живее во Рим, Ана би сакала да работи на друго место.
– За 10-15 години сакам да бидам во Филхармонијата во Париз, бидејќи е една од најубавите – вели младата виолончелистка.

Фото: Борис Каески

Сподели