Од пакосната забава на Олби кон кревката собиранка на Ристовски

Кон премиерата на „Круг“, според оригиналниот текст „Дамата од Дебјук“ од Едвард Олби, во режија на Јован Ристовски во Народниот театар „Војдан Чернодрински“ – Прилеп

Пишува: Звонко Димоски

Едвард Олби (1928-2016) се вбројува во елитната „Голема четворка“ на класични американски драматурзи, вклучувајќи ги тука уште и Јуџин О’Нил, Тенеси Вилијамс и Артур Милер. Неговата успешна кариера се протега на неколку децении, од доцните 1950-ти, па речиси до неговата смрт во 2016 година. Напишал речиси 30 драми, а неколку од нив се сметаат за светски класици. Како американски драматург и режисер кој работи во втората половина на 20 век, Олби најдобро може да се класифицира како дел од постмодерното движење во уметноста. Сепак низа критичари и театролози смета дека неговите рани драми припаѓаат на Театарот на апсурдот, иако неговиот светоглед и пишување никогаш не биле толку нихилистички и метатеатрални како на пример кај Семјуел Бекет, Ежен Јонеско или Луиџи Пирандело, од чии дела несомнено црпел инспирација.

Три од неговите драми, односно „Деликатна рамнотежа“, „Морски пејзаж„ и „Три високи жени“ ја имаат добиено Пулицерова награда, а неговата најпозната (и според многумина, воопшто не најдобра) драма, „Кој се плаши од Вирџинија Вулф?“, беше адаптирана во филм (1966) во режија на Мајк Николс, со Елизабет Тејлор и Ричард Бартон во главните улоги.
Неговите драми го прикажуваат пред сѐ истрајувањето на луѓето низ животот, и поголемиот дел од нив преполни се со детали од животот што тој го живеел и неговата потреба за разбирање на смислата и целта на сопствениот живот.
„Дамата од Дебјук“ е уште еден одличен пример, и текст, кој ја потврдува неговата способност да земе конзервативна театарска форма каква што е социјалната или семејната драма, и истата да ја направи опасна и непријатна, особено преку постојано одржаното темпо на остриот дијалог.
Во редица негови интервјуа и предавања, Олби постојано го парафразирал Шекспир за целта на пишувањето драми, односно целата на уметноста воопшто. Олби држејќи го огледалото пред општеството го прашува: „Дали ви се допаѓа тоа што го гледате? Ако не, зошто не го менувате?“
После гледањето на интерпретативниот предлог на Ристовски, наречен „Круг“, преведен и прилагоден од Лидија Митоска-Ѓеорѓиеска (ризикувам да заклучам дека исклучиво по сугестии на режисерот), ми се наметнува прашањето дали и на Ристовски не му се допаднало во целост тоа што многукратно прочитал, па решил да го опроба инстинктот на мајсторот Олби, и прилично да си поигра не само со изворниот текст (или пак неговиот недостаток), туку и со неколку препознатливи техники во речиси совршените текстови на Олби. Сметам, дека едноставно погрешил во проценката, и дека адаптираната форма губи наративно, визуелно, а пред сѐ, експресивно.

