Ентони Дод Ментл, кинематограферот на „Догвил“, лауреат на „Браќа Манаки“

Тој се смета за пионер на дигиталната камера, првиот кинематографер што добил „Оскар“ за филм снимен со дигитална камера

Британскиот кинематографер Ентони Дод Ментл е лауреат на 43. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ кој годинава се одржува порано од вообичаено, од 20 до 27 август во Битола. Годинава фестивалот ќе трае осум дена, а селектирани се 14 играни филмa, 12 во кратката програма, се враќаат документарната и студентската програма, a во Битола ќе допатуваат гости од светски академии за филм, најавија на денешната прес-коннференција организатприте на фестивалот.

Ентони Дод Ментл се смета за пионер на дигиталната камера, првиот кинематографер што добил „Оскар“ за филм снимен со дигитална камера.
– Тој е снимател на филмовите на Ларс фон Трир, на Дени Бојл, на бројни холивудски филмови. Сестран кинематографер со документарни остварувања на дигитални долгометражни, краткометражни филмови. Како и браќата Манаки, Ентони Дод Ментл е вистински пионер во својата област. Тој ќе ни биде гостин во Битола, ќе ја прими наградата – симбол на нашиот фестивал – рече Симеон Мони Дамeвски, директорот на ИФФК „Браќа Манаки“.

Симеон Мони Дамeвски

Селекторот на долгометражната програма, Слаѓан Пенев, информираше дека годинава се селектирани 14 филма. По две или три прокеции во една вечер се предвидени во Домот на културата во Битола.
– Се надевам дека публиката ќе биде задоволна од изборот. Ќе го имаме она што е најдобро годинава во кинематографијата. „Тркалото на среќата и фантазијата“ од Рјусуке Хамагучи би го издвоил, канскиот победник „Триаголник на тагата“ исто така ќе биде прикажан во Битола и шпанскиот филм „Алкарас“ кој е добитник на „Златна мечка“ во Берлин – истакна Пенев.

Слаѓан Пенев

Селекторката на документарната програма, Кумјана Новакова, рече дека „Браќа Манаки“ е многу важен фестивал за виталноста на нашето општество. Ккако фестивал со најдолго искуство и традиција има посебна одговорност да биде простор на промени и на креативна храброст.
– Овие два концепта го дефинираат и програмскиот дел на документарната натпреварувачка програма оваа година. 70 отсто од документарната селекција ја потпишуваат жени, а женскиот сензибилитет отвора нов израз и претставува промена на традицијата со која сакаме да раскинеме. Од друга страна простори на креативна храброст затоа што со селекцијата влегуваме во доку-фикцијата и на хибридните филмски јазици – рече Новакова.

Кумјана Новакова

Таа ги издвои „Три минути продолжување“ и „Фабриките на работниците“, а соопшти и дека жирито на документарната програма е составено од жени.

Според Марија Апчевска, селекторка на кратката програма, фокусот е ставен на кратки филмови кои имаат извонредна фотографија, бидејќи кинематограферот е значаен за наративот филмот. Селектирани се 12 филма од цел свет.
– Особено ми е задоволство што се избрани филмови снимени од кинематограферки, бидејќи тоа е поле каде сè уште доминираат мажите. Имаме и домашни македонски филмови, традиција што ја негуваме во сите програми. Тоа се филмови кои веќе биде на светски фестивали, наградувани се, но и имаме нови гласови, филмови на режисери и кинематографите чие време допрва доаѓа, а тие во Битола ќе уживаат на нашиот фестивал – истакна Апчевска.

Марија Апчевска

Ѓорѓи Пулевски, селектор на студентската програма, рече дека годинава педесеттина студенти од повеќе светски академии за филм доаѓаат во Битола и ќе присуствуваат на мастер-класовите, проекциите… Тој со задоволство го најавуви враќањето и надградувањето на студентската програма наречена „Први чекори“.
– Тоа е визија на фестивалот кој е една појдовна точка на младите кинематографери. Им даваме елан, инспирација и препознавање на нивниот квалитет и талент. Ако претходно студентската програма имаше регионален карактер, сега е проширена. Втората поважна промена е трансформацијата на студентската програма од ревијален во натпреварувачки карактер – рече Пулевски.

Ѓорѓи Пулевски

Во оваа програма избрани се 18 филмови од 17 земји од најголемите филмски академии во Лондон, Виена, Полска, Чешка, Минхен, Мадрид итн. Ќе одлучува интернационално жири, а најдобриот кинематографер ќе добие „Кристална камера 300“.

Наслова фотографија: Извор Youtube

Сподели