Пишува: Трајче Кацаров
Еден ликовен критичар му се обратил на Ван Гог – големиот холандски сликар:
– Во природата никогаш не сум наишол на боите што ги има во вашите слики.
Ван Гог му одговорил:
– Го сликам она што јас го гледам, а не тоа што вие го гледате. Природата не се соблекува за секого.
На таква забелешка поетот Бранко Миљковиќ, претпоставуваме, би одговорил со стихот. „Како нежна реч да забодеш во дебелео уво.“ Нема да згрешиме ако кажеме дека токму оние со дебелите уши, со ушите во кои не можат да се забијат разбирливите зборови, зборовите што ѝ прават реверанс на вистината, што извираат од душата на човекот, стануваат единствените одговорни за сите зла за кои тврди човековата историја. Светот најмногу страдал, страда и ќе страда од дебелите уши. Не случајно поетот Бранко Миљковиќ ќе напише: „Кој не ќе слуша песни, ќе слуша бури.“
Пред некој ден на социјалните мрежи прочитав како еден му благодари на Господ затоа што не е писател, затоа што Господ не го обдарил да ги буди чувствата кај луѓето со искрени зборови. Смета кутриот дека во времето во кое живееме, во времето во кое е загрозен нашиот идентитет, нашето постоење, писателите, сеачите на зборови, се најмногу повикани да реагираат. Ги прекорува писателите, но ниту нив, ниту самиот себе се прашува, која е причината на нивниот молк.
До колку јавно го поставеше прашањето, не ќе ни беше тешко да му одговориме. Само по себе прашањето дава можност за повеќе одговори. Нашите одговори би биле само субјективна перцепција на стварноста.
Еве неколку одговори на прашањето – зошто писателите молчат:
– Молчат зашто вистината ги смета за недостојни да се соблече, односно да им се претстави.
– Молчат зашто патат од миопија. Не гледат подалеку од носовите. Од носовите со кои прецизно можат да ја намирисат трагата која ги води до спокоен живот.
– Молчат зашто тапите пера тешко се забиваат во целта.
– Молчат зашто се пленици на меркантилниот живот.
– Молчат зашто се клети трговци. Ги продаваат зборовите на партиите. Па наместо да му служат на народот, им служат на партиски интереси.
– Молчат затоа што еднаш побарале виза за пат околу светот од туѓа земја.
Во пиесата на Чехов „Вујко Вања“, убавата Елена Андреевна во разговор со Софија Александрова – Соња, прво ја прашува: „Знаеш ли што е талент?“ А веднаш по прашањето ѝ објаснува: „Смелост, слободна глава, широк замав, тоа е талент“
Постои и таква пракса, на некои прашања да се одговора со прашање: Имаат ли смелост, слободна глава и широк замав, нашите писатели?





