Македонски претставник на Фестивалот што се одржува во Требиње, БиХ беше театарот „Чекори“ од Скопје, со претставата „Гласови“, за која Марко Џамбазоски ја освои наградата за најдобра улога
Пишува: Трајче Кацаров, член на жирито на „Фестивалот на фестивалите“
Уште од најраните години секогаш сум се соочувал со сентенцата, се разбира, кога се подавале прилики за тоа: „Тивка вода брег рони.“ Сум ја користел многупати, поготово кога ќе сум бил во ситуација да ја потенцирам потребата од смиреност и тивкост во походот кон остварувањето на поставената цел.
За „Фестивалот на фестивалите“, што веќе по 65. пат се одржува во Требиње, Босна и Херцеговина, би можел да кажам дека ги има особеностите на реката Требишњица. Тоа е река квалификувана како најдолга понорница во Европа. Tаму каде што гледа бело видело ја манифестира својата смиреност преку тивкиот скоро нечуен тек. До местото на понирањето, му овозможува на градот и полето околу него, огледувајќи се во нејзините бистри води, да го развиваат комплексот на Нарцис.
Смирен, тивок-не многу чуен, исто како и Требишњица „Фестивалот на фестивалите“ удира во брегот на театарската уметност и прави реверанс каков брегот и очекува. За поздравување се напорите што ги чини градот Требиње. Тоа се напори кои се огледаат во инјектирањето живот на еден од најзначајните форуми на аматерските театри на просторите на бившата СФРЈ.

Требиње е град на самиот југ на Херцеговина. Има околу 30.000 илјади жители. Името му потекнува од латинскиот збор „трибинус“ или од словенскиот „треб“ што значи жртва.
Првите знаци на живот „Фестивалот на фестивалите“ ги подал пред 65 години и тоа на островото Хвар. После преселувањето во Врање, овој најголем форум на аматерските театри на бившата СФРЈ, поточно од 1971 година, го наоѓа своето прибежиште во Требиње, 27 км одалечен од Дубровник и 35 км одалечен од Херцег Нови.
Форумот го менува прибежиштето, но не и содржината, што го прават впечатлив. Од првате знаци на живот содржината на „Фестивалот на фестивалите“ почивала на победничките претстави на републичките аматерски фестивали. Сега веќе на државите кои некогаш беа федерални единки на СФРЈ.
Годинава се слави 65 години од основањето на „Фестивалот на фестивалите“. Победничките претстави доаѓаат од Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора и од Македонија.
Кога сме кај Македонија, треба да нагласиме дека победниците од ДАФ што годинава се одржа по 59. пат во Кочани, на римејкот на фестивалот од 2001 година, почнаа да учествуваат во официјална конкуренција за награди од 2017 година. Годинава на Фестивалот учествуваше тетатарот „Чекори“ од Скопје, со претставата „Гласови“. Претставата е на авторот Љубомир Морев, режисерката Маја Ѓурчевска и актерите Марко Џамбазоски и Никола Димевски. Џамбазоски ја освои наградата за најдобра улога на фестивалот.
Времето не се враќа назад, но се повторува. Нема да бидеме претенциозни ако кажеме дека на „Фестивалот на фестивалите“ му се атрибуира, на своевиден-театарски начин, повторувањето на времето на братството и единството на југословенските народи.