Доколку Едвард Олби нѐ кани на злобна забава со смртта на списокот на гости, во „Круг“ многу брзо се пренесуваме на кревка седенка, која да, се гледа пријатно, сработена е солидно, но тоа што го добиваме како гости е многу малку, не ги задоволува нашите страсти, нашите потреби за одговори, нашите желби за подобро разбирање на сопствениот живот (сепак се работи за Олби) итн., и го напуштаме театарот со мислата „Јак пак изгледа нешто не сконтав? Не, туку, или актерите не го разбрале режисерот, или пак, обратно, режисерот не ги разбрал актерите?“ Скоро сѐ е некако „помеѓу“: актерите, индивидуално многу добри, како група, претежно неубедливи; текстот напати толку осакатен (и често на погрешни места), што помислуваш зашто решено е да се остават некои реплики кои актерите едвај ги изговараат (или кога веќе се менува класичен текст, нека се актуелизира); сценографијата, нема потреба и да се споменува (иако убави се жолтите рециклирани фотелји), а толку многу неонки, не може да бидат театарско светло, неважно која метафора во преминот на дејствата ја исполнуваат. Да, знам, буџет? Но, што ми е гајле како гледач?
“Кој сум јас?” е прашањето кое ја чини првата текстуална линија во „Круг“. Прашање кое е вовед во мал, бучен приградски собир, кој веднаш зема полн замав. Прашањето го поставува Сем (одличниот Игор Трпчески, којшто конечно оваа сезона добил можност да изгради лик блиску до неговите можности), мажот на куќата, кој со нетрпение го дочекува својот ред во играта „20 прашања“.

Од почетните моменти на „Круг“, додека коктелите повторно се мешаат во домот на буржоаската двојка, јасно е дека гостите добиваат само трошки од тоа што би можело да се нарече забава. Границата меѓу вистината и илузијата во овој дел е мошне тенка и извиткана како предиво, и во поголемиот дел од дејствието, Ристовски, кој првично успеал добро да ги постави актерите/-те, набрзо сепак ги остава по тенката линија на „помеѓу“. Во текот на седенката многу од најкрволочните навреди кон гостите ги упатува домаќинка од пеколот, во овој случај тоа е терминален и многу болен рак во своите последни фази, вгнезден во телото на Џо. Централната вистина што демне над вечерта е самата смрт. Делот на илузијата? Тоа во основа е сè друго, вклучувајќи го пријателството, љубовта и секое солидно чувство за тоа кои сме, и што сме. И веројатно околу оваа поента осцилира „Кругот“ на Ристовски и Митоска-Ѓеорѓиеска.

Никој друг не сака да игра, а најмалку неговата сопруга Џо (многу уверливата Даниела Иваноска, која неколку пати блеснува навистина достојно), која се свртува кон публиката за да ја праша: „Зарем едноставно не мразите забавни игри? Тоа чувство несомнено го делат и другите парови кои се присутни, односно Едгар и Лусинда (Михајло Миленкоски и Наташа Ачански), кои се соседи на Сем и Џо, и долгогодишниот другар на Сем, Фред (доследно забавниот Димитар Црцороски), кој доаѓа со неговата најновата девојка Керол (Ангела Наумоска, чии способности за сочно „извитоперување“ на ликови повторно се покажа како погодено). И тука, пофалба за режисерот кој успеал заедно со Миленкоски и Ачански, според мене неправедно најпотценетите и најлошо искористуваните актери од ансамблот, да создадат дефинирани и убедливи креации. Ова го мислам пред сѐ за Ачански, чие издание овој пат, од актерски аспект, останува без замерки, како и за достојното играње на Миленкоски кое беше лишено од некојси „висечки“ страв, кој напати го забележувам кога истиот добива одговорни сцени.

Сепак, играта се одолговлекува, атмосферата станува млака и мачна, бидејќи почнуваат да се кажуваат непријатни работи, а гостите почнуваат да признаваат што навистина чувствуваат и мислат еден за друг. Што, за текст на Олби воопшто не е зачудувачко, бидејќи кај него, невозможно е да не се фати добар сеир, и колку е погорчливо, толку подобро. Но, мислам дека адаптираниот „Круг“ недоволно го исполнува тој наративен ефект од драмите на Олби.

На крајот на првиот чин (половина во Круг), кога сите ќе си заминат, пристигнува помош во неочекувана форма од двајца странци. Во тој момент мрачната, домашна комедија пробува да се пренесе во сферите на надреалното. Во сцената што е ехо на отворањето, втората половина започнува со уште една игра на погодување. Која е оваа мистериозна жена и кој е нејзиниот наконтен црн придружник? Прашањето „Кој си ти?“ добива сосема ново, но и очајно значење. Тоа е моментот кога Елизабет (Марија Спиркоска- Илијеска) влегува во придружба на Оскар, нејзиниот елегантен и елоквентен придружник, кој не случајно (тогаш за целите на некое прилично идиотски политичко бодување) е црн.

