Уметницата Христина Иваноска завчера во Националната библиотека на Косово во Приштина го изведе својот перформанс „Документот што недостига: Перформанс бр. 6 (Ќерка)“ во рамките на 14. издание на „Манифеста“. Изложбата позната и како Европско номадско биенале е една од најпрестижните манифестации од областа на ликовните и мултимедијални уметности. Основана на почетокот на 1990-тите години, таа секоја втора година ја менува локацијата.
Иваноска се претстави со дел од своето долгогодишно истражување „Документот што недостига…“ почнат во 2014 година. Во перформансот број. 6 таа се осврнува кон Роза Плавева родена во 1878 година во Велес, а починала во 1970 година во Белград. Таа сиот свој живот го поминала како борец за правата на жените и работниците. Иваноска ја претставува како македонски пандан на Роза Луксембург.
– Дали може Плавева да биде оживеана како историска фигура? Дали може повторно да го добие својот глас? Посвојувајќи го ликот на Плавева, уметницита повторно создава ситуцаии и документи преку перформанси, фотографии, објекти, дела од текстил, цртежи и типографија, Инсталацијата на Иваноска се осврнува на чувствителноста на истражувањата во отсуство на материјални докази, нејзиниот перформанс се фокусира на друга точка, приказната зад политичкото прогонство на Надежда, ќерката на Плавена – пишува во кусиот опис на проектот.
Уметничката практика на Христина Иваноска (1974, Македонија) вклучува теми од областа на потиснување, контрола и оформување на колективната меморија и е поврзана со женските стратегии на отпор и политики. Од 2000 година таа соработува со уметникот Јане Чаловски, а заедно во 2015 година ја претставуваа Македонија на Венециското биенале за ликовна уметност. Во 2004 години Иваноска и Чаловски го ко-основаа „Прес ти егзит проџект спејс“ – платформа за уметнички истражувања и кураторски практики. Во моментот Иваноска е на докторски студии на Академијата за убави уметности во Виена.
Насловна фотографија: Соња Ставрева / Од перформансот во рамките на „Скопје прајд 2022“ во МСУ, Скопје





