„Галичка свадба“ започна во чест на Александар Сариевски

Со концерт посветен на 100 години од раѓањето и 20 години од смртта на Александар Сариевски, синоќа беше отворена манифестацијата „Галичка свадба“. Десетина пејачи на народна и забавна музика му оддадоа почит изведувајќи народни песни по кои беше познат Сариевски. Во живописниот Галичник, на падините на планината Бистра, викендов се одржува 48. издание на автентичната културно-сценска манифестација. За галички зет и невеста оваа година се избрани Илчо Димитров и Елена Дуровска, а карактеристично за годинешната манифестација е што покрај нив, во црквата „Свети Апостол Павле“ во ист ден ќе бидат венчани и Искра Блажевска и Марко Бекриќ, додека Марија Крстевска и Владимир Черепналковски ќе го кажат судбоносното „да“ во Галичник на 28 август.

Свадбените активности традиционално ќе почнат вечерва во 19.30 часот со поставување на свадбарскиот бајрак и симболичниот чин на „фрлање три пушки“ од куќата на зетот. Потоа ќе бидат изведени свадбарските ритуали – „пречек на топаните“, свекрвата ќе го одигра свекрвиното оро, а членовите на „Фолклорни бисери“ од Скопје ќе го одиграат орото „Тешкото“. Исто така, на платото пред опеаната чешма Упија ќе бидат одиграни „Невестинското“, „Манукот“ и други ора. Венчавањето на младенците ќе се изврши в недела, 17 јули, во храмот „Св. Апостоли Петар и Павле“, а свеченоста ќе заврши со чинот на испраќање на тапанџиите и зурлаџиите.

Покровител на Галичката свадба е претседателот Стево Пендаровски, а еден од традиционалните поддржувачи на манифестацијата е Министерството за култура.

-Галичката свадба е повеќе од традиција, повеќе од културно богатство, од адет, од наследство. Галичката свадба е идентитет. За восхит е гордоста на галичани на своите корени, на своите семејни стебла, на својот Галичник. Нивната печалбарска историја, која од колено на колено се прераскажува за да не се заборави, е драгоцен запис од македонското минато. Препознавајќи ги трудот и љубовта што се вложуваат за зачувување на оваа уникатна традиција, со Институтот за фолклор работиме на елаборат за зачувување и заштита на галичките свадбени обичаи, со што Галичката свадба и нејзините обичаи, за првпат во нивното шеесетгодишно манифестациско постоење, ќе ја добијат заслужената институционална заштита“, изјави министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.

0Многу сме среќни што интересот на младите за учество на Галичката свадба од година во година се зголемува, што покажува дека традицијата и народните обичаи остануваат темел на нашиот колективен идентитет и вредности. Конкретно, оваа година се пријавија пет двојки, од кои три во целост ги исполнија пропишаните критериуми, по што организацискиот тим одлучи на сите нив, на најдобар можен начин, да им даде можност да учествуваат во годинешната манифестација – објасни претставникот на организацискиот тим на Месната заедница Галичник, Александар Костиќ.

Инаку, годинешниот галички зет Илчо Димитров во текот на свеченостите ќе ја носи личната народна носија на легендарниот Александар Сариевски.

Сподели