Халки доби свое лого

Геометриска стилизација на препознатливото слонче Халки е новото лого на детското штедење Халки, еден од најпрепознатливите производи на Халкбанк АД Скопје. Од банката велат дека детскиот депозит, чиј симбол е Халки, им овозможува на родителите да создадат сигурна иднина за своите деца со поволните каматни стапки, кои за детското штедење во денари достигнуваат до 1,8 отсто.

Маја Наумовска-Савеска од Халкбанк вели дека се среќни што сè поголем број родители се интересираат за детското штедење.

– Разбирајќи ја нивната грижа и посветеност да обезбедат сигурност за своите најмили, се трудиме покрај самиот производ за штедење и сигурноста која ја носи нашиот бренд, да им понудиме и вистинско пријатно искуство за нив и нивните деца. Постојано изготвуваме програми и понуди со многу поволности, а една од клучните е токму детското штедење Халки. Новото лого на некој начин го отсликува сето ова. Агенцијата се потруди да направи решение кое ќе произлегува од самиот Халкбанк бренд низ активностите на нашето слонче Халки. Така, се надоврзуваме и на нашиот корпоративен слоган, но овој пат сосемa природно, велиме „Важни се луѓето, уште поважни се децата“ – вели Наумовска-Савеска.

Маркетинг агенцијата „Ефектива“ се грижи за комплетниот развој на ликот на Халки, како симбол на детското штедење и дел од бројните општествено-одговорни проекти на Халкбанк.

– Во креацијата на логото се употребени линиите од официјалното лого и брендингот на Халкбанк, како и официјалната типографија од логотипот. Палетата на бои ги содржи зелените тонови што асоцираат на Халки и неговата мисија – подигнувањето на свеста и грижата за животната средина, додека сивиот тон потсетува на бојата на кожата на слоновите – велат од „Ефектива“.

Во рамките на оваа мисија често се организираат настани, работилници и едукативно-креативни програми за деца. Низ приказните за Халки децата учат важни теми за денешното живеење: здрава животна средина, инклузија, прифаќање, креативно изразување и добри животни навики како читање книги и штедење.

Сподели