Ова е само еден од примерите што ги запалија социјалните мрежи годинава, а потекнале од недоволно разбрана информација, непроверен факт, дезинформација
Кога министерката за одбрана Славјанка Петровска пролетва со највисоки воени почести ја почна официјалната посета на Обединетото Кралство, а воениот оркестар ја поздрави на македонски јазик и ја изведе песната „Јовано, Јованке“, социјалните мрежи во земјава со денови не стивнаа од сеир. Негодувањата зошто не била свирена химната, преминаа во низа напади по секакви основи врз министерката. Драмата отиде дотаму што британската амбасада во земјава мораше на граѓаните да им објасни дека, според протоколот, националната химна на една земја се свири само кога почесната гарда пречекува шефови на држави.

Ова е само еден од примерите што ги запалија социјалните мрежи годинава, а потекнале од недоволно разбрана информација, непроверен факт, дезинформација. Проф. д-р Пере Аслимоски, социолог од Универзитетот „Св. Климент Охридски“ од Битола, и Стефан Смиљаноски, маркетинг-директор на образовниот центар „Бреинстер“, кој има долгогодишно искуство во дигиталниот маркетинг и начинот на кој функционираат социјалните мрежи, објаснуваат зошто и како лажните вести се шират и добиваат огромни размери.
Загрижуваат лажни вести со висок степен на очигледност
Според Аслимоски, денес не постои општество што не се соочува со лажни вести, но во македонскиот комуникацискиот простор, лажните вести добиваат драматични размери. Оваа појава изразува негативни последиците врз психичкиот и социјалниот живот кај поединците и групите, го загрозува капацитетот на институциите и воопшто може да го измести тежиштето на многу значајни општествени процеси.
– Наспроти информациите и вестите обликувани според највисоки новинарски и медиумски стандарди, засновани на вистината и фактите, зад кои стојат релевантни, компетентни институции и поединци, во социјалните мрежи лесно се пласираат и се шират лажни вести, дури и такви што се крајно очигледни. Многу често поради глобалниот карактер на социјалните мрежи, штетните последици имаат и интернационална, глобална димензија. Благодарение на развојот на современите комуникациски системи, светот е организиран како глобална медиумска заедница, во која една вест миговно може да се рашири низ целиот свет и да предизвика разорни последици за многу значајни општествени процеси и односи – вели Аслимоски.

Проф. д-р Пере Аслимоски
Примери има безброј, а еден од нив е пандемијата со ковид-19. Аслимоски објаснува дека вестите што доаѓаа од Светската здравствена организација, од најреферентни здравствени организации и медицински научноистражувачки центри, од Министерството за здравство и другите институции, беа секојдневно „бомбардирани“ со најразлични лажни вести за пандемијата (за промовирање на антиваксерството, за чипирање преку вакцините и низа други лаги од најразличен вид), кои преставуваа сериозна закана за процесот на вакцинација и за справувањето со пандемијата.
– Оттука, многу е интригантно прашањето зошто вистината и вистинските вести во социјалните мрежи сè повеќе се потиснувани од напливот на лажните вести и зошто лажните вести во нашата општествена стварност заземаат толку значаен дел од комуникациските процеси. Можеби делумно е разбирливо кога станува збор за покомплексни лажни вести каде што е тешко да се препознае и да се разграничи лажното од вистинитото, но загрижува егзистенцијата на лажните вести со висок степен на очигледност – дециден е Аслимоски.
Фактори на влијание
Тој набројува повеќе причини за оваа состојба:
-
Факторите што предизвикуваат лавина од лажни вести на социјалните мрежи се многу комплексни и допираат до темелните карактеристики и вредности на општеството. Тие се своевиден индикатор за празнините што се присутни во социо-психичкиот живот на човекот: празнини во образовниот систем, во општата култура на заедницата, во културата на комуницирање, во културата и комуникацијата кај партискиот свет, личната култура, довербата во институциите, етичноста, хуманоста, почитувањето на човекот и основните човекови права и други недоследности во организирањето на државата и општеството.
-
Во прв план би го нагласил образовниот систем, ориентиран кон мемориско учење и сè уште нема развиено доволно образовни форми и алатки за развивање на критичкото мислење како значајна вредност на личноста. Но, не е само тоа. Човекот сепак по природа е разумно мисловно битие и неговата способност за критичко размислување, без оглед на сè, не треба да се потценува. Тогаш, зошто лесно до него допираат лажните вести?
-
Во киберпросторот има неограничено многу информации за кои корисникот покажува интересирање или комуникацискиот систем автоматски, по некои алгоритми, му ги наметнува како реклами, информации, дезинформации и слично, а времето за внимание што тој може да им го посвети е многу ограничено. Како последица, корисникот многу често допира само по површината на тие информации и не е мотивиран секогаш и за секоја вест да го стави во функција својот капацитет за критичко размислување.

-
При обликувањето на лажните вести најчесто не се оди само со „гола“ лага, туку како јадро се зема вистинита содржина врз која се надоградуваат лаги и невистини и на тој начин се отежнува препознавањето на лагата помешана со вистината.
-
Причините за лесната проодност на лажните вести во социјалните мрежи можат да се бараат и во недовербата на поединците во институциите и во незадоволството од нивното функционирање, во недоволната интегрираност на поединецот во општеството, во празниот живот кај поединци – без работни и други ангажмани, со многу слободно време и слично.
-
Ориентираноста на голем дел од социјални мрежи кон профит, заснован на кликнување (посетувања дадена информација), ги прави да бидат ориентирани кон сензационалност во обликувањето на информацијата што многу често добива димензија и на лажна информација.
-
Сензацијата во комбинација со лагата привлекува повеќе внимание кај корисниците. Како што вели познатиот мислител Еразмо Ротердамски: „Човечкиот дух е сочинет така што лагата стопати повеќе го освојува отколку вистината“.
Ерозија на довербата кон позначајните медиуми
Смиљаноски има долгогодишно искуство во функционирањето на социјалните мрежи. Причината што најголем дел од корисниците се посклони да веруваат во дезинформација отколку во точна информација тој ја гледа во позначајните медиуми и на локално и на глобално ниво.
– Тие неколкупати во последниве неколку децении пласираа информации за кои времето покажа дека се делумно или сосема невистинити и биле дел од нечија политичка или, пак, бизнис-агенда. Ова доведе до ерозија на довербата во нив од широката популација, која денес на секоја информација што им контрира на овие наративи гледа средство за бунт и зачувување на индивидуалниот интегритет – смета Смиљаноски.

Стефан Смиљаноски
Тој објаснува дека со замавот на социјалните медиуми и нивното позиционирање како дел од секојдневниот живот на глобално ниво, количеството информации што стана му стана достапно на обичниот човек е поголемо од кога било досега во историјата. Човекот во текот на еден месец процесира повеќе информации отколку што еден човек пред 300 години процесирал за време на сиот свој живот.
– Социјалните медиуми нудат платформа и можност кој било да стане создавач на мислење и дистрибутер на информации и дезинформации од различен тип. Од една страна, распространетоста на интернетот и на социјалните медиуми овозможи луѓето многу послободно да комуницираат и да се вмрежуваат. Очекувано е појава од ваков невидено голем обем да донесе и несакани последици од типот на широко распространетите дезинформации. Социјалните мрежи се медиум и сами по себе не се причина за таквото однесување. Но, поради нивниот формат и опфат, овозможуваат однесувањето од каков било тип да биде посведочено и достапно од значително голем број луѓе – објаснува Смиљаноски.
Аслимоски вели дека денес информацијата и способноста за нејзиното ширење преставуваат специфичен вид сила што станува содржина на човековото живеење. Обичниот човек е доведен во ситуација да не е во можност сам да проверува што е реално, објективно и вистинито, а што е невистина и измама во она што се рекламира, пропагира и се пласира како информација во социјалните мрежи.
– Таа шума од информации наместо да ни ги зголеми можностите за избор и слобода во однесувањето, може да ни го зароби умот. Информациите што се шират во современиот комуникациски простор до тој степен влијаат врз свеста за нештата што нè опкружуваат, што блиску е времето кога треба да се започне со конституирање нов систем за „заштита“ од лажни вести и пропаганда и други информации – дециден е тој.
Мора да учиме да навигираме низ информациите
Социјалните мрежи секојдневно исполнуваат значајна содржина од нашиот живот, а присуството на лажни вести во секојдневните комуникациски процеси е ограничувачки фактор во развојот на слободата, демократијата, творештвото и други вредности на средината во која треба да се развива индивидуата и општеството, вели Аслимоски. Станува збор за нова појава предизвикана со револуционерниот развој на информатичките технологии, за која допрва треба да се бараат конзистентни решенија за справување со нив.
– Од една страна, потребна е посветеност во развивањето на културата на комуницирање, разбрана како позитивна свест и потреба на поединецот и општеството за ослободување од лажните вести и како вештина за нивно препознавање. Од друга страна, обезбедување институционална поддршка изразена преку изградба на правни норми, институции и мерки, кои ќе овозможат соодветен институционален третман на лажните вести и нужна заштита на угледот, честа и достоинството и другите вредности на сите субјекти што се во опфатот со лажните вести. Ориентираноста на голем дел од социјални мрежи кон профит, заснован на кликнување (посетување дадена информација), ги прави да бидат ориентирани кон сензационалност во обликувањето на информацијата што многу често добива димензија и на лажна информација – вели Аслимоски.

На прашањето како овие состојби се врзани со образованието, медиумската писменост, проверка на факти за одредена информација, Смиљаноски вели дека сите се испреплетени фази на истиот процес што сè уште ја дефинира својата форма.
– Тековниот формат на образование е заснован на учење на факти. Создаден е во време кога луѓето не се шетале со компактни супермоќни компјутерски уреди во џебовите. Денес, сите ние преку нашите паметни телефони и интернетот имамe пристап до најголемата библиотека на светот (Гугл) и сме соочени со море од информации и дезинформации секој ден. За да се справиме со нив, образованието треба да оди во насока да навигираме низ информациите и да препознаваме патерни и наративи за соодветно толкување на тоа што ни се пласира – завршува тој.
Насловна фотографија: Министерство за одбрана