Дијалогот во изворниот текст, независно од атмосферата, секогаш е со беспрекорно темпо, а тука, поради постојаното ехо станува мачен, а ехото и покрај потребата да донагласи значенски моменти, или пак, за миг да направи Сем реално да се исплаши од Дамата и од Оскар, почнува да има обратен ефект, односно станува дури и непотребно.
Елизабет подоцна ќе објасни дека таа е мајката на Џо од Дубјук, изјава што не е во корелација со ништо што некој знае за Џо. Сепак, со нејзиниот тивок, заповеднички начин Дамата во оргиналниот текст ја презема куќата, потпомогната секако од зајадливиот Оскар. А во Кругот, епилогот, наместо моќен, остава млак впечаток, а креацијата на Спиркоска-Илијеска речиси незабележана, и не затоа што е лошо одиграна, туку затоа што целиот лик и сцена е лошо, и адаптирана, и поставена.

Наративниот дел на оргиналната „Дамата од Дубјук“ е своевидна алегорија. Се работи за тоа што се случува кога ќе се појави смртта, и како сите стануваме најпроклети/најглупави, само за да ја отфрлиме или барем да се преправаме дека ја нема. Симболичката структура на изворниот текст е толку комплексна, што можеби затоа режисерот не успеа целосно да одвлече вниманието на гледачите, а ликовите во „Круг“ да не бидат следени како упориште на симболичната напластеност, туку како обични додатоци на индивидуален театарски концепт, кој како да не успеал да ја дозаокружи својата, веројатно иницијална замисла, на универзализам во страдањето и смртта, односно дека тоа е вид на драма која ќе го допадне секого, дека нема бегање од замката, посебно кога се вртиме во круг. Но, дали искуството на страдањето и смртта се универзални концепти? Сметам, дека не.

Дамата од Дубјук очигледно е ангелот на смртта, а не самата смрт. Сем, токму така ѝ се спротивставува, како на ѓаволот, како на сатаната, додека пак свиената до болка Џо ја прифаќа нејзината топла мајчинска, ангелска прегратка. Додека уништениот Сем очајно повторно бара да го дознае вистинскиот идентитет на Елизабет, таа ја завршува претставата со репликата: „Зошто, јас сум дамата од Дубјук. Мислев дека знаеш. [конечно кон публиката] Мислев дека тој знае“. Пишувам конечно, зашто во изворниот текст Сем, Џо и Елизабет, своите прашања ги упатуваат кон публиката, а не кон себеси или своите гости.
Што се случува? Тука, за разлика од Олби кој не дава лесен одговор (туку текст во којшто ништо не е решено, а публиката има можност да донесе свој заклучок), Ристовски, иако правилно заклучил, сепак многу неубедливо ја доловил всушност метафората за цивилизацијата во распаѓање, односно свет во кој пријателството е бесмислено, зборовите како „слобода, љубов, мајка“ се отфрлаат како обична семантика и каде мистериозниот натрапник забележува дека „ние сме премногу збунети за да преживееме“.
На почетокот на 1980-тите, „Дамата од Дубук“ е повлечена од Бродвеј само по 12 изведби. А колку изведби ќе успее да истрае „Круг“, односно следниот, од редицата обиди на млади македонски режисери/-ки, за она што јас љубам да го нарекувам „кревок Бродвеј“, ќе треба да се почека следната театарска сезона.
Нели Театарот е Колектив, а националните Колективи во лето одат на заслужен долг летен одмор.

Ставовите на колумнистите се лични и редакцијата на Умно.мк не секогаш се согласува со нив.

Сподели